Регионално

Стефан Данчев: Чекор во вистинската насока

02 Nov 2022

Секоја нова иновација или промена во „Унилевер“ почнува со прашањето дали тоа ќе биде добар потег за животната средина. Тоа треба да го прават сите компании ако сакаат да останат релевантни за младите таленти и да успеат во светот на утрешнината.

Стефан Данчев, менаџер за индустриски финансии во „Унилевер“​ 

Разговараше: Данче Драгиноваdanche@instore.mk

Според нашиот соговорник Стефан Данчев, кој е менаџер за индустриски финансии и финансиски директор на фабриката на „Унилевер“ во Букстехуде (Германија), секогаш треба да се размислува за искуствата, а не за работните места. На крајот на краиштата, на луѓето им е важно какво искуство добиле од оваа или онаа работа, а не титулата или позицијата. Клучот е во тоа што ќе се научи со новото искуство и подоцна ќе се имплементира или подобри во следното, истакнува тој, раскажувајќи ја неговата инспиративна професионална кариера.

Биографски податоци

Датум и место на раѓање: 5 јануари 1992 година, Скопје.

  • гимназија „Нова“; дипломски студии по бизнис-администрација – финансии; магистерски студии по меѓународна економија и бизнис – финансиски менаџмент.

Кариера:

  • Практикант во „Алкалоид“, Македонија (2011/2012 година);
  • Маркетинг-асистент во „БИС моторс“, Македонија (2013 година);
  • Коосновач на МЕО – Мрежа за електронски отпад, Македонија (од 2013 до 2014 година);
  • Beta Equity Researcher Internship во ПГГМ, Холандија (2015 година);
  • Виш акаунт-менаџер во „ЕЦР рисрч“, Холандија (од 2015 до 2018 година);
  • Програма за идни лидери на „Унилевер“, Холандија (од 2018 до 2021 година).

Моментална функција: Менаџер за индустриски финансии, финансиски директор на фабриката на „Унилевер“ во Букстехуде, Германија (од април 2021 година).

Хоби: Сквош, видеогејминг.

Брачна состојба: Во врска.

Стекнување непроценливи искуства

Како и повеќето деца од неговото соседство, Стефан сакал да стане професионален фудбалер. Тој дури и посетувал фудбалска академија и извесно време играл фудбал, но потоа решил да му даде приоритет на училиштето. Сепак, уште од мал знаел дека ќе живее и ќе работи надвор од Македонија: Израснав во интернационална средина – се школував во меѓународни училишта, па мојата желба отсекогаш беше да го видам светот и да истражувам што сè може тој да понуди.

Стефан ја почнува кариерата уште за време на студиите, како маркетинг-практикант во „Алкалоид“. Заедно со други практиканти бил ангажиран да спроведе истражување со што повеќе анкетирани луѓе. Од тоа искуство нашиот соговорник научил многу за планирањето, структурирањето прашања што поттикнуваат размислување, за маркетингот и за начините за зголемување на свесноста за брендот Good Nature и видливоста, за тогашниот начин на функционирање на „Фејсбук“ и како да се искористи како канал за ангажман на публиката.

Неговото прво искуство далеку од родната земја е поврзано со САД, каде што бил дел од програмата Work & Travel и работел во ресторан со 2 Мишелин ѕвездички. Овде научив многу за себе, што ми е важно, како да се грижам за себе, што значи да се работи 80 часа во неделата и да се заработи соодветна плата, вели Стефан.

Откако се вратил во Македонија, продолжил да работи во компанијата на неговиот татко – „БИС моторс“. Му помагал на маркетинг-тимот да генерира идеи и да го обликува маркетиншкиот план за да се зголемат изложеноста и видливоста на компанијата. Целта била да се зголеми продажбата на возила, што било успешно спроведено и придонело за 30% пораст за таа година. Заминав оттаму бидејќи сакав да основам сопствена компанија. Заедно со деловниот партнер ја формиравме првата компанија за рециклирање на електронски отпад во Македонија. Потпишавме договори со речиси сите компании во Скопје за да го собираме и рециклираме нивниот електронски отпад. Собиравме стари компјутери, печатачи, монитори итн. Тогаш ги расклопувавме компјутерите на делови, од кои ги одвојувавме благородните метали и ги извезувавме, се сеќава Стефан.

На крајот на краиштата, на луѓето им е важно какво искуство добиле од оваа или онаа работа, а не титулата или позицијата. Клучот е во тоа што ќе се научи со новото искуство и подоцна ќе се имплементира или подобри во следното.

Работата на сопствената стартап-компанија одела одлично, сè до новата регулатива, која барала дополнителни лиценци што тогаш бизнис-партнерите не можеле да си ги дозволат. Во тоа време Стефан бил примен на Универзитетот во Утрехт и чекал одговор дали ќе добие стипендија. Му била доделена најпрестижната стипендија – Utrecht Excellence Scholarship, која му овозможила да се пресели во Холандија и да почне со неговите магистерски студии.

