Човечки ресурси

Како (не) треба со „заштитените видови“ на работа

04 May 2023

Може да сакате кого сакате. Може да се смеете и да одите на пиво со оние што ги чувствувате приватно блиски. Можете дури да ги наречете другари оние што ќе одберете дека ви се соодветни за дружба. Но, по работното време

Пишува: Јелица Ивановска, консултант за организациски развој

Последните 20 години ги поминав во различни компании. Работев на разни специјалистички позиции. Работев како супервизор. Директор. Консултант (ама од оние вистинските, кои не учат на интернет, туку имаат реално искуство и знаат што зборуваат). Во најголема мера работев во индустрија. Автомобилска, тутунска, FMCG, фармацевтска, тешка индустрија.

Патот кој го врвам е еден вистински долг развоен пат. И по малку трновит. Долги часови, различни луѓе (некои од нив прекрасни, некои малку поинакви), навидум нерешливи проблеми. Смеа. Солзи. Рокови. Пробиени рокови. Пробај. Згреши. Пробај пак (и да, многу често згреши пак, згреши сто пати). Конечно научи. И потоа пак сѐ од почеток.

Напорно. Незаменливо. Преубаво. И јас лично не би го менувала за ништо на светов. 

Во сите овие години имам среќа во најголема мера да работам и да учам од најдобрите. За жал, во ретки случаи ги гледам и оние помалку добрите (да не речам лоши) и пробувам, не секогаш успешно, да ги заобиколам во широк лак. Од едните учам како треба. Од другите како не треба.

И еден ден одлучив. Ќе почнам јавно да зборувам како не треба. Сосема контраинтуитивно. Сепак, практично. И со желба оние што не знаат и не умеат (а не се ни свесни дека не знаат и не умеат) да прочитаат, да се препознаат и конечно да почнат да се менуваат.

И еве ме.

Денес ќе зборувам за загрозените (заштитени) видови.

Според „Нешнл џиографик“, дефиницијата за загрозен вид е „вид организам на кој му се заканува изумирање“. Во секојдневниот говор најчесто го користиме терминот за да опишеме животни (или растенија) кои полека, но сигурно исчезнуваат. Па зборуваме за носорози, панди, горили...

На работа, таквите заштитени видови (сосема неправедно кон милите животинки) ги викаме бели мечки.

Кои се бели мечки? Како ќе ги препознаете?

Седат на убаво биро, кое во најголема мера е толку растурено што може да се најде и на попот шапката. Работат речиси ништо, а занесно гледаат во мониторот од својот лаптоп во стилот „имам многу работа“. Личат сосема обично. Луѓе се де.

Немаат интелектуален капацитет, ниту волја да сработат што било. Кога ќе тргнат да ви ја објаснуваат својата експертиза (која најчесто е непостојна) ви прават толку силна вртоглавица, што мислите дека имате морска болест. Не можат да срочат една јасна, концизна реченица. Тие се виртуозни лажговци. Речиси и да немаат своја „банда“ на работа, ама тоа не им е важно, сѐ додека директорот им е банда.

Гласни се, арогантни, фалбаџии, кои нема да сопрат сѐ додека не го добијат тоа што го сакаат. За време на состаноци, додека вие зборувате, тие се како врева во заднина која испраќа скриени паралелни пораки кои директорот треба несвесно да ги запамети за вас (колку ви се скапи алиштата, каков накит носите, дека тоа што го зборувате е лага...). Знаете за која врева зборувам, нели? Тие се како џингл на радио, кој повремено, а паралелно со музиката, се вклучува за на слушателите да им испрати реклама за себе. Цели се форма, со непостојна суштина. Речиси никогаш од нив не барате помош зашто знаете дека ќе ви се качат на глава потоа и ќе ве третираат како должници и свои лични робови. Се однесуваат како целиот свет да е вилаетот на дедо им. Тие се најважни. Добро, ај не најважни, ама поважни од вас во секој случај.

Зошто? Затоа што им е дадено. Затоа што им се може.

Навидум обични, навидум безлични, а сепак сите им се плашат и им се тргаат од патот.

Тие се секогаш прекумерно заштитени. Слично како белите мечки. Дури и повеќе.

Директорот за нив верува дека можат да направат чуда (ма какво бре одење по вода, одење по вода е ништо). Секогаш и без исклучок имаат посебен третман. Им треба пауза за појадок, ај некој нека оди да купи. Им треба асистент, не еден, туку двајца да им се дадат. Тие се од „Бога погледнати“ и затоа не смеете да зборувате против нив. Внимавајте да не ги навредите. Внимавајте да не им ги повредите чувствата. Не смее да не ви се допаѓаат. Уште повеќе, мора да ги сакате, малку погласно да се смеете на нивните досетки, малку повнимателно да слушате додека тие зборуваат. По секоја цена мора да се потрудите да се зближите за да можете да учите од нив. Не смее да не се согласувате со нивното мислење. Мора да бидете бескрајно благодарни за нивното постоење. Зашто тие ја знаат тајната на универзумот, која никој друг од нас обичните смртници не ја знае.

