Работење

М-р Марија Ќосеска: Лоша намера или добар бизнис?

20 Apr 2015

Регистратите на домени не се занимаваат со утврдување на правото на регистрација на одредено име на интернет-домен, туку поаѓаат од претпоставката за непостоење зла намера. Токму поради тоа, освен желбата за регистрација на интернет-домен и технички податоци за именските опслужувачи, не се потребни дополнителни докази. Таквите „правила" на регистрација често се извор на конфликтни ситуации.

Автор: М-р Марија Ќосеска, раководител на одделение за трговски марки во „Берин" и застапник за индустриска сопственост

Интернетот денес како „мрежа над сите мрежи" е најголем интерактивен медиум за масовна комуникација. Револуцијата во оваа област доведе до создавање низа нови објекти погодни за правен промет. Највредни се, секако, домените, особено нивната поврзаност или испреплетеност со правата од интелектуална сопственост. Имено, домените – како еден вид преведени нумерички адреси, со чија помош се олеснува идентификацијата на одредена содржина (веб-страница) на интернет, со тек на време добиваат дополнително значење на еден вид бизнис-идентификатори. Регистрантите на домени, сакајќи овие нивни права да ги поседуваат карактеристиките на трговски марки, односно глобалната присутност – идентификација на стоките и услугите или нивната достапност насекаде во светот – екстратериторијалната ексклузивност, се охрабрени да ги користат трговските марки како домени. Привлечени од сајбер-просторот и од можностите што тој ги нуди, се создава трка за регистрација на домени, особено поради механизмот за нивно регистрирање „прв дојден – прв услужен". Тој принцип наведува на тоа дека домените, всушност, претставуваат „bona vacantia" или дела без сопственик, што може да се смета и како почеток на сите конфликтни ситуации и проблеми.

Во светот на современите комуникации, составен дел од идентитетот на одредена компанија или поединец е името на интернет-доменот, како дел од веб-адресата или мејлот. Компаниите што водат сметка за тоа, со регистрација на сите потребни .com.mk, .mk и/или од пред извесно време кириличниот .мкд домен, во целост ги штитат својот идентитет, името на својата компанија или своите брендови, производи или услуги. Меѓутоа, некои компании, за жал, не ја прават заштитата навреме, туку се „претекнати" од фирми или поединци кои за многу мала сума регистрираат домени со имиња кои звучат како име, бренд на туѓа компанија или туѓи трговски марки, со цел подоцна тие да им ги препродадат по многу повисока цена.

Што може да се направи за да се поврати својот интернет-идентитет?

Правилата со кои се уредува управувањето со имињата на интернет-домените се мошне либерални, што од друга страна одговара и на отворениот карактер на интернет-мрежата. Така, регистратите на домени не се занимаваат со утврдување на правото на регистрација на одредено име на интернет-домен, туку најверојатно поаѓаат од претпоставката за непостоење зла намера. Токму поради тоа, освен желбата за регистрација на интернет-домен и технички податоци за именските опслужувачи, не се потребни дополнителни докази. Таквите „правила" на регистрација често се извор на конфликтни ситуации.

Оние што заработуваат така што регистрираат имиња на домени по регуларна, ниска цена, за да ги препродадат потоа повеќекратно поскапо, се нарекуваат со најразлични имиња: препродавачи на домени, трговци со домени, или во странската терминологија познати како „сајберквотерс" (cybersquatters). Тие регистрираат одредено препознатливо име на домен, кое е идентично или збунувачки слично со називот на некоја компанија, бренд или трговска марка и потоа го нудат тоа име на оние на кои тоа нешто им значи. Така, за име на домен чија регистрација би чинела 10-20 евра понекогаш договараат препродажба за сума од неколку илјади евра или дури понекогаш во прашање се и петоцифрени бројки.