Разговарав со семејството зошто би сакал да го продолжам образованието надвор, да се преселам и да живеам во друга земја. Ги измерив добрите и лошите страни – одлучив да ризикувам и да живеам во друга земја, па се преселив во Утрехт. Веднаш знаев дека го направив вистинскиот избор, раскажува Стефан.

За време на магистерските студии тој работи во Зајст, во вториот по големина пензиски фонд во Холандија наречен ПГГМ.

По магистерските студии успеал да се вработи во одделот за продажба во меѓународната компанија за економски истражувања „ЕЦР рисрч“, каде што ја запознал и неговата девојка: Тој период ми е навистина посебен. Стекнав многу пријатели и значително ги подобрив продажните и преговарачките вештини.

Големиот предизвик наречен „Унилевер“

Две години подоцна решил да го зголеми предизвикот и да се обиде да ѝ се приклучи на големата корпорација „Унилевер“.

Во Холандија ако кажете дека работите за „Унилевер“, луѓето веднаш стекнуваат голема почит кон вас бидејќи е навистина тешко да се влезе во компанијата. При пријавувањето играв компјутерски игри што ја тестираат когнитивната способност и преземањето ризик, а потоа снимајќи се, одговарав на три есејски прашања. Кога ги поминав двата круга, бев поканет на еден цел ден во компанијата, каде што ни беа дадени повеќе различни бизнис-случаи. Имав шанса да разговарам со вработените, да работам со другите кандидати, односно требаше да се докажеме пред неколку директори и потпретседатели. Откако успеав да влезам во Програмата за идни лидери – финансии, дознав дека од 2.000 апликанти успеале само тројца, меѓу кои бев и јас, ги споделува Стефан првите впечатоци од светскиот гигант „Унилевер“.

И покрај сите искуства и улоги што ги учам, секогаш одвојувам време во неделата да ги слушнам луѓето како всушност ја спроведуваат нашата стратегија на фабричкиот под и да разберам што можам да направам за да им го направам животот полесен, поефикасен и попродуктивен.

Програмата за подготовка на „лидерите на утрешнината“, како што вели тој, била неверојатна – следувала ротација во три различни оддели за да учи и да апсорбира нови искуства, покрај дополнителните надворешни обуки на различни теми.

Првата улога на Стефан била во европскиот тим за финансиско планирање и анализа (FP&A), каде што научил многу за управувањето со добивките и загубите. Бил вклучен и во активностите за спојувања и пpреземања (M&A), како и во експериментите со автоматизацијата на роботските процеси (RPA): Тогаш го развив првото автоматизирано известување за „Унилевер“ – Европа и бев избран да ги претставам можностите на RPA пред новиот извршен директор на „Унилевер“ Алан Џоуп.

Таа презентација водела до втората ротација во глобалниот тим за директни потрошувачки услуги, кој функционира со SCRUM начин на работење, каде развивал нов ERP-систем за компанијата. Во оваа улога нашиот соговорник имал можност да се среќава со луѓе од „Убер итс“, „Деливеро“, Takeaway.com за да ги поврзе системите на „Унилевер“ со продавниците во кои се продаваат сладоледите на компанијата. Успеавме да отвориме канал што претходно не постоеше – продажба на поединечни единици сладолед директно до потрошувачите, бизнис што сега на „Унилевер“ му носи повеќе од 100 милиони евра.

Во третата и последна ротација Стефан работел како финансиски партнер за маркетинг и за синџирот на снабдување за деловни случаи со висока вредност (иновации/реставрации/нови фабрики), подобрувања на бруто-маржата и управување со перформансите на европскиот бизнис со средства за чистење, вреден околу 2 милијарди евра.

Откако ја завршил Програмата за идни лидери, имал среќа да го одберат и да ја добие функцијата финансиски директор на фабрика, што е едно од најпосакуваните и највредни искуства во „Унилевер“: Бев префрлен во Букстехуде, мал град во близина на Хамбург, во фабриката што ги произведува геловите за туширање Dove, Axe, Duschdas. Дел сум од раководниот тим на фабриката како главен финансиски директор. Одговорен сум за контрола на фабриката, за да се осигуриме дека сме усогласени и да ги спречиме проблемите со ревизијата, објаснува Стефан. Освен тоа, тој е одговорен и за перформансите на фабриката и ги надгледува буџетите и програмите за штедење – од плати, до сметки за комунални услуги, поправки и одржување, амортизација и други трошоци. Ги надгледува и капиталните трошоци и ги прегледува сите инвестиции за подобрување на фабриката: И на крај, делумно сум одговорен да ги креирам долгорочните деловни планови за една до три години.

