Локално

Лефтер Андонов: Забрзани иновации во сообраќајот и логистиката

16 Apr 2018
Лефтер Андонов, управител на СИЗ „Македонија сообраќај" – АМЕРИТ

Бидејќи Македонија има значајна геосообраќајна положба во регионот, логистиката нуди одлични можности за достигнување подобри резултати во економијата. Со управителот на СИЗ „Македонија сообраќај" – АМЕРИТ, Лефтер Андонов, кој го почна мандатот на 4 март годинава, зборувавме токму за потенцијалите на логистиката, но и за сите придружни нешта кои придонесуваат компаниите од овој сектор непречено да ги извршуваат активностите. Андонов истакна дека му е чест што е избран на оваа позиција кога асоцијацијата одбележува 65 години работење.Заеднички и со здружени сили со одличниот тим на вработени, но и со членките ќе целиме кон поуспешно и непречено работење на транспортните компании во Македонија, истакнува тој.

Разговараше: Алма Растодер, alma@instore.mk

Како би ја опишале состојбата на дистрибуцијата и логистиката во Македонија, со оглед на вашето и искуството на вашите членки?

Врз основа на геосообраќајната положба, која претставува мост преку центарот на Балканскиот Полуостров, Македонија зазема посебно место кога се работи за подобрување на долгорочните концепти на логистичката структура во рамките на еден регион. Поради граничната положба со две членки на ЕУ – Грција и Бугарија, како и други земји, државата е во состојба да игра мошне важна улога при формирањето центар на Балканот од економско-политички аспект.

Живееме во време кога логистиката вклучува голем пакет на можности. За да можат да се достигнат оптимистичките цели (економски, сообраќајни и еколошки), потребен е сериозен пристап и развој на модерни транспортно-логистички центри. Неопходноста за забрзани иновации на сообраќајот е предизвикана поради промените во модерната логистика.

Логистичките потенцијали пред сè лежат во текстилната индустрија и во преработката на прехранбени производи, а изградбата на надрегионален центар за свежи производи на Балканот може да биде сериозен и приоритетен пристап за дискусија.

Сметате ли дека македонските дистрибутивни и логистички компании го следат трендот на воведувањето на дигитализацијата во работењето?

Модерната интелигентна технологија ги забрзува процесите во делот на логистиката на складирање и дистрибуција намалувајќи ги трошоците, а зголемувајќи го квалитетот.

Македонските компании се во чекор со дигитализацијата во работењето, следејќи и учејќи од добрите практики на компаниите во регионот и може да кажеме дека воопшто не заостануваат во управувањето со синџирот на снабдувањето.

За да можат да се достигнат оптимистичките цели (економски, сообраќајни и еколошки), потребен е сериозен пристап и развој на модерни транспортно-логистички центри. 

Патната инфраструктура е особена болка на превозниците што секојдневно патуваат и доставуваат стока. Сметате ли дека се потребни поголеми инвестиции во овој дел?

Патната инфраструктура е една од најзначајните алки во процесот на превоз на патници и стоки. Континуираното инвестирање во инфраструктурата е безусловно неопходно. Вложувањето во добра инфраструктура и постојаното и квалитетно одржување значи побрз, подобар и најважно од сè, побезбеден транспорт. Секој дополнителен денар вложен во патната инфраструктура е огромна придобивка за општеството во целина.

На кој начин и во која мера воведувањето на електронската наплата на патарините ќе го олесни работењето на компаниите? Во меѓувреме, со какви предизвици ќе се соочуваат компаниите поради различниот начин на наплата и категоризација на возилата?

Електронската наплата на патарините е проект кој е од исклучително значење за нашата држава, со кој ќе се намали застојот на патарините. Имено, овој систем предвидува комплетна електронска наплата, а повлекува и модернизација на наплатните станици, што претставува дополнително вложување во транспортната инфраструктура.

Различниот начин на наплата и категоризација на возилата е еден сериозен предизвик со кој се соочуваат возачите. Тие се различно регулирани во секоја држава и создаваат дополнителни тешкотии како за возачите така и за компаниите.

За таа цел, упатуваме апел до транспортните компании, за да се избегнат какви било несакани последици, навремено да се информираат за начинот на наплата на патарините во земјите низ кои се врши транспортната операција.

