Актуелно

Работа од дома: Привремена потреба или трајно решение

25 ное 2020

Рестриктивните мерки што ги воведоа дел од земјите во борбата против ширењето на вирусот ги принудија работодавците целосно да го променат начинот на организација на работа. Како тоа ќе се одрази врз компаниите, вработените и вкупната економија?

Пишува: Сунчица Стојановска-Зоксимовска, sunchica@instore.mk

За да се спречи неконтролирано ширење на пандемијата во работните простории, илјадници работодавци низ светот ги испратија вработените да ги завршуваат работните обврски од дома (или од далечина). Рестриктивните мерки што ги воведоа дел од земјите во борбата против ширењето на вирусот ги принудија работодавците целосно да го променат начинот на организација на работа. Овој процес, кој на почетокот беше непријатен за повеќето вработени, за кратко време се наметна како нужна потреба. По почетното приспособување, како на компаниите така и на работниците, сè почести се повиците работата од дома да продолжи и откако ќе заврши пандемијата - секако, за оние дејности што можат да си го дозволат тоа.

Македонските компании срамежливо, и се чини по малку принудно, фаќаат приклучок кон светскиот тренд за работа од далечина. Освен за фирмите од ИТ-технологијата, за останатите ваквиот начин на работа предизвикува дилема од аспект на тоа за кои сектори би одговарал и колку ќе биде успешен. Анкетата што ја спроведе Сојузот на стопански комори на Македонија (во кој членуваат над 24.000 главно микро, мали и средни претпријатија), покажа дека 80 отсто од компаниите немаат можност да ја вршат својата работа од дома или онлајн. Од овие 80 отсто, на прашањето дали бараат алтернативен начин за остварување на нивната дејност, 70 отсто се изјасниле дека не е можно да ја вршат нивната дејност на алтернативен начин, 19 проценти од нив бараат алтернативни начини, а 11 проценти не бараат друг начин. Истражувањето на Сојузот на стопански комори покажа и дека поради кризата предизвикана од Ковид-19, претприемачите генерално се соочуваат со намален обем на работа и со големи штети во работењето, а голем дел од нив не се во можност да се задолжуваат со нови кредити на веќе постојните за да ја пребродат кризата. Засега, најголем процент од нив сè уште не го намалиле бројот на вработени, но дури 46 проценти се изјасниле дека планираат да го намалат бројот на вработени доколку немаат ликвидност и средства да ги исплатат платите и трошоците. Засега ова е единствена јавно објавена анкета кај нас за ставовите за работењето од дома.

Во соседна Србија, пак, бројот на граѓани што ги напуштија канцелариите е трипати поголем отколку пред избивањето на пандемијата. Според тамошните истражувања, во 2019 година околу 134.000 работници работеле од дома. Овој број во април 2020 година, во првата фаза од пандемијата, се искачи на 40.000 граѓани, што опфаќа 15 отсто од вработеното население.

Работењето од дома да се преточи во закон

Во Македонија нема конкретен закон што би ги регулирал правата и обврските при работење од далечина. Според постојната законска регулатива, „како вршење работа дома се смета работа која работникот ја врши во својот дом или во простории по свој избор што се надвор од деловните простории на работодавецот“.

Вака гласи членот 50 од Законот за работни односи, во чиј втор став се додава: Со договорот за вработување со вршење работа дома работодавецот и работникот можат да се договорат работникот да ја врши работата што спаѓа во дејноста на работодавецот или која е потребна за извршување на дејноста на работодавецот дома. Правата, обврските и условите кои зависат од природата на работата дома се уредуваат меѓу работодавецот и работникот со договорот за вработување.

Според истиот овој член, работникот има право на надомест за употребата на своите средства за работа од дома, а висината ја определуваат работодавецот и работникот во договорот за вработување. Законот за работни односи не предвидува права на вработени во време на пандемија, но Владата донесе Уредба со законска сила за примена на Законот за работните односи за време на вонредна состојба.

Од Министерството за труд и социјална политика велат дека работат на донесување нов системски закон за работни односи кој треба да биде донесен и да почне да се применува наредната година. Постојното законско решение е донесено во 2005 година и досега има претрпено 24 измени.

