Регионални самити

Одржан најбројниот FMCG самит досега во Србија!

21 дек 2015

FMCG-самитот, што магазинот InStore веќе втора година по ред успешно го организира во Белград, Сараево, Скопје и во Загреб, на 24 ноември го проследија многубројни учесници во преполната сала на хотелот „Краун плаза".

На FMCG самитот, InStore на едно место собра неколку стотици претставници на трговскиот сектор и на другите поврзани индустрии во Србија и во регионот. Дури 448 учесници од 141 компанија од Србија и од земјите од опкружувањето имаа можност да ги разменат деловните искуства и идеи и да остварат деловни контакти.

Програмскиот дел опфати презентации од 12 говорници во сегментите истражување, иновации, дистрибуција, приватни трговски марки и дисконтери, кои со учесниците поделија примери за добри практики.

Катерина Јакшиќ, директорка на агенцијата „Ипсос стратеџик маркетинг" – Србија, зборуваше за сегментацијата на потрошувачите како клучен елемент во стратегијата за пораст, додека Борислав Радојковиќ, директор на „Медиана", се осврна на разликата во купувачките навики на потрошувачите во Србија и во регионот. Во рамките на овој сегмент, на присутните им се обрати и Оља Лапчевиќ, специјалист за предпродажба во САП, која зборуваше за предностите од употребата на современите информациски решенија.

Во тематскиот блок за иновации, за силата на развојот зборуваа Саша Ќириќ, директор за маркетинг и за развој во „Фриком", и Горан Ковачевиќ, сопственик и генерален директор на трговскиот синџир „Гомекс".

Во продолжение на конференцијата стана збор за модерната дистрибуција и за ИТ-решенијата што придонесуваат за поефикасно и поекономично работење во овој сегмент. Искуствата и советите со присутните ги споделија Љубомир Бабиќ, директор за брендирање во компанијата „Делта ДМД", и претставници на компанијата „С & Т", генералниот спонзор на конференцијата, Иван Јаковљевиќ, раководител за продажба и Синиша Аврам, менаџер за бизнис-сегментот.

Следниот тематски блок беше посветен на силата и на развојот на приватните трговски марки. За резултатите од истражувањето, за застапеноста и за перцепцијата на приватните трговски марки зборуваше Андријана Булатовиќ, ЦСС груп акаунт-менаџер од агенцијата „Нилсен". Катерина Михаљчиќ, директорка за секторот свежа храна во компанијата „Меркатор – С", преку студија на случај покажа како е развиена приватната трговска марка Ukusi moga kraja,  додека Предраг Петровиќ, раководител за набавка и за маркетинг, зборуваше за ширината на асортиманот на приватните трговски марки во „дм дрогерие маркт".

Последниот говорник, Зенел Батагељ, претседател на „Валикон", зборуваше за развојот на дисконтите во светот и за промената што ја носат на новите пазари.

Конференцијата беше затворена со едночасовна тркалезна маса, со која модерираше Милан Ќулибрк, главен и одговорен уредник на магазинот НИН, а на која учествуваа Андреј Беле, генерален директор за кафето Grand, Споменко Џордан, комерцијален директор на „Универекспорт", и Саша Коленко, партнер и комерцијален директор на „АВТ интернационал" за производите од FMCG за Централна и за Источна Европа. Учесниците зборуваа за темите за кои претходно стана збор на конференцијата, и тоа од аспект на производител, дистрибутер и на трговец.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...