Во практиката, постојат две основни причини зошто некој регистрира име на интернет-домен кој „не е негов", односно претставува нечиј туѓ препознатлив, а (не)заштитен назив. Во двата случаја, заедничко е тоа што компанијата која има право на интелектуална сопственост или некое друго субјективно право навреме не го регистрирала соодветниот домен. Во првиот случај се очекува заработка од препродажба на името на доменот, кој стои „паркиран" до препродажбата, односно не е поврзан со некоја веб-страница. Препродавачот на доменот чека заинтересираната компанија да го исконтактира, или самиот се обидува да стапи во контакт со нив. Вториот случај е кога името на доменот се користи за стекнување заработка со негово користење, заради создавање забуна кај посетителите на сајтот, дека се наоѓаат на веб-страницата на компанијата која е сопственик на брендот. И двата случаја претставуваат типичен пример на „сајберкватинг" (cybersquatting) и се сметаат за незаконски и со неморално дејствување.

Притоа, зачестената регистрација на имиња на интернет-домени заради понатамошна препродажба, оневозможувајќи ги носителите на трговски марки тие да ги заштитат како свои домени, го покренува прашањето за нивно санкционирање. Скапите и долги судски постапки пред надлежните судови, како и сложената проблематика на утврдување на меродавното право, кога се во прашање интернет-домените, доведоа до создавање алтернативна мерка за разрешување на ваквиот вид спорови во светски рамки. Таквата постапка на арбитражно разрешување спорови со домени, како алтернативна управна постaпка, е прифатена и од одредени национални регистри на интернет-домени, меѓу кои и националниот МАРнет – Македонската истражувачка мрежа. Поведувањето арбитражна постапка согласно со Правилникот од декември 2013 (како примарно правно средство кое ги регулира домените во нашата земја) има цел да обезбеди поевтина и побрза алтернатива на судските постапки. Притоа не се исклучени и други правни лекови, односно надлежноста на судот, при што постои можност паралелно со арбитражната или откако таа ќе заврши, да се води или поведе парнична судска постапка.

Постапката за разрешување на спорови со домени се води доколку се докаже дека се исполнети следниве услови:

  • Оспоруваниот домен е идентичен или збунувачки, сличен со трговската марка на која тужителот има права;
  • Регистрантот нема право ниту легитимен интерес во поглед на доменот;
  • Доменот е регистриран и се употребува со зла намера.

Накратко, резултатите од досегашните арбитражни постапки во врска со .mk домените поведени од страна на ДИС „Берин" пред МАРнет се следни:

  • „Сосиет де продутс Нестле СА" (Societe des Produits Nestle SA) го доби спорот со поведена арбитражна постапка за nescafe.mk бидејќи спротивната страна го чуваше овој домен без изработена веб-страница, обидувајќи се да извлече профит од вистинскиот носител на правото на трговска марка;
  • АД „Витаминка" не беше во можност да го регистрира доменот vitaminka.mk, регистриран во меѓувреме од страна на домашна компанија, при што во поведената арбитражна постапка го доби спорот со компанијата „Видекс". Причината е што посетителите на ваквата страница, која не е администрирана од носителот на добро познатата трговска марка, би биле доведени во заблуда;
  • Се очекува разрешување на спорната ситуација околу регистрацијата на доменот xypex.mk од страна на домашна компанија и подносителот на барањето за арбитражна постaпка, американската компанија „Ксипекс кемикал корпорејшн" (Xypex Chemical Corporation). Според нив, доменот xypex.mk е регистриран со зла намера.

Совети за носителите на права од индустриска сопственост

Најбезбедно и најевтино е навреме да регистрирате потребен број .com.mk, .mk или .мкд домени и така во целост да го заштитите својот идентитет или бренд на македонскиот интернет-простор. Притоа не е потребно колебање, бидејќи некој друг (конкуренција или препродавачи на домени) може да го регистрира вашиот домен, односно доменот што е значаен токму за вас! Спречете ги оние што тргуваат со интернет-домените, бидејќи нивната постапка понекогаш, сама по себе, и не е казниво дело, но од вас бара непотребно трошење време и средства, а особено го загрозува вашиот кредибилитет на интернет. Ако навистина сакате да поседувате нешто „свое" на интернет, тогаш тоа мора да се направи на сопствен интернет-домен, како основа на вашиот идентитет на интернет за да биде вашиот домен единствено ваш!



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...