За професионализмот, за животот и за успехот

Еден од најголемите предизвици на почетокот од животот во странство за Стефан бил да најде работа. Како што вели, пред седум години кога барал работа, речиси ниту една од компаниите немала отворени позиции за млади кандидати што не зборуваат холандски јазик: Денес тоа не е случај, има многу компании што бараат меѓународни таленти. Првата работа во компанијата за економски истражувања ја најдов преку „Гугл мапс“. Имав испратено повеќе од 200 апликации на секакви различни компании, главно добивајќи „не“ или не добивајќи никаков одговор. Станав толку очаен бидејќи имав виза само за една година по студирањето. Случајно ја најдов компанијата за економски истражувања, во која имаше само едно отворено работно место и вложив сè што имав во тоа интервју. Ја завршив работа толку добро, што ми понудија да го спонзорираат мојот престој во Холандија, а тоа ми овозможи да останам подолго и ми помогна да влезам во „Унилевер“.

Едно од најскапоцените искуства што ги има дефинитивно е работењето за „Унилевер“ и работата со толку паметни луѓе што споделуваат една страст – грижата за околината. Тоа ми беше многу важно кога избирав во која голема компанија да работам. Секоја нова иновација или промена во „Унилевер“ почнува со прашањето дали тоа ќе биде добар потег за животната средина. Верувам дека тоа е нешто што треба да го прават сите компании ако сакаат да останат релевантни за младите таленти и да успеат во светот на утрешнината, вели тој.

На почетокот од животот во странство Стефан имал и одредени тешки моменти. Ако, на пример, имав лошо интервју или добар ден на работа, на почеток немаше со кого да споделам. Моите родители се далеку, не се вклучени во моето секојдневие и дефинитивно ми недостигаше таа реална жива врска, иако постојано зборувавме онлајн. Ми недостигаше брат ми, кој брзо растеше во тие средношколски години... Ми недостигаше убавата храна што може да ја понуди Македонија, вели тој и заклучува дека вистина е тоа што го велат дека понекогаш треба да изгубиш нешто за да разбереш колку било добро.

За една личност успешно да работи на позицијата на која работи Стефан, според него, треба да има добра деловна способност, да ги разбира приоритетите на компанијата, да се потпира на податоци, да слуша што се случува на терен и секогаш да биде отворен за повратни информации, да биде во чекор со трендовите на пазарот: Мојата деловна остроумност постојано се развива. И покрај сите искуства и улоги што ги учам, секогаш одвојувам време во неделата да ги слушнам луѓето како всушност ја спроведуваат нашата стратегија на фабричкиот под и да разберам што можам да направам за да им го направам животот полесен, поефикасен и попродуктивен.

Моите очекувања од работата апсолутно се целосно исполнети, дури и надминати. Голема е честа да се работи за фабриката и за „Унилевер“ и секогаш ќе им бидам благодарен на луѓето што ми дадоа можност да се докажам.

Очекувањата од работата за нашиот соговорник апсолутно се целосно исполнети, дури и надминати. Тој повторно истакнува дека е голема честа да се работи за фабриката и за „Унилевер“ и секогаш ќе им биде благодарен на луѓето што му дале можност да се докаже.

На колегите на кои ќе им се укаже можност да добијат функција надвор од родната земја, тој би им препорачал најпрвин да направат листа од што би се откажале и би жртвувале за да го остварат тоа. Но, истовремено, тие треба да бидат и искрени со себе дали тоа е вистинскиот чекор, не само моментално, туку и долгорочно: Мал чекор во вистинската насока кон целта, сепак, е чекор во вистинската насока. Тој додава дека дури и ако одлучат да ја побараат можноста во странство и не им успее – тоа не е крајот на светот, секогаш можат да се вратат дома побогати со искуства и знаења.

На прашањето ако има можност, дали би променил некоја професионална одлука што ја донел, Стефан вели дека го имал тој момент кога се приклучил на „Унилевер“. Буквално еден ден откако прифатив да работам во компанијата, ме контактира близок познајник и ми понуди позиција на менаџер на инвестициско портфолио во еден голем пензиски фонд во Холандија, за што го прашував подолго време. Ако имам шанса да се вратам во времето, мислам дека би го променил тоа. Причината е затоа што сум многу љубопитен да дознам како би изгледал мојот живот ако ја работев таа работа наместо финансиската кариера во „Унилевер“.

Во досегашната кариера како најголем успех тој го издвојува моментот кога го развил и успешно го имплементирал RPA, по што добил можност да ја презентира пред главниот извршен директор на „Унилевер“, од причина што можел да види како лидер на една голема компанија од листата Fortune 500 размислува и апсорбира информации.

На крајот од разговорот Стефан заклучува дека клучот за неговиот успех е упорноста без откажување и напорната работа: Како иселеник во странска земја, можеме многу да изгубиме, особено ако времетраењето на престојот е темпиран со виза. Затоа, неговиот совет е секогаш да се дава сè од себе и да се искористат понудените шанси, да се направи тој чекор кон вистинската насока и цел.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...