Разговараше: Алма Растодер, alma@instore.mk
Марика Караџова зад себе има 30 години работно искуство, од кои 24 има работено во „Фершпед“. На позицијата генерален менаџер на компанијата „Европа“ е од јуни 2017 година и иако е краток период, сепак, иницирани се активности кои го менуваат курсот на движење на компанијата, од застарена фабрика за производство на кондиторски производи во продажно и маркетинг-ориентирана компанија. Работиме на новиот визуелен идентитет на компанијата (редизајн на лого, дефинирање на стандарди за примена на идентитетот, начини на имплементирање и сл.) кои се неопходни за правилна трансформација на идентитетот на „Европа“, истакна Караџова. Со неа разговаравме за работењето на еден од најстарите производители на кондиторски производи во Македонија и пошироко и за претстојните планови за развој на нашиот пазар.
„Европа“ е една од најстарите кондиторски компании кај нас. Колку е тешко да се носи „товарот“ на традицијата и истовремено да се следи чекорот на новото време?
Фабриката „Европа“ постои од 1882 година и тоа се веќе 136 години одржување на традиција и високо ниво на квалитет. Се разбира дека одговорноста е огромна, но тоа повеќе го гледаме како мотив, а не како товар што треба да го носиме. Секојдневно се соочуваме со предизвиците што ги носи новото време и се трудиме да бидеме во чекор со барањата на пазарот кој постојано се менува. Традицијата е наша гордост и предизвик за да продолжиме понатаму.
„Европа“ е една од најстарите кондиторски компании кај нас. Колку е тешко да се носи „товарот“ на традицијата и истовремено да се следи чекорот на новото време?
Фабриката „Европа“ постои од 1882 година и тоа се веќе 136 години одржување на традиција и високо ниво на квалитет. Се разбира дека одговорноста е огромна, но тоа повеќе го гледаме како мотив, а не како товар што треба да го носиме. Ова особено се однесува на нашите вработените со коишто навистина се гордеам, затоа што се посветени да ги исполнат стандардите што ни се зададени.
Секојдневно се соочуваме со предизвиците што ги носи новото време и се трудиме, и како индивидуи и како компанија, да бидеме во чекор со барањата на пазарот кој постојано се менува. Традицијата е наша гордост и предизвик за да продолжиме понатаму.
Во тој контекст, како би го опишале брендот Европа, под чија капа се повеќе различни кондиторски производи? Кои се главните карактеристики што го одвојуваат од другите присутни на пазарот?
Брендот Европа од своето формирање до денес се води според неколку основни насоки од кои ниту една генерација во изминатите децении не отстапила, а тоа се: набавка на исклучително квалитетни суровини, производствен процес според строги правила и незаменливи оригинални рецептури. Сето ова води до квалитетот кој „Европа“ постојано бескомпромисно го одржува. Ако нешто е наша одлика, тоа е квалитетниот производ кој влева доверба кај купувачите. Редовно ги следиме промените во законските регулативи за квалитет на суровини и секогаш навремено се приспособуваме. Конкретно оваа година извршивме замена на редовната палмина маст со палмина маст со помало присуство на GE (Glicidyl Esters) до 1ppm/kgсогласно законски процедури на ЕУ кои стапија во сила од 30.9.2018 година.
Со поддршка на ЕБРД работиме на проект за унапредување на маркетингот кој опфаќа унапредување во редизајни на амбалажи, развој на премиум бренд линија, лансирање нови иновативни – тренди производи...
Во последните години „Европа“ вложува во лансирање производи и кампањи кои ги следат трендовите, некои од нив беа малите чоколатца Мини, чоколадните десерти Minti, како и кампањата со чоколадата со порака. Каков е фидбекот од нив? За колку е зголемена потрошувачката и подобрена свеста за компанијата?
Со редизајнот на одредени производи, како чоколатцата и вафлите Мини, Brixx и десертот Minti, бележиме зголемување на продажбата и позитивни коментари од нашите купувачи. Кампањата за чоколадата со порака поттикна голем интерес кај фановите, кои беа одлично прифатени од потрошувачите. Сметаме дека зголемената присутност и активност на компанијата на социјалните медиуми и подобрената дистрибутивна мрежа во последниот период придонесоа за подобрување на свесноста за компанијата.
Со оглед на Вашето работно искуство, колку се сменети условите за работа на пазарот? Колку домашните и странски фондови за поддршка на компаниите се реално достапни и помагаат за развој?
Пазарот константно се менува и најчесто директно зависи од економската состојба во државата, па така и понудата на компаниите мора да варира и да се адаптира на моменталните барања. Фондови за поддршка на компаниите постојат, но треба многу внимателно да се анализира за што ќе се наменат и како ќе се искористат. Моментално со поддршка на фонд од ЕБРД работиме на проект за унапредување на компанијата во делот на маркетинг и генерален менаџмент. Тоа опфаќа унапредување во редизајни на амбалажи, конзистентност на амбалажите по група на производи, развој на премиум бренд линија, лансирање нови иновативни – тренди производи, како и унапредување и креирање на систем за внатрешно работење. Со новиот закон за финансиска поддршка на инвестициите се отвора можност за искористување средства за домашните компании кои претходно биле наменети исклучиво за странски инвестиции.
Компанијата е активна на социјалните мрежи, а особено на „Твитер“. Во која мера тие придонесуваат за комуникација со потрошувачите и за дознавање на нивните потреби?