По доаѓањето во Министерството за труд и социјална политика и консултациите со сите претставници на трипартитниот социјален дијалог, работодавците, работниците претставени преку репрезентативни и нерепрезентативни синдикати, со вклучување и на невладиниот сектор, активирана е работната група која веќе работи на овој закон. Пандемијата на Ковид-19 наметна нови услови кои треба да бидат вградени во законското решение. Тоа е, пред сè, работата од далечина или од дома, како нов облик кој не беше регулиран во сегашниот закон. Тука влегува и регулирање на породилното отсуство, флексибилно работно време, должина на договори на определено, сезонска работа, ваучери за сезонски работници, изјави Јагода Шахпаска, министерка за труд и социјална политика.

Во работата се вклучени и домашни и меѓународни експерти оти во законот ќе бидат вградени стандардите на Меѓународната организација на трудот.

Светски искуства

Правото на постојана работа од дома би можело од оваа есен да биде со закон заштитено во Германија. Грција, Ирска и Шпанија интензивно работат на тоа, со тоа што Шпанија веќе донесе одлуки кои им овозможуваат на вработените признавање на трошоците за работа од дома. Слична намера има и во Хрватска, каде што се дискутира за воведување во закон категорија работа од далечина, со два модуса – како привремена или како постојана работа.          

Холандските власти отидоа чекор понатаму - најавија дека ќе им понудат бонус од 363 евра на вработените што работат од дома, сметајќи од март кога беше воведен карантин во таа земја. Со тоа компаниите ќе им плаќаат на вработените за потрошните работи - на пример, чај, кафе или тоалетна хартија, греење, струја, вода, кои во нормални услови би ги трошеле на работа, на сметка на работодавецот.

Запрашани кои се најголеми придобивки од работата од дома, анкетираните низ светот сметаат дека тоа е заштедата на време што го поминуваат на патот до работа, а голем дел од нив како предност ја наведуваат подобрата концентрација и фокусираност, како и поголема флексибилност. Најголем проблем со кој се соочувале била осаменоста, а потоа и фактот што немаат ограничено работно време кога работат од дома.

Перица Вичишки, „Атлантик трејд“ 

Превентивната работа од дома се покажа како многу ефикасна

За тоа како се снаоѓаат компаниите што веќе работат од далечина, за InStore раскажа Перица Вичишки, генерален директор на „Атлантик трејд“

Кога „Атлантик трејд“ воведе работа од дома и кои беа причините за таквата одлука? До кога ќе трае овој начин на работење? Колку работници (од вкупниот број вработени) ја користат оваа можност и дали таа е достапна за сите сектори во компанијата?

Благодарение на високото ниво на дигитализација на сите процеси, од вкупно 5.500 вработени во системот на „Атлантик група“ над 1.800 продолжија редовно да работат од дома. „Атлантик трејд“, како дел од системот на „Атлантик група“ за сопствена дистрибуција за пазарот во Македонија, исто така беше опфатен од оваа одлука. Тоа се главно вработени во таканаречените функции за централна поддршка. Исто така, вработените според личните потреби имаа можност да се определат за опцијата чување дете до 12-годишна возраст, а воведено беше и платено вонредно отсуство за вработените што не беа во можност редовно да ја извршуваат својата работа. Со оглед на тоа што епидемиолошките ризици сè уште постојат, сигурно е дека превентивната работа од дома ќе продолжи до крајот на годината. Активно го следиме развојот на ситуацијата, ги слушаме препораките на националните штабови и се обидуваме не само да ги спроведуваме пропишаните мерки за заштита кои ги применуваме на сите пазари и локации, туку и да дејствуваме проактивно во нашето опкружување, бидејќи имаме наши кризни штабови кои носат одлуки врз основа на моменталната состојба на секој од пазарите. Навремено обезбедивме опрема за заштита (маски, ракавици, костими каде што е потребно), што се применуваат според јасно дефинирани и за сите достапни упатства за употреба, со редовна и честа дезинфекција на сите простории и погони, со посебни упатства и организација на работата на луѓето на терен и со нашата добра организација на дистрибуција обезбедивме редовно снабдување на продавниците и достапност на нашите брендови до сите наши потрошувачи, без оглед на сите досегашни предизвици.

Од Ваш аспект, кои се предностите, а кои недостатоците на работењето од дома? Дали и државата треба некако да се вклучи во овој дел, на пример, преку конкретна помош или подобра законска регулација токму на ова прашање?

