Актуелно

Што мисли бизнисот - за и против етнички вработувања

21 Oct 2020

Министерот за економија Крешник Бектеши најави дека се разгледуваат неколку опции за следната година да се реализира посебната мерка владини субвенции за вработувања врз етничка основа. Нашите соговорници ги прашавме каков е нивниот став за тоа колку е (не)дозволиво власта да се меша во вработувањата во приватниот сектор, дали во земјава има доволно кадар за да се отвори ова прашање и кои би биле предностите и недостатоците доколку оваа посебна мерка биде донесена.

Разговараше: Данче Драгинова, danche@instore.mk

Владимир Глигоров, економски истражувач во Виенскиот економски институт

Претполагам дека ќе биде потребно Уставниот суд да го разгледа законот, доколку биде усвоен, а ќе биде тешко да се одбрани таков закон. Особено доколку се користат субвенции за да се вработуваат луѓе по етничка основа. Доколку таква мерка се оправдува со аргументи за позитивна дискриминација, тие најчесто не се применливи кога станува збор за пазарот на труд. Од причина што, барем во принцип, нема квоти или други квантитативни ограничувања на тој пазар. Проблеми на дискриминација, претполагам, има во државните служби, каде што постојат квантитативни ограничувања, квоти по различни основи, па можат да се користат и по етнички. Обично како секундарни во однос на меритократските.

Државата со прописи, па и со субвенции или даночни олеснувања, помага за вработување на млади, жени и инвалиди. Други можни дискриминации, па дури и по етничка основа, би требало да се исклучат со забрани и казни. Се претпоставува дека во приватниот сектор постои интерес да се вработат тие што најдобро ќе ја вршат работата, а евентуалните идеосинкратички ризици се тие што законот ги штити со права или субвенции. Етнички и други дискриминации се забранети.

Воопшто, субвенциите се лош инструмент од гледна точка на ефикасноста, но особено и како извор на корупција.

Прашањето дали во земјава има доволно кадар за воопшто да се отвори темата на етнички вработувања е комплицирано. Обично се греши мислејќи дека има или ограничен број на работни места или ограничен број на квалификуван кадар. Пазарот на трудот не функционира така. Колку работни места има зависи од тоа колку се инвестира, а во што се инвестира зависи од тоа за што е квалификуван трудот. Доколку во тоа би сакала да интервенира државата, би требало да инвестира и да вработува, односно да инвестира во школи или во дополнителни квалификации. Доколку има разлики на етничка основа во квалификациите, државата би требало да инвестира тие да се намалат или елиминираат.

Мислам дека зголемената корупција е најголем ризик. Тоа е проблем со сите такви мерки, особено доколку се размислува да се користат субвенции. Воопшто, субвенциите се лош инструмент од гледна точка на ефикасноста, но особено и како извор на корупција.

Арбен Абдурахмани, сопственик на „Везе Шари“

Мислам дека оваа мерка позитивно ќе влијае и ќе има добри ефекти. Ќе ги охрабри компаниите да создадат инклузивна атмосфера во нивните редови, што секако ќе влијае на подобрување на квалитетот на услугите што ги даваат. Нашата компанија и досега водела ваква инклузивна политика и вработува припадници од различни етнички заедници и тоа на сите нивоа на одговорност и управување. Се подразбира дека при изборот на кандидатите за вработување пропишаните критериуми за работното место мора бидат исполнети.

Ова не го разбирам како мешање на власта во приватниот сектор. Тоа е на доброволна основа и е поврзано со интересот на компаниите. Слични активни мерки за вработување на граѓани од различни категории се спроведуваат и сега. Според мене, оваа мерка е само уште една во низата и може да даде само дополнителен квалитет на целиот пакет активни мерки за вработување.

Ова не го разбирам како мешање на власта во приватниот сектор. Тоа е на доброволна основа и е поврзано со интересот на компаниите.  

Колку што имав можност да слушнам, се работи за охрабрување на компаниите таму каде што е можно да се отслика структурата на државата за вработување како и во јавниот сектор. Според моето дваесетгодишно искуство во водење бизнис, можам да кажам дека во Македонија генерално нема доволно стручни кадри. Уверен сум дека ваквите мерки може да придонесат за создавање стручни кадри во доволен број и нивно останување во државата.

Мислам дека сите политики и мерки што придонесуваат за еднаквост и за создавање еднакви можности даваат позитивен ефект. Сепак, би почекал да видиме како првично ќе биде креирана мерката, па потоа да разговараме за предностите и недостатоците.