Со ваша помош на компаниите им е овозможен поврат на ДДВ од странство. Може да ни објасните повеќе за условите и можностите што компаниите можат да ги искористат?

Сите транспортни компании што се  регистрирани како даночни обврзници можат да остварат право на поврат на ДДВ за одредени набавени продукти и услуги во странство, како на пример набавка на гориво, плаќање патарини во странство и други трошоци, што се со поврат на ДДВ. За таа цел, СИЗ „Македонија сообраќај" – АМЕРИТ, која во својот делокруг на активности ја има и услугата за поврат на данок, соработува со домашни и со странски компании. Ги нудиме услугите: поврат на ДДВ од сите европски земји во кои постојат услови, потоа поврат на ДДВ за странски компании од Македонија, како и следење ДДВ-регулатива, и тоа со минимална административна процедура и најбрза можна постапка.

Според нашето искуство, мора да истакнеме дека за непречена реализација на повратот една од најважните работи е исправноста на документацијата за давачките што превозниците ги имале во странство, а за кои бараат поврат на ДДВ. Имено, сметките треба да ги содржат следните податоци: датум на издавање (датум на фактура), број на фактура, назив на снабдувач или назив на компанија, седиште и ДДВ идентификационен број, назив и количество на стоката или услугата, податоци на компанијата на клиентот, како и јасно изразено ДДВ и ДДВ-стапка, нето-износ на сума и бруто-износ на сума на сметка. АМЕРИТ врши поврат на ДДВ од: Австрија, Белгија, Бугарија, Aнглија, Данска, Ирска, Луксембург, Норвешка, Полска, Словенија, Финска, Франција, Холандија, Шведска и Србија.

Доколку се исполнети минималните износи за поврат на ДДВ, фактурите на транспортните компании може да се процесираат  квартално, при што фактурите за секој фискален квартал треба да се достават не подоцна од 15 дена по завршетокот на секој квартал.

Министерството за транспорт и врски информира за измените на Законот за превоз во патниот сообраќај и за новиот Закон за работното време на екипажот на возилата во патниот сообраќај и уредите за запишување во патниот сообраќај. Накратко, Ваши коментари во врска со законите.

Во изминатиот период се подготвуваа измените на овие два закона. Во духот на транспарентноста на новата влада, до нашата асоцијација беа доставени барања за мислења, сугестии и предлози околу предложените законски измени.

Во врска со Законот за превоз во патниот сообраќај, нашиот главен фокус беше кон усогласување со Повелбата за квалитет на ЕКМТ, пред сè во делот на обука на професионалните возачи и во делот на исполнување на критериумите од страна на транспортните компании. Во тој дел можам да кажам дека сме задоволни што дел од нашите забелешки беа прифатени. Да споменам неколку: се воведува задолжителна периодична обука од 35 часа на секои 5 години, а се утврдува и времетраењето на почетната обука. Усогласени се и условите за пристап до професијата за транспортните компании (финансиска стабилност, добар углед и слично), и направена е соодветна категоризација на казните според нивната сериозност, а согласно одредбите од Повелбата на ЕКМТ. Остануваат отворени некои прашања, како што е барањето на транспортните компании да не се бара извод од лиценца за приклучно возило (со што ќе се намалат обемните административни процедури), потоа дистинкција меѓу сертификатите за професионалните возачи што превезуваат стока и возачите што превезуваат патници, и потребата од построги критериуми за овластените центри за обука на возачите. Со оглед на тоа што предлог-измените во моментов се наоѓаат на ЕНЕР и сè уште се отворени за коментари, се надеваме дека и овие забелешки ќе бидат земени предвид. Сметаме дека со нив ќе се олесни работењето на транспортните компании и ќе се подобрат имиџот на професијата и квалификациите на нашите професионални возачи.

Што се однесува, пак, до законот за работното време на екипажот на возилата во патниот сообраќај и уредите за запишување во патниот сообраќај, нашите забелешки се однесуваа на додавање појаснувања на одредени членови, како, на пример, да се објасни во кои случаи може неделното работно време да се продолжи на 60 часа, да се пропише Образец за водење евиденција во насока на олеснување на работењето на транспортерите и други забелешки.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...