Локално

Марија Стојчевска: Иновативни и флексибилни кон потрошувачите и пазарот

13 Mar 2024
Компанијата „Јус МБ“ почна со работа на почетокот од последната деценија на 20 век и како што велат оттаму, почетоците биле скромни, но низ годините оваа компанија континуирано растеше и денес прерасна во една од водечките дистрибутивни компании во Република Северна Македонија. За развојниот пат на компанијата, капацитетите, предизвиците со кои се соочува во секојдневната работа, иновациите, инвестициите и проекциите за иднината, разговаравме со комерцијалната директорка Марија Стојчевска.

Стојчевска дипломирала на Факултетот за менаџмент на човечки ресурси, а својата кариера ја развивала во „Унилевер“, „Битолска млекара“ и „Тедико супер“. Покрај максималната професионална посветеност на својата работа, таа за себе вели дека слободното време сака да го поминува со семејството и пријателите, како и да прочита некоја добра книга.

Разговараше: Петар Чаушевски, petar@instore.mk

 Компанијата „Јус МБ“ почна со работа на почетокот од 90-тите години. Можете ли да ни го претставите развојниот пат на компанијата?

Компанијата „Јус МБ“ датира од 1992 година. Нејзините почетоци се како мала семејна фирма, но практикувајќи континуирано вложување во своите вработени, имплементација на современи стандарди и професионализација на своето работење, се разви во современа компанија со сопствен дистрибутивен центар од најсовремен ранг.

 На што се должи успешниот развој на компанијата?

Успехот и развојот на компанијата се должат на одговорно, посветено и професионално работење, континуирано вложување во сите аспекти на работењето и, секако, на долгогодишната соработка со своите принципали, кои се дополнителен придонес за заеднички пораст на продажбата и дистрибуцијата. Но, да не заборавиме дека најголемата сила во секоја компанија е тимот и затоа многу е важно да имате добар тим околу вас кој ги спроведува и се држи до јасно зададените принципи на работа. Главната цел е тимското работење, се трудиме да бидеме во чекор со времето, се стремиме кон надградување, користиме современи техники за унапредување на продажниот процес и имаме јасно поставена цел. Токму поради тоа имаме и континуиран пораст на компанијата.

Со колкави капацитети располага дистрибутивниот центар?

Вкупното земјиште изнесува 30.000 м2. Дистрибутивниот центар се состои од деловен простор од 860 м2 и складиштен простор од 6.000 м2 со современа логистичка мрежа и паркинг-простор. Во рамките на дистрибутивниот центар на приземјето се наоѓа складиштен простор од вкупно 6.000 м2 – и тоа магацински простор од 4.500 м2 и комори и дел за пакување од 1.500 м2. На површината на магацинскиот простор достапни се 4.128 палетни места, додека на површина на коморите достапни се 2.160 палетни места. Приемот и испораката на производите се вршат од 15 високопрофесионални рампи. Магацинскиот простор располага со современ WMS систем за управување со магацин, изграден е во согласност со сите нормативи и стандарди и во себе опфаќа магацин за прехранбени производи и посебно Co-Pak одделение. Коморите кои се во рамките на складишниот дел на дистрибутивниот центар се со вкупен капацитет од 2.160 тони или 2.160 палетни места. Овој оддел се состои од 3 софистицирани комори изградени по најнови стандарди и тие се наменети за складирање месо, месни производи и смрзната храна. Имаме два посебни дела, за што се користат 2 одделени рампи, како и делот за пакување на смрзнато месо за нашата приватна марка Gold. Делот за пакување, кој е дел од вкупниот складиштен простор, служи за пакување на производи од приватната трговска марка Jus MB.

Споменавте дека имате посебен дел за пакување на производи, кажете ни нешто повеќе за тоа?

Да, всушност се работи за 2 посебни дела за пакување - едниот е дел од складишниот простор и служи за пакување на PL производи под брендот Jus MB и тоа: шеќер, грав и ориз. Капацитетот на овој дел е околу 12 тони на дневно ниво.

Вториот дел за пакување е дел од коморите и се користи за пакување на смрзнато пилешко месо и риба, наша приватна трговска марка Gold. Во овој дел се наоѓа софистицирана машина за пакување со капацитет од околу 4 тони на дневно ниво.

Планот за развој е постојано активен, но никогаш не е избрзан. Изминативе неколку години активно се вклучивме во развој на приватните марки. Планирано е и дополнително проширување на програмата Gold, кое за многу краток период ќе биде реализирано. Фокусирани сме на развој на постојните PL програми и зацврстување на нивното место на полица.

Сметам дека сите наши брендови имаат значителна улога во својата категорија, имаме силни брендови кои се препознатливи на пазарот и имаат голема улога во нашата целокупна продажба.

