Човечки ресурси

Ениса Селмановиќ-Салкиќ: Како да (не) одмара шефот?

23 Sep 2021

Ништо не може да се случи. Ако нешто се згреши, ќе се поправи. Сè е поправливо.

Автор: Ениса Селмановиќ-Салкиќ, основач и извршна директорка на „Консултор“, www.consultor.ba 

Има два типа луѓе во сезоната на годишен одмор.

Оној што е незаменлив и кога е на годишен одмор, само физички е отсутен. Неговиот дух е сеприсутен. А тој на одмор пати и умира како Алија Сиротановиќ кога за награда го пратија во синдикално одморалиште. Десет дена преседе во ладовина и на крај рече: „Да не му даде Господ на никој вакво патење.“ Така и тој нашиот, лежи во ладовина, но е дигитализиран. И праќа стотици е-пораки, немоќен и очаен што не може да дејствува на далечина. А се труди својски. Жената и децата го игнорираат, го загледуваат, размислуваат како да го фрлат в море сосе лаптопот и мобилниот.

Тој што е заменлив, кога тргнал на одмор, им рекол на луѓето: „Можете вие“. И отишол да се одмори. И навистина се одмарал. Со семејството и пријателите. Или сам. Или со морето. Не како во синдикално одморалиште, туку вистински се одмарал.

Овој првиот, незаменливиот, кога конечно ја прекина агонијата и се врати на саканата работа – затекна хаос и катаклизма. Секако дека не е хаос, ама ние не го гледаме тоа преку неговите очи. И секако сам себе се увери уште повеќе дека без него сè пропаѓа. Сè пропадна.

Овој другиот, заменливиот, дојде и најнормално се поздрави со луѓето, раскажа како поминал, покажуваше слики од рибите што ги уловил... И продолжи да работи. Сè функционира во најдобар ред. И ништо не пропадна.

На тие што им е добро – не мора да работат, шефот знае повеќе. Тие добиваат плата. И екстра добиваат. На тие што не им е добро – пробуваат да го сменат шефот, па да се сменат себеси, па го уверуваат дека и тие знаат, па тогаш заминуваат. Бидејќи тие сакаат да го користат мозокот и да го развиваат и одат таму каде што тоа е можно.

Да го скратам маестралниот воведен реферат и да преминам на главното. Зашто првиот е незаменлив, а вториот е заменлив? Или зошто без овој првиот сè би пропаднало, а без вториот – не. Па, работата е во перспективата.

Првиот, се убедил себеси дека е незаменлив. Така и се однесува. Сè прави сам. Не затоа што работи најдобро, туку друг да не сработи подобро, па да му „летне главата“. Ги уверил и своите луѓе дека тие не можат сами. Не знаат сами. Не можат без него и не знаат без него. Бидејќи тој е еден и единствен, од Бог даден и тој сè знае. Тие не знаат.

Луѓето отстрана – на некои им е добро, на некои им е лошо. На оние што им е добро – не мора да работат, шефот е подобар, тој знае повеќе, тој работи. Тие добиваат плата. И екстра. На оние што не им е добро – пробуваат да го сменат шефот, па да се сменат себеси, па го уверуваат дека и тие знаат, па тогаш заминуваат. Бидејќи тие сакаат да го користат мозокот и да го развиваат, па си одат таму каде што тоа е можно.

Така поминуваат денови и години и годишни времиња и сезона на одмори, а тој кутриот никогаш не се одмара. Работата никогаш не расте, може и да пропадне. А, толку се трудеше сам со своите десет прсти.

Овој другиот ќе го викаме „заменливиот“ – иако е тоа тежок збор за добар човек. Тој уште како многу млад ја открил тајната на делегирањето. Истовремено сфатил дека ако си мисли добро на себе – тогаш не може сè сам. На крајот на краиштата, и не треба. Има сјајни луѓе што знаат и сакаат.

Ни нему не му било лесно на почетокот, сите имаат мака со делегирањето. Тоа е како свое дете да го дадеш друг да го чува. А, ти да бидеш набљудувач и да преживуваш шокови. Уф, тешко е.

Тргна од најлошото и сам себе си рече: „Што е најлошо што може да се случи ако нешто делегирам?“ Одговорот беше – ништо. Ништо ни најлошо ни помалку лошо. Ништо не може да се случи. Ако нешто се згреши, ќе се поправи. Сè е поправливо.

Тогаш се праша, а што да делегирам. Бидејќи тоа е како да одбира кое дете повеќе го сака – па тој сите свои активности еднакво ги сака. Како една да оддели од срце?

Потоа пак малку позборува сам со себе, па се праша што е тоа што јас го правам, а може да го прави кој било друг? Некој што од тоа ќе научи, ќе го унапреди, можеби ќе го автоматизира или дигитализира, па никој не ќе мора да го работи тоа. Хм, не звучи лошо.

Потоа избра соработници – кои сакаат и едвај чекаат да прифатат нови задачи и да научат. Со секој поразговара „еден на еден“. На секој му објасни што делегира, зошто и како ќе го научи да работи. И некое време ќе го следи за да му биде поддршка. И тогаш го пушти слободно да одлета од гнездото и самостојно да работи.

Кога успешно го преживеа тоа прво делегирање, се охрабри. Системот веќе почна да се гради и да станува самоодржлив. Да го насочува кој било што ќе му се приклучи на системот. Да елиминира кој било што го опструира системот. 

Ги научи своите луѓе, а тие пак ги научија своите луѓе. Знаењето кружи во организацијата, а фокусот е на тоа што носи приход. Преостанатото го прават или јуниори, или системот сам, или работата е дигитализирана. Или, попатно сфатија дека не им треба. Никогаш не им ни требало.

И така, тој отиде на одмор без никој да го бара и без тој никого да бара. За е-пошта и да не зборуваме. А работата не пропадна. Така и неговите луѓе одат на одмор – без е-пораки и без телефонски повици, а работата си функционира.

До вас е – сакате да патите или да се одмарате? 

 


@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...