Продолжуваме со процесот на премиумизација на нашето портфолио, но паралелно работиме и на збогатување на изборот за нашите потрошувачи кога станува збор за достапност на реномирани светски брендови во областа на жестоки пијалаци
Разговараше: Сунчица Стојановска Зоксимовска, sunchica@instore.mk
Иако по вокација e информатичар (софтверски инженер), енергичноста и желбата за подинамичен живот го носат во светот на бизнисот. Својата професионална кариера ја почнал како дел од академскиот кадар на Универзитетот „Американ колеџ Скопје“, каде што повеќе од седум години бил дел од Факултетот за компјутерска техника и информатика. Во 2014 година професионалниот развој го продолжил во најголемата винарница во регионот, винарската визба „Тиквеш“, каде што шест години работел на позицијата менаџер за продажба. Минатата година му се укажа можност да ја преземе раководната позиција во „Бадел 1862“ - Македонија и да ја предводи трансформацијата на компанијата на домашниот пазар. За моменталното работење на компанијата, предизвиците и идните планови, разговаравме со Златко Ивановски, генерален директор на „Бадел 1862“ – Македонија.
Во април се навршува една година откако дојдовте на позицијата генерален менаџер во „Бадел 1862“ - Македонија. Каков е предизвикот да предводите компанија со толку долга традиција на постоење? На што се фокусиравте, што се работеше изминатата година?
Преземањето на позицијата генерален директор во компанија како што е „Бадел 1862“ - Македонија за мене претставуваше огромен предизвик, но и огромна одговорност. „Бадел 1862“ е компанија со богата историја и со долга традиција во производството на алкохолни пијалаци, која минатата година прослави 160 години постоење. Компанијата извезува во над 30 земји во светот, но Македонија како пазар е од посебно значење за „Бадел 1862“. Македонија е единствена извозна земја во која „Бадел 1862“ има своја фирма-ќерка која функционира како самостојна организација во целосна сопственост на „Бадел 1862“ - Загреб. Основана е веднаш по осамостојувањето на Македонија, и е првиот и најголем увозник на жестоки алкохолни пијалаци, со близу 50% од вкупниот увоз на жесток алкохол во земјата. Тимот во Македонија повеќе од триесет години континуирано работел на промоција на производите на компанијата, но и на развојот на целата индустрија. Наследувањето на процесот на развој и можноста да се продолжи долгогодишниот успех на компанијата, за мене претставува сериозна задача. Минатата година се посветивме на истражување на пазарните можности и дефинирање на нова стратегија за пристап на пазарот, активности кои водат кон утврдување на правецот во кој компанијата ќе се развива во следниот период. Заедно со тимот од Хрватска успешно реализиравме проект кој треба да го одреди патот по кој ќе се движиме во иднина. Донесовме многу одлуки во делот на продажната стратегија, кои не беше едноставно да се донесат, со цел производите на „Бадел 1862“ да ја одржат лидерската пазарна позиција.
„Бадел 1862“ – Македонија е меѓу лидерите за увоз на алкохолни пијалаци во земјава. Што покажуваат бројките со кои располагате – колкав дел од пазарот заземаат производите на „Бадел 1862“ кај нас и во матичната земја, Хрватска?