Верица Мартиновска, генерален менаџер на „Кликер маркетинг“

Позитивната дискриминација е мерка што ја употребуваат многу влади во најразлични сектори и сегменти од функционирањето на општеството. Самото име кажува дека целта на овие мерки е да придонесат за позитивни промени, кои долгорочно ќе влијаат врз сфаќањата и однесувањето на луѓето. Ставовите околу позитивната дискриминација генерално се многу различни. Дали позитивната дискриминација за едни по автоматизам предизвикува негативна дискриминација на другите? Не би требало, доколку основните критериуми за нечие вработување останат исти и доколку припаѓањето на некој етникум е само дополнителен плус, но не и единствениот.

Верувам дека така и ќе биде. Сите ние сме во потрага по квалитетен кадар, без разлика од кој етникум е. Квалитетот треба да е единствениот критериум при нови вработувања. Доколку сакаме да одиме напред, нема простор за позитивна дискриминација ни според роднински и пријателски релации, ни според социјален статус, ни според полова и сексуална припадност, ни според различни етникуми.

Дали позитивната дискриминација за едни по автоматизам предизвикува негативна дискриминација на другите?

Ова е првенствено политичка мерка, а не економска. Токму тоа е и главната причина зошто сметам дека нема да има реални влијанија врз компаниите од приватниот сектор. Секако, како и од секоја мерка, па и од оваа одредени компании ќе почувствуваат бенефит, но сметам дека првенствено тоа ќе бидат компаниите што и без мерките вработуваат повеќе работници од малцинските етникуми.

Проблемот во (не)вработување работници од малцинските етникуми треба да се гледа двонасочно. Не само колку работодавците вработуваат од различни етникуми, туку и колку кандидатите се пријавуваат за работа во компании чија мнозинска структура е од друг етникум. Како и за секое друго прашање, треба да се работи на подигнување на свеста од двете страни, а тоа се постигнува со долгорочна стратегија, а не со еднократни субвенции.

Миле Бошков, извршен претседател на Бизнис-конфедерација на Македонија

Власта треба да се советува и да развива социо-економски дијалог со деловната заедница. Механизмите за дијалог се воспоставени, заеднички договорени и соодветни. Навистина не е јасно зошто е потребно дополнително да се влијае, особено да се врши притисок врз приватниот сектор, имајќи ги предвид сите мерки од оперативниот план за вработување,  кои се насочени кон сите категории граѓани и кон сите групи граѓани. Мора да истакнеме дека како бизнис-заедница сме запознаени и свесни дека нарушувањето на граѓанскиот концепт,  односно концептот на еднаквост на сите граѓани во нашата земја е кршење на одредби од Уставот и повреда во примената на Законот за работни односи. Токму Уставот, Законот за работни односи, Законот за спречување и заштита од дискриминација и Законот за заштита на конкуренцијата се границата што никако не смее да се премине.

А, дали во земјава има доволно кадар за воопшто да се отвори прашањето на етнички вработувања – токму спротивното: и да има доволно кадар, не смее никогаш да се отвори ова прашање. Во прашањето точно е составен концептот и одговорот, а тоа е кадарот! Општеството, државата, заедницата треба да има кадар, да создава кадар, а не припадност – етничка, родова, национална, расна итн. Најважно е да создаваме кадар низ процесите на образование, пракса, неформално образование, квалификации, преквалификации и советување. Тој кадар ќе биде постојан репрезент на сите социо-економски и ресурсни вредности на земјата.

Општеството, државата, заедницата треба да има кадар, да создава кадар, а не припадност – етничка, родова, национална, расна итн.

Општествата што ги сфатиле  придобивките од демократијата и суштината на еднаквоста добро знаат дека поттикнувањето предност создава нерамнотежа, незадоволство, несреќа и неприпадност. Затоа, сметаме дека оваа мерка нема предност!!!

Сепак, кај нас, во нашата земја, за жал, постојат примери на поттикнување предност. Ние, во Бизнис-конфедерацијата на Македонија, во оваа мерка препознаваме поттикнување/ фаворизирање на одредена група граѓани, а со тоа и на одредена група компании. На пример, што ќе се случи со претпријатието што по сопственичка и по структура на вработени припаѓа на група граѓани опфатени со мерката? Дали тоа значи дека нема да можат да вработат нови луѓе опфатени со мерката и со тоа да бидат дискриминирани, дали другите претпријатија ќе имаат предност или, пак, воопшто нема да можат да аплицираат за мерката? Дополнително, граѓани од етничка група што се вработени пред донесување на мерката, логично ќе станат дискриминирани во однос на невработените граѓани од истата етничка група. Претпријатијата што ќе вработат луѓе според предложената мерка стануваат нелојална конкуренција на другите претпријатија... Што се однесува до недостатоците на мерката, фактот што ќе се применува за одредена група граѓани, а не за сите групи,  е  катастрофален недостаток!



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...