Работење

Бобан Младеновски: Case study за работењето на „Теско“

26 Jul 2023

Од магацин до полица

Дистрибутивната мрежа на „Теско“ е една од најголемите во Обединетото Кралство, со повеќе од 2 милијарди пакети годишно дистрибуирани преку својата мрежа.

Автор: Бобан Младеновски, менаџер за транспорт во „Теско“

„Теско“ е компанија која е формирана пред повеќе од еден век во Англија, а денес со својот синџир на маркети е компанија број 1 во Обединетото Кралство, присвојувајќи 27,3% пазарен удел. Низ годините „Теско“ постојано инвестира во својот бренд. Компанијата услужува милиони купувачи секоја недела во своите маркети, но исто така и преку интернет-нарачки, со што генерира продажба во вредност од околу 60 милијарди фунти, а во изминатата деценија има освено неколку награди во повеќе области благодарение на своето успешно работење.

„Теско“ секогаш ги има потрошувачите во средиштето на своите збиднувања, обезбедувајќи им услуги, каде, како и кога тие сакаат да бидат услужени. Компанијата меѓу првите на пазарот промовира картичка за лојалност со која потрошувачите имаат посебни бенефити, меѓу кои и попуст при секое пазарење. Денес, оваа можност ја користат повеќе од 20 милиони потрошувачи, членови на клубот за лојалност.

За потребите во Обединетото Кралство, „Теско“ годишно прима производи кои пристигнуваат во 75.000 до 90.000 транспортни контејнери, 25.000 камиони од Европа и 5 милиони килограми преку авионски транспорт.

Поради сето ова, дистрибутивната мрежа на „Теско“ е една од најголемите во Обединетото Кралство, со повеќе од 2 милијарди пакети годишно дистрибуирани преку својата мрежа. Дистрибуцијата на производите е можеби најголемиот двигател на успехот на овој трговец бидејќи е високо ефикасна и обезбедува производите да се испорачаат до маркетите брзо, ефикасно со минимален трошок, обезбедувајќи конкурентна предност пред другите синџири маркети.

Дистрибутивната мрежа на „Теско“ опфаќа како локални така и регионални дистрибутивни центри кои придонесуваат за непречена дистрибуција на храна, производи за широка употреба и облека. За секој производ да се дистрибуира непречено, потребно е производот да биде спакуван соодветно за да одговара на нашата дистрибуција и да се испорача навреме.

Голем дел од производите „Теско“ ги набавува од секој крај на светот, при што за потребите во Обединетото Кралство годишно компанијата прима производи кои пристигнуваат во 75.000 до 90.000 транспортни контејнери, 25.000 камиони од Европа и 5 милиони килограми преку авионски транспорт. За ова одговорен е примарен тим кој е директно одговорен за доставата на производите од доставувачите до дистрибутивната мрежа на „Теско“. Сето ова примарниот тим го прави мислејќи и на загадувањето, така што голем дел од транспортот или 15 милиони милји се одвива преку железнички сообраќај, со што се намалува CO2 емисијата на гасови за 8,3 милиони килограми годишно.

Пред производите да бидат испорачани до маркетите, почнувајќи од експресмаркетите до хипермаркетите, тие најпрвин се доставуваат во еден од 23. дистрибутивни центри што се наоѓаат во Англија и во Шкотска. Еден дистрибутивен центар на северот од Лондон работи исклучиво со производи кои не можат да се најдат во маркетите за широка потрошувачка, на пример, мебел. „Теско“, како еден од најголемите светски синџири на малопродажба со околу 4.000 маркети само во Обединетото Кралство, изненадувачки за многумина, има мал број дистрибутивни центри. Причината за ова е користењето на системот „токму навреме“, што значи дека производите се доставуваат до маркетите тогаш кога се потребни. Овој систем е ефикасен и помага во намалувањето на трошокот за дистрибуција. Воедно, иновациите се секогаш во фокусот како што е, на пример, примената на автоматизацијата при подготвувањето на нарачките за да се намали времето од нарачка до испорака на производот.

„Теско“ користи интермодуларен транспортен концепт преку користењето на железницата и патен сообраќај како начин на достава. Нивото на резерви во дистрибутивните центри и во маркетите се следи преку централизирана единица за процесирање, која генерира извештаи или го следи балансот во живо за во случај кога одреден производ ќе падне под дозволеното ниво на резерви, центарот да биде информиран и производот да се испорача до маркетот. Понатаму, автоматизиран систем за помош при логистика со кој управува националниот тим за планирање изготвува најбрза и најисплатлива маршрута по која производите ќе се достават до маркетите. Ваквото следење на резервите во живо како една од придобивките на унапредување на технологијата овозможува зголемени стандарди при дистрибуцијата, зголемена точност при планирањето и подобро предвидување на побарувачката. Вредно е да се спомене дека со овој пристап на работење се намалува трошокот за дистрибуција, а се зголемува профитот.

Во изминатите години „Теско“ користи аналитика за да ја предвиди побарувачката и за да има колку што е можно поточни податоци кои ги користи за подобрување на својата дистрибутивна мрежа. Ова помага и во намалување на отпадот, подобра искористеност на промоциите и воедно соодветно да се одговори на побарувачката. За оваа цел, компанијата користи процес на моделирање за подобро разбирање на поврзаноста на временската прогноза со потрошувачката, исто така за да го предвиди нивото на побарувачка по региони.