Превентивната работа од дома не е идеална, но се покажа како многу ефикасна и успеавме сите процеси каде што е можно да ги префрлиме на мрежна работа без прекини. Нашиот ИТ-сектор започна со дигитализација на нашите деловни процеси уште пред неколку години, така што веќе бевме технолошки подготвени за овие предизвици. Зачувавме добра епидемиолошка состојба во компанијата, што е најважно и е приоритет за во иднина, исто како и одржливо работење на компанијата.  Бидејќи „Атлантик група“ е финансиски стабилна и во 2020 година влеговме со одлични резултати, во моментов успешно се справуваме со нарушувањето во работењето на компанијата, но и со проблемите на пазарот предизвикани од пандемијата на Ковид-19 и во поширокото опкружување. Стабилната финансиска позиција, оптимизацијата на деловните процеси и квалитетното стратегиско управување ѝ овозможија на „Атлантик група“ да ја одржи сигурноста на работните места, активно да се вклучи и во помагањето на заедницата во борбата против коронавирусот и да ги одржи резултатите со минимални негативни последици. Исто така, на ниту еден пазар не користевме помош од државата.

Како ковид-кризата се одрази врз работењето на „Атлантик трејд“?

Не само што успеавме да обезбедиме редовно снабдување, туку македонскиот пазар уште во првите девет месеци забележа раст на продажбата, благодарение на сопствените брендови и на принципалите. Нашите сопствени брендови постигнаа раст во речиси сите категории, со тоа што Argeta водеше во сегментот на деликатесни намази, Grand kafa во сегментот кафе и Smoki во категоријата флипс. Кај принципалните брендови најголем раст оствари Ferrero, како и новите принципали Beiersdorf и Ficosota.

Габриела Кулабанова, потпретседателка на Сојузот на стопански комори

Приспособувањата бараат поголеми инвестиции

Овие процеси треба да бидат проследени и со измени на законската регулатива, пред сè, на Законот за работни односи во кој треба да се даде правна рамка за регулирање на работата од далечина

Здравствено-економската криза ја интензивира идејата за работата од далечина која може да значи заштеда на простор и режиски трошоци, трошоци за паркирање и транспорт до работното место, заштеда на потрошувачката на гориво, намалување на метежот во сообраќајот. Вработените имаат корист од флексибилното работно време и поминуваат повеќе време со семејството. Но, сепак, не може да се каже дека овие придобивки значат неограничена примена на овој начин на работа.

Анкетата што ја направи Сојузот на стопански комори на Македонија пред неколку месеци покажа дека голем процент од претпријатијата што се негови членови, односно 65 отсто, применуваат делумна работа од дома, додека целосната работа од дома е многу малку застапена кај 3 отсто, и тоа најчесто деловните субјекти кои се занимаваат со информатичко-компјутерска технологија. Останатите што се активни во секторите како градежништво, трговија, дистрибуција, производство и слично, поради природата на работата, не се во можност да ги извршуваат работите од дома, или пак тоа е можно на некој пократок рок за дел од работните активности, но долгорочно е неодржливо и може да го доведува во прашања одржувањето на нормалниот тек на деловните активности.

Пандемијата на Ковид-19 наметна нови услови кои треба да бидат вградени во законското решение. Тоа е, пред сè, работата од далечина или од дома, како нов облик кој не беше регулиран во сегашниот закон.

Но и претпријатијата што се занимаваат со дејност која би можела да се извршува од далечина, односно од дома, бараат приспособување, преку воведување нови технологии, дигитализација на работните процеси, обука за користење на новите начини на работа. Тие промени и приспособувања бараат поголеми инвестиции и осовременување, што тешко може да се направи преку ноќ и кога не станува збор за кризни услови, како што е сега кога имаме пад на сите економски показатели. Овие процеси секако треба да бидат проследени и со измени на законската регулатива, пред сè, на Законот за работни односи во кој треба да се даде правна рамка за регулирање на работата од далечина, за да се создадат однапред дефинирани услови за работодавците и за работниците. За претпријатијата што не можат да функционираат со работа од далечина важи препораката за строго почитување на протоколите за заштита од ширење на вирусот.

 

 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...