Социјалните мрежи се една од алатките на новото време и тоа е еден доста ефикасен начин да допреме директно до нашите потрошувачи. Особено одличен фидбек имавме од кампањата #РетроЕвропа, преку која допревме до емоциите на нашите следбеници, кои ги повикавме да ги прикажат своите автентични фотографии, стари пакувања, приказни, спомени или искуства поврзани со АД Европа – директно помагајќи во градењето на големата и слатка историја на фабриката. Бевме пријатно изненадени што брендот Европа живее во домовите на нашите купувачи и што тие сè уште ги чуваат старите пакувања од нашите производи. Ваков тип маркетинг и понатаму ќе поддржуваме и со секој нареден годишен маркетинг-план ќе имаме тенденција да вложуваме повеќе отколку во претходната година.
Дали компанијата „Европа“ спроведува општествено-одговорни активности?
„Европа“ како општествено-одговорна компанија се вклучува во многубројни хуманитарни акции и донации за голем број организации и институции, а тоа ќе продолжи да го прави и во иднина во рамките на своите можности, за оние на кои помошта им е најпотребна. Нашата компанија со години посветува особено внимание на луѓето со посебни потреби кои се задолжителен дел од тимот на „Европа“ и имаат огромен придонес во успешното работење. За таа цел, имаме формирано заштитно друштво „Европак 2012“ во рамките на фирмата, која вработува лица со посебни потреби.
Гледано ретроспективно, колку се сменил македонскиот потрошувач, дали за него сè уште е најбитна пониската цена? Кои се вашите купувачи?
Имаме купувачи од сите возрасни групи. Имајќи ја предвид економската ситуација во која живееме, цената секако дека е важен фактор при изборот на производи што ги купуваме сите ние. Ценовно ги следиме потребите на купувачите и со промотивни активности се доближуваме до нашите потрошувачи. Сепак, ние сме среќни што имаме оформено круг на верни купувачи кои ги претпочитаат нашиот вкус и квалитет и кои секогаш го избираат нашиот производ без разлика на цената. „Европа“ во своето разновидно портфолио има можност да нуди производи наменети за купувачи со различна куповна моќ, така што секој може да го најде тоа што му одговара. Генерално гледано продажната мрежа ни е структурирана според одредени специфики кои ги носи секој регион и според кои ја категоризираме нашата понуда.
Каква е соработката со малопродажните синџири во Македонија? Бидејќи извезувате на 25 пазари, каква е соработката со странските синџири и што како искуство може да се пренесе кај нас?
Моментално извезуваме на 25 пазари и интензивно работиме на изнаоѓање нови купувачи, бидејќи нашиот фокус е извозот. Годинава потпишавме договори со тековните купувачи со зголемен обем на продажба. Постојано сме во комуникација и заеднички ги договараме активностите за зголемување на продажбата со цел постигнување на зацртаните таргети. Исто така, од почетокот на годината почнавме соработка со „Нелт“, нов дистрибутер за домашен пазар со кој имаме зголемување на продажбата за 20%.
Колкав процент од продажбата се остварува преку шесте продавници на „Европа“? Дали планирате да отворите нови продавници во другите градови?
Целта на нашите специјализирани продавници е да им понудиме на верните купувачи едно поразлично искуство од стандардното одење во маркет. Свежината на производите, љубезниот однос на вработените во продавниците и прифатливите цени се тоа што сакаме да го презентираме преку тој синџир на продажба. Оваа година продажбата во нашите продавници покажа значителен пораст како резултат на месечните акции што ги организираме за нашите купувачи, а во блиска иднина размислуваме да воведеме и лојална картичка за нашите верни купувачи и секако во иднина, и онлајн-продажба.
Исто така, работиме на комплетно реновирање на сите продавници. Кон средината на октомври ќе ја релоцираме и редизајнираме нашата продавница во ГТЦ во Скопје и ја користам оваа можност да ве поканам да ја посетите нашата нова продавница каде што ќе имате можност да го искусите шмекот на модернизацијата на брендот Европа. Од мај почна со работа и првата продавница Wine&Chocolate во Ристиќева палата, која претставува заеднички кобрендинг со винарницата „Сковин“ и каде што ги презентираме нашите премиум производи.
Дали се потпирате на истражувања на пазарот при планирањето нови производи или проекти или одлуките ги носите врз основа на искуството?
При донесување такви одлуки сметаме дека се важни двата пристапа. Правиме истражувања и со големо внимание пристапуваме кон коментарите на купувачите бидејќи тие ни се од големо значење. Искуството несомнено е голем столб на кој се потпираме, но и истражувањата на пазарот се нешто што е неизбежно при планирање нови производи или проекти. Многу често токму во тие наши специјализирани продавници тестираме мислење за некој нов вкус или дизајн кој потоа го лансираме пошироко на пазарот.
Какви Ви се плановите за оваа година? Дали подготвувате нови производи, ребрендирање на постојните, нови инвестиции, проширување на производствените капацитети...
Оваа година работиме паралелно на неколку фронта. Во фаза сме на инвестирање во производствените линии што ќе придонесат за оптимизација на процесите и ќе отворат можности за изработка на нови производи. Паралелно со тоа веќе подолг период работиме на редизајни на амбалажи на нашите топ-15 производи и многу наскоро ќе имате можност да видите некои од производите на „Европа“ во нов дизајн. Ставаме голем фокус на модернизација на компанијата и можеме со гордост да најавиме дека следуваат доста интересни промени кои веруваме дека ќе внесат свежина во брендот Европа.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.