Типичниот синџир за достава на „Теско“ може да го поделиме на два дела, првиот е оној кој вклучува движење на производите од доставувачите низ светот до дистрибутивните центри и вториот дел е движењето на производите од дистрибутивните центри до маркетите. Се разбира, многу покомплексен за планирање е оној од дистрибутивните центри до маркетите и купувачите преку интернет-платформата, само поради фактот што многу повеќе страни се вклучени во процесот на спремање на нарачките и нивна испорака. Тука имаме и други предизвици кои се карактеристични за секој регион поединечно. Критичен момент е обезбедувањето на вистинската информација во вистинско време за секоја етапа на доставата. Доколку се пропушти барем една информација да не биде пренесена правилно, тогаш се случува каскадна реакција преку целиот систем за дистрибуција. За да се избегнат комплетно или да се минимизираат вакви проблеми, во функција на „Теско“ е силна ИТ-структура и напредни софтверски решенија кои помагаат да се идентификува користењето на шаблони на крајните потрошувачи и за креирање силна и лојална база на потрошувачи. 

Со искористувањето на ИТ-технологијата при дистрибуцијата овој трговец останува лидер во Обединетото Кралство, но сè уште има одредени предизвици кога се работи за глобалната и географска експанзија. „Теско“ инвестира во развивање на апликации за сателитско следење и движење на производите со цел да има вистински преглед на случувањата како на национално така и на интернационално ниво. Околу оперативните софтверски системи, „Теско“ има важечки договор со „Мајкрософт“, кој како дел од договорот ги обезбедува последните верзии на своите производи и услуги во канцелариите, маркетите, дистрибутивните центри и центрите за обработка на податоци. Овој договор, исто така, вклучува консултантски услуги преку програмата Microsoft Enterprise Strategy.  

„Теско“ го користи системот „токму навреме“, што значи дека производите се доставуваат до маркетите тогаш кога се потребни. Овој систем е ефикасен и помага во намалувањето на трошокот за дистрибуција.

Целото ова инвестирање во технолошки напредни решенија не би значело ништо без луѓето кои работат деноноќно со цел производите да стигнат како до дистрибутивните центри така и до маркетите. „Теско“ обезбедува директно вработување за околу 345.000 луѓе, а возниот парк на компанијата брои околу 1.500 транспортни единици, 500 ригидни транспортни единици, 4.500 приколки и 5.500 комбиња за достава до дома. Целта е до 2028 година целата флота на комбиња за достава до дома да биде на електричен погон, додека целокупната флота ќе биде карбон неутрална до 2035 година, проект што почна со реализација во 2022 година. Поради зголемен обем на работење, вредно е да се напомене дека секојдневно се ангажираат превозници од други транспортни фирми.

Еден хипермаркет на „Теско“ оперира со околу 40.000 производи, голем дел од нив се продаваат под брендот на компанијата и се ексклузивно произведени. Ние веруваме дека е неопходно, пред сѐ, вработените да го разберат производот за да можат подобро да му го претстават на потрошувачот, така што редовно се споделуваат сите информации до нив, вклучувајќи ги и претстојните иновации. Не само што сакаме да развиеме иновативни производи кои ќе ги задоволат потребите на купувачите, туку имаме тимови како на пример нутриционистички тим кој работи во директна корелација со бизнисот за храна. Овој тим дава комплетна поддршка во промоцијата на целокупната здравствена агенда на „Теско“, како за вработените така и за потрошувачите. Тоа го прави преку:

  • Поддршка на тимот за технологија и развој, кој креира храна и пијалаци со висок квалитет;
  • Соработка со надворешна мрежа на нутриционисти и здравствени работници кои се професионалци во својата струка, како на пример: Дијабетес UK, Британската фондација за срцеви заболувања, Јавно здравство на Англија, Министерство за здравство и др;
  • Активно учество во работни групи поврзани со работа со храна, како што е групата Стратегија за индустриски нутриционизам;
  • Испраќање пораки до потрошувачите преку здравствени кампањи;
  • Промоција на здрави производи за сите потрошувачи, од потребите на бебињата до групи со посебни здравствени потреби;
  • Поделба и селекција на производите на групи на производи, како што се веган, производи со намалено количество шеќер или сол итн.

Пакувањето на производите е уште една алка што е многу важна во комуникацијата со крајниот потрошувач, затоа во нашиот бизнис декларацијата со составот на производот е во нашиот примарен фокус. За да бидеме сигурни дека етикетите на производите се легални, тие подлежат на строга контрола и одобрување пред да се испратат до снабдувачот за да почне со производство. На пример, во 2019 година 9.550 етикети беа одобрени само за бизнисот со храна. Се разбира, компанијата посветува доста време и енергија за редуцирање на производите во пластично пакување бидејќи ова е од поширок јавен интерес.

Секојдневно се проверува квалитетот на храната и се надгледува, при што развиена е рутинска тест-програма со која сите производи на „Теско“ континуирано се тестираат од независни експертски лаборатории за да се потврди дека храната е безбедна, легална и ги исполнува сите наши очекувања. Во текот на една календарска година се вршат околу:

  • 6.000 микробиолошки тестирања;
  • 7.000 хемиски (нутриционистички) анализи;
  • 2.000 тестирања за контаминација и авторизација.

Покрај храната, и преостанатите производи подлежат на инспекција пред испорака во фабриката која ги произведува од вработен во „Теско“, специјално трениран вработен во фабриката или доверлив надворешен соработник.

Покрај инвестирање во производи, се инвестира и во обука и знаење на вработените со цел одржување високо ниво на работење во маркетите. На пример, околу 100.000 вработени во маркетите имаат успешно комплетирани обуки за здравје и безбедност, рестрикција на продажба на производи за лица по 18 години, како да се биде одговорен во малопродажбата, безбедност при работење со храна и др.

За да бидеме успешни во тоа што го работиме, „Теско“ има зацртано три основни начела, меѓу кои е најпознатиот маркетинг-слоган: Every little helps.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...