Регионално

Квентин Ројер, генерален директор на „Делез“-Србија

25 Feb 2019

Ќе останеме омилените соседи на нашите потрошувачи

Разговараше: Ана Филиповиќ, ana@instore.rs

Квентин Ројер беше именуван за генерален директор на компанијата „Делез“-Србија во март 2017 година. Професионалната кариера ја почнал пред 20 години во компанијата „Карфур“ во Франција, а продолжил да ја гради во „Метро кеш & кери“, каде што во Србија од 2012 година беше директор за експанзија и синџир на снабдување и член на Управен одбор. На „Делез“-Србија“ ѝ се приклучил во 2016 како потпретседател за операции. Што го привлекло да работи во трговија? Иако во 20-годишната кариера минав низ неколку глобални компании и различни позиции што ме обликуваа на вистински начин, и натаму секој ден учам по нешто ново. Тоа е она што ја прави малопродажбата исклучително динамична и интензивна, и за мене, инспиративна индустрија. Се обидувам и на моите соработници да им ја пренесам таа страст кон малопродажбата и да ги научам да најдат инспирација во секој нов работен предизвик, вели Ројер.

Неодамна го отворивте првиот еколошки објект не само во Србија, туку и на Балканот. Поради што е еколошки и од какво значење е за потрошувачите и за животната средина?

Супермаркетот „Макси“ во Нов Белград е првата продавница која наместо фреон, како разладен флуид користи јаглероден диоксид. Овој систем ќе го има уште една продавница во Земун. Со комерцијалниот систем на разладување придонесуваме за глобалната борба против климатските промени.

Какви Ви се натамошните планови од областа на заштита на животната средина?

Нашиот сегашен процент на рециклажа е 60 отсто од вкупниот амбалажен отпад, што е значаен резултат, но и мотивација да работиме на зголемување на тој процент. Се обидуваме одговорно да управуваме со вишоците храна, даваме донации од овошје и зеленчук за над 70 хуманитарни организации во земјава. Воведуваме енергетски ефикасни мерки, како што се ЛЕД-осветлување и отворање супермаркети со еколошки разладен флуид.

Маркетите веќе не се место каде што само се купуваат производи, тие се повеќе стануваат таканаречени community центри. 

Сè повеќе трговци од регионот се посветуваат на редукција на пластичната амбалажа за своите ПЛ-линии. Дали сте размислувале во тој правец?

„Делез“-Србија, како членка на „Ахолд Делез“, е потписник на договорот „New Plastics Economy Global Commitment” што го креира Фондацијата „Елен Мекартур“ заедно со УНЕП (Програма на ОН за животна средина). Задачата на договорот е да ги намали пластичниот отпад и загадувањето уште во корен. Тоа треба да се постигне со престанок на користењето еднократна пластика и до 2025 година да се обезбеди пластиката што се користи за амбалажа да биде повторно употреблива и да може да се рециклира.

Колку тоа што „Делез“-Србија е дел од светски познат синџир влијае врз Вашата работа во Србија и на кој начин?

Кога сте дел од глобален трговски синџир, имате можноста низ праксата на најдобрите во светот, на локалниот пазар да му понудите иновативни решенија и модели кои носат најдобри резултати. Кога ќе влезете во нашите продавници, имате чувство дека тие дишат со различни култури. Од ширината на асортиманот кој доаѓа од цел свет, можноста да не чекате во редица, брзо да купувате онлајн или на самоуслужни каси, до фактот дека вашиот супермаркет со своите еколошки мерки ве инспирира и вие да бидете одговорни со отпадот во домаќинството.

На кој начин „Делез“-Србија се приспособува на промените во куповните навики и во исхраната на потрошувачите?

Од една страна, ги пресретнуваме навиките на купувачите и им овозможуваме во нашите маркети да најдат сè што им е потребно, од свежи производи до артикли од специфична нутритивна природа, нудиме концепт на организација во кој можат да купуваат брзо и едноставно. Од друга страна, се трудиме да влијаеме врз потрошувачите кога станува збор за здравите навики во исхраната. Зад нас се многубројни едукации за тоа колку е важно да се читаат декларациите, но и комерцијални активности во маркетите кои ги поттикнуваат луѓето да одбираат здрави опции.

А како се приспособувате на промените на пазарот, како што е влезот на првиот дисконтен синџир?

- Доаѓањето на конкуренција секогаш е добар знак за целиот пазар бидејќи ги поттикнува играчите на овој пазар да бидат уште подобри, а на потрошувачите им дава поголем избор. „Делез“-Србија е доследна на стратегијата секој ден да има свежи, квалитетни и ценовно пристапни производи на нашите полици, како и врвна услуга. Според истражувањата, „Макси“ е најпрепорачуваниот синџир во земјава, а две години по ред и добитник на признанието „Мој избор“ за омилен супермаркет според мислењето на потрошувачите. Веруваме дека благодарение на довербата што купувачите ја стекнаа во нашите брендови во изминатите децении, на иновациите што ги планираме, како и на стратегијата за инвестирање во цени и асортиман, ќе останеме омилениот соседски супермаркет на наште сограѓани.

Врз основа на Вашето искуство од други пазари, како ќе го оцените малопродажниот пазар во Србија и во која насока би требало да се развива?

- Тоа што ќе го обележи следниот период се иновации, дигитализација на сите елементи од работниот процес, но и сè поголема освестеност на индустријата за глобалните еколошки теми. Верувам дека и преостанатите трговски синџири во Србија ќе се развиваат во таа насока. Ние ќе продолжиме со дигитализацијата и на тој начин ќе развиеме многу процеси, но не заборавајте дека оваа индустрија е составена од луѓе. Нашиот тим брои 12.200 вработени. Верувам дека основата за долгорочен развој на компанијата се луѓето што работат во неа.

Кога, според Вашите процени, ќе можеме да кажеме дека пазарот во Србија е развиен и модерен? Што треба да се направи за да дојде таа модернизација?

- Сведоци сме на глобални промени кои почнуваат од автоматизација на некои процеси во самиот маркет, до роботи кои помагаат во дистрибутивните центри или на купувачите им ја доставуваат стоката каде што ќе побараат. Маркетите веќе не се само место кај што се купува, туку сè повеќе стануваат и таканаречени community центри. Верувам дека „Макси“ ќе биде еден од првите што тоа ќе им го понуди на нашите сограѓани. За мене лично, тоа ќе биде момент кога ќе можеме да кажеме дека сме ги поместиле границите. Додека да стигнат тие промени, ние ќе продолжиме да овозможуваме врвно искуство на купување во маркетите на „Макси“, на „Темпо“ и во продавниците „Шоп & гоу“ продавниците.

Тоа што ќе го обележи следниот период се иновации, дигитализација на сите елементи од работниот процес, но и сè поголема освестеност на индустријата за глобалните еколошки теми.

 

 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...