Работење

Клучот на успехот: Грешката не ве прави неуспешни

31 May 2019

Неуспехот се случува еднаш, двапати, трипати... Но тоа значи дека секојпат наоѓаме подобар и поразличен начин за решавање на проблемите и поинаков пристап кон нив

Пишува: Гордана Кадоиќ, Adria Corporate Education

„Во својата соба најдов одговор на прашањето кој е клучот за успехот? Плафонот ми рече дека амбицијата е висока, прозорецот ми рече - погледни го светот, часовникот -дека времето злато вреди, огледалото ми кажа: не суди му на никој според изгледот, вратата ми рече: турни силно за да ја достигнеш целта и на крај, подот додаде: остани скромен, ти си само човек“, Меша Селимовиќ.

Да не успеете во нешто што во своето срце сте го поставиле многу високо може навистина да ви ја разниша самодовербата. Природно е да чувствувате тежина, безволност, разочараност, демотивираност, дури и лутина, но клучот на успехот е да не останете потиштени откако сте доживеале неуспех.

Запомнете дека во животот работата не е во тоа што ќе ни се случи, што ќе нè крене или ќе нè фрли на колена – туку во тоа како ние РЕАГИРАМЕ на она што ни се случува.  

Кога ќе се случи неуспех, особено во работата, тоа може да биде многу тешко за сите нас... неуспехот редовно нè тера да се преиспитаме, да се прашаме дали сме поставиле добра цел, дали бевме реални, зошто го правиме тоа, која е целта....

Тоа што повеќето претприемачи и менаџери ги загрижува е што нашата околина го осудува неуспехот. Во развиените земји е сосема нормално да се згреши и за тоа нема осуда, но воспитани сте и да ја признаете грешката. На нашите простори тоа уште не е случај. За жал, бев сведок на ситуации некој да се радува на туѓиот неуспех, да бара грешка наместо да се фокусира на решение и затоа сме воспитани да ни е тешко да признаеме дека сме згрешиле бидејќи веднаш ни лепат етикета НЕУСПЕШНИ.

Секој неуспех всушност нè поткрева, а за тоа не сме ни свесни. Или нè тера на акција или нè задржува во статус кво, т.е. таму каде што во моментот сме, што значи да очајуваме над сопствениот неуспех и дека ништо не учиме од грешките, или донекаде сме свесни што се случило и настојуваме да научиме што повеќе од таквата ситуација.

Во нашата природа е сосема нормално да грешиме... неуспехот не нè дефинира кои сме, неуспехот не нè прави неуспешни...

Неуспехот се случува еднаш, двапати, трипати... Но тоа значи дека секојпат наоѓаме подобар и поразличен начин за решавање на проблемите и поинаков пристап кон нив.

Ако секојпат правиме една иста работа, неуспехот нè задржува на истото место, ништо не учиме и не напредуваме. Неуспехот нè кочи да му се спротивставиме на разочарувањето и нè спречува да се покажеме во целиот потенцијал.

Ако навистина сакате да успеете, особено во работата, учете од своите грешки.

На крај, можеме да заклучиме дека нема неуспех, постои само повратна информација и наш ИЗБОР како притоа ќе се однесуваме.

Еве неколку совети како полесно да поднесете неуспех:

1.Обидете се

Еден од најголемите лидери во историјата, Теодор Рузвелт, често велел: „Тешко е да поднесеш неуспех, но многу е полошо никогаш да не се обидеш“. Нема големи достигнувања без ризик, а каде што е ризикот, таму има и опасност од неуспех. Бидете подготвени за двете.

2. Прифатете неуспех

Прифаќањето на својот дел од одговорноста е клучно за незгодните ситуации да се претворат во нешто корисно, нешто од што може да се научи. Не барајте изговори и не обвинувајте други бидејќи од тоа нема ништо добро да излезе. 

3. Простете си

По прифаќањето на неуспехот, друг важен фактор е да си простите. Спознајте ги можностите што ве водат напред наместо да се фокусирате на негативните фактори. Сфатете го неуспехот како дел од собирањето искуство додека растете лично и професионално.

4. Искрено извинете се

Дел од прифаќањето на грешката е и искрено извинување кон оние што настрадале по ваша вина. Обидете се извинувањето да биде искрено и од срце, а не реченица од шаблон што ги слушаме секојдневно.

5. Ретроспективно учење

Ова е дел кој ве качува едно скалило повисоко. Детално проучете ги своите грешки, анализирајте и размислете кои фактори ве доведоа до неуспех. Клучно е да донесете одлука за следниот пат да ја избегнете истата грешка.

Во едно истражување на група луѓе им поставиле прашање кој период во животот им бил најтежок, а кој најзначаен. Психолозите се изненадиле откако 80 отсто од испитаниците одговориле дека еден ист настан им бил истовремено и најтежок и најзначаен.

Ова е листа со три најтешки и најзначајни животни случувања што луѓето ги сметаат за неуспех:

-Отказ од работа;

-Развод на бракот;

-Искуство со тешка болест.

Заедничко за сите е што тешкото животно искуство ги поттикнало луѓето да се преиспитаат себеси и своите уверувања, и тоа оние што ги ограничувале во напредокот.

Избирањето проактивен пристап и учење од грешки во нас создава енергија која нè турка напред. По првиот шок ќе сфатите дека сте многу посилни отколку што мислите и затоа храбро прифатете го предизвикот, приспособете ги своите цели и не откажувајте се лесно.

 

 

 

 

 

 

 

 

 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...