Кога ќе згрешат или нема да сработат нешто, секако дека вас ќе ви биде дадена можноста да го направите тоа за нив. Кога тие отворено лажат, а вие гласно ја кажувате вистината, најверојатно не сте разбрале добро што всушност сакале да кажат.

Затоа што се посебни. И затоа што сите ние веројатно ќе испоумреме ако ги немаме нив во тимот.

И што тогаш?

Вие се чувствувате како една голема нула во споредба со нив, зашто сте сепак само луѓе. Не сте бела мечка. Не сте заштитен вид. Се откажувате од борба за рамноправност зашто секоја битка е веќе однапред изгубена. Вие сте само вие, обични, посветени, лојални, работливи. Си ја гледате својата работа и не се мешате во туѓата чорба. И тоа така тера сѐ додека не ве доведат до лудило. Додека не дојдете до точката од која нема враќање назад.

Додека еден ден не пукнете. И не заминете.

И потоа директорот, како разбуден од спиење, не знае што се случило. Манично го препрочитува вашето излезно интервју. Ги обвинува човечки ресурси зашто не го уловиле вашето незадоволство. Се прашува со што тој лично заслужил да го напушти талент како вас. Се прават анализи и детални акциони планови за мотивација на преостанатите вработени (секако дека белите мечки се први во креирањето на таквите политики, зашто па ете тие имаат експертиза и за тоа како се работи со луѓе... ма многу се спремни, многу).

А додека трае бурата од кризни состаноци, анализи и акциони планови, белите мечки само уште малку поудобно ќе си се сместат на своето столче, на она исто раскошно, растурено биро и ќе си ја чекаат својата следна жртва. Да, зашто знаат дека пак ќе им се може.

Е па, добро утро драги мои дами и господа директори, менаџери и сите оние што мечтаете да се наречете себеси лидери. Едноставно не треба така. Не се прави така.

Разбудете се со време и видете што правите. Не е срамота да не знаете. Срамота е да глумите лудило нарекувајќи се лидери кога, да бидеме искрени, на вистинските лидери не сте им ни до колена. Срамота е да не прашате. Срамота е да не се потрудите да научите. Срамота е да кажете дека не сте забележале што се случува.

Може да сакате кого сакате. Може да се смеете и да одите на пиво со оние што ги чувствувате приватно блиски. Можете дури да ги наречете другари оние што ќе одберете дека ви се соодветни за дружба. Но по работното време.

Додека сте на работа, имате обврска да имате еднаков третман кон сите вработени. Да ги мерите сите со истиот аршин и да не бидете за некого мајка, а за друг маќеа. Не мора сите да ги сакате исто, но мора сите да ги почитувате на ист начин.

Инаку да, ќе ви заминат. Кога најмалку очекувате. Ќе заминат. И тоа најверојатно тогаш кога најмногу ќе ви требаат.

Луѓето мислам.

А вие ќе останете сами... со белите мечки.

 Разбудете се со време и видете што правите. Не е срамота да не знаете. Срамота е да глумите лудило нарекувајќи се лидери кога, да бидеме искрени, на вистинските лидери не сте им ни до колена.

Белешка за авторката

Јелица Ивановска е бизнис-професионалец со 20-годишно искуство во областа на генералниот менаџмент, управувањето со човечки ресурси, организацискиот развој и oперации во големи мултинационални компании за производство и за продажба. По образование е дипломиран економист по менаџмент на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, а посетувала и едукација од областа на гешталт-психотерапија на Институтот „Гешталт“ во Скопје. Исто така, таа е сертифициран NLP practitioner. Кариерата ја градела во големи компании како: Леарница Кранфилд, „Вистеон електроникс“, „Џонсон контролс“, „Сокомак Битола“, „Пивара Скопје“, „Пристоп Мк“ и др. Има поминато повеќе од 5 години работејќи како консултант за организациски развој и оптимизација на процеси во многу компании. Нејзината експертиза се однесува на организациски развој, поставување гринфилд-операции на македонскиот пазар, дефинирање и спроведување деловна стратегија, водење деловни интеграции и аквизиции, водење процеси на реорганизација и оптимизација на процесите во компаниите, обезбедувајќи заштеди во различни области, а поседува и вродени способности за идентификација и имплементација на алатките и методите што го поддржуваат успешниот развој на компаниската култура.

 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...