Кои брендови се најсилни во вашата дистрибутивна програма?

Сметам дека сите наши брендови имаат значителна улога во својата категорија, имаме силни брендови кои се препознатливи на пазарот и имаат голема улога во нашата целокупна продажба. Сепак, како најсилни би ги издвоила Pionir, смрзнатото месо и Sentela.

 Живееме во време на брзи технолошки промени. Колку инвестира компанијата во новите технологии и современите софтвери кои ги подобруваат условите и можностите за работа?

Брзиот развој и технолошките промени ни ги наметнуваат иновациите, кои пак ни помагаат сѐ да се случува побрзо и полесно со тоа што ни заштедуваат време за важните сегменти во работењето. Наша сегашна и идна мисија е да ги следиме и имплементираме глобалните промени во транспортното работење.

Од тој аспект, дистрибутивниот центар располага со современ WMS систем за управување со магацин. По сите современи стандарди складишниот простор е дел кој функционира сам за себе, но сепак постои одлично испланирана непречена врска со административниот дел и логистиката.

Дополнително водиме грижа за нашиот дистрибутивен тим и движењето на производите од централниот магацин до секој клиент одделно преку имплементираниот ГПС-систем, со што постојано се зголемува ефикасноста на испорака и се зголемува ефикасноста по вработен.

Изминативе неколку години бизнис-секторот постојано се соочува со проблеми. Ковид-кризата, високата инфлација, замрзнати цени... Како се справувате со овие предизвици?

Сите сме погодени, условите за работа се доста влошени, а поскапувањето на суровините доведе до поскапување на цените на производите. Свесни сме дека оваа ситуација делумно ќе продолжи, а сето ова досега придонесе за намалување на продажбата и секако на профитабилноста. Куповната моќ е намалена, а потрошувачката кошничка драстично зголемена, и токму поради тоа се менуваат навиките на пазарот. Последици има и ќе има иако ние како компанија се обидуваме да најдеме алтернативни решенија, како и да бидеме пофлексибилни и да се приспособиме на сите новонастанати ситуации, но вистината е дека е многу тешко да се издржи и совлада сето ова.

 Во последниот период една од главните теми е недостигот на работната сила. Дали го чувствувате тој проблем и кои мерки би требало да се преземат за да се надмине?

Недостигот на работна сила е проблем со кој се соочуваме сите и ги чувствуваме последиците. Како и кај сите, така и во нашата компанија најголемиот недостиг на работна сила е во магацинскиот/складишниот дел. Ако до пред неколку години сме имале вработени во магацинскиот дел кои кариерата ја почнале токму во „Јус МБ“, растеле и се развивале паралелно со компанијата, сега тоа повеќе не е случај.

Она што можеме како компании да го направиме е да инвестираме повеќе во вработените на секое поле во зависност од можностите за да имаме квалификувана работна сила, но за жал, економската криза со која се соочуваме во моментов, како и сите придружни одлуки и мерки што се носат, не го дозволуваат тоа, едноставно сите сме фокусирани на тоа како да се опстане во овој кризен период.

Главната цел е тимското работење, се трудиме да бидеме во чекор со времето, се стремиме кон надградување, користиме современи техники за унапредување на продажниот процес и имаме јасно поставена цел.

 Колку компанијата инвестира во т.н. зелени инвестиции?

Како најголема инвестиција во тој правец можам да ја истакнам изградбата на фотоволтаична централа со капацитет од 1 мегават. Инвестиција која ја завршивме во јуни 2022 година. Ние бевме меѓу првите компании што видоа потенцијал во таа инвестиција.

Се трудиме да вршиме селектирање на т.н. отпад од картони и пластика - за таа цел имаме договор со „Алпак еко“ и „Даути комерц“, со кои имаме успешна соработка.

Што се однесува до идните инвестиции на тоа поле, ние како компанија колку и да сакаме да инвестираме, сепак треба да имаме поддршка и од Министерството за животна средина. Сведоци сме дека глобалното затоплување е сѐ поприсутно како термин и состојба која не нѐ засега само нас, туку е проблем на глобално ниво.

Кои се проекциите на „Јус МБ“ за 2024 година?

Како и претходните неколку години, така и за 2024 сметам дека ќе биде тешка година, последиците од сите случувања изминативе години во бизнис-секторот, како и од економската криза се чувствуваат, но се очекува делумно закрепнување и враќање на стабилноста. Комбинацијата на повеќе кризи (пандемија, енергетска криза, инфлација итн.) создаде притисок и неповолна средина за работење, ограничени можности за развој и сите сме фокусирани на приспособување и опстанување. Во секој случај, ќе биде голем предизвик, важно е да се остане флексибилен и иновативен во пристапот кон потрошувачите и пазарот.

 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...