Работење

Актуелно: Ќе се отвори ли рампата за електронските картички?

20 Dec 2017

Модернизацијата на наплатните рампи и електронските картички за побрза и поефикасна наплата на патарината се тема што се актуализираше со најавата дека проектот ќе биде заокружен следната година

Приреди: Алма Растодер, alma@instore.mk

 

 

Повторно е актуелна најавата за модернизација на патарините, за која се зборува уште од 2010 година, а изградбата на патарините е почната од 2014 година. Проектот предвидува реконструирање, проширување и модернизирање на патарините на Коридорот 10, односно автопатот „Александар Македонски", но од предвидените пет (Петровец, Сопот, Отовица, Градско и Романовце) изградена е само патарината во Романовце. Со проектот освен изградбата на новите патарини предвидено е и изготвување на електронски картички. 
 
Ќе се обезбеди ли побрза и поефикасна наплата?
 
Откочувањето на овој проект, според неодамнешната изјава на директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Зоран Китанов, е направено со издавањето на дозволите за изградба на другите патарини, a се очекува проектот да биде заокружен најдоцна до крајот на следната година.
 
Според Китанов, новиот систем за наплата на патарина ќе овозможи побрза, поефикасна и потранспарентна наплата: Секој корисник ќе има увид кога и каде платил патарина користејќи уреди за наплата на патарина како бесконтактни паметни картички и микробранови транспондери (OBU). Уредите за наплата на патарина ќе бидат припејд и постпејд.
 
Перица Вичишки, директорот на „Атлантик трејд" се согласува со тоа дека електронското плаќање на патарините ќе го олесни работењето на дистрибутивните компании. Гледано од нашето искуство во регионот, многу побрзо ќе се поминуваат наплатните рампи и нема да има потреба од готовина, бидејќи сè ќе биде однапред средено и платено. Секако, олеснителна околност за однапред платените средства треба да биде попустот. Воедно, ние сме постојано на пат, со голем возен парк, така што не треба да бидеме во иста категорија со оние што поретко ги користат патарините, објаснува тој.
 
Според најавите на Китанов и во согласност со член 7 од Одлуката за висината и начинот на наплата на надомест за употреба на пат (патарина) најавен е попуст од 10% на износот од еднократно задолжување.
 
Половична модернизација
 
Уште еден предизвик во реализирањето на проектот е половичната модернизација, односно со проектот се опфатени патарините на Коридор 10, додека наплатата на автопатот „Мајка Тереза" останува по старо. Исто така, потребна е корекција и на софтверот, каде што треба да се додаде и можноста за готовинско плаќање. Китанов истакна дека е во тек анализа за модернизирање и на системот за наплата на патарини на Коридорот 8, но потребно е обезбедување и на финансиски средства за негова реализација. 
 
Проф. д-р Зоран Кракутовски, од Градежниот факултет во Скопје, смета дека модернизацијата ќе овозможи побрз и поефикасен начин за наплата на патарини и побрз проток на наплатните станици, но во поглед на модернизацијата на само еден коридор Кракутовски вели: Системот за напата на патарини кај нас е т.н. отворен систем кој нема поврзаност со тоа дали е поставен само на Коридорот 10 или и на Коридорот 8. 
 
Од аспект на предизвиците што компанијата би ги имала, Вичишки смета дека половичната модернизација воопшто не е практична и дека ќе бара зголемување на вработените во администрација.
 
Наплата по помината километража
 
Од ЈПДП најавија дека наплатата за возењето по автопатиштата ќе се пресметува според поминатата километража. За ова не се дадени повеќе детали, но се поставува прашањето дали се потребни дополнителни наплатни рампи и трошоци, ако се земе предвид и состојбата на автопатиштата. Проф. д-р Кракутовски поаѓа од тоа дали воопшто треба да се наплаќа патарина и која треба да биде висината на тој износ?
 
Потребно е да се примени правична методологија во дефинирање на износот на патарините, која може да се воспостави преку подетални студии и анализи за наплатата на патарини и други давачки во транспортните системи, но да се земе предвид и стандардот на населението во државата и користењето на автопатиштата, истакна Кракутовски.

Проектите во кои се вклучува модернизација на тоа што се нарекува јавно добро, секогаш се добредојдени и треба да носат придобивки за сите корисници на тоа добро. Во поглед на модернизацијата на патарините и воведувањето на електронската наплата на патарините, потребна е реализација на уште неколку значајни чекори за таа конечно да се финализира. Сепак, останува потребата од дополнителна и детална анализа за висината на патарината и наплатувањето по поминат километар.

Вичишки: Половичната модернизација воопшто не е практична и ќе бара зголемување на вработените во администрација.

 

 

 

 

 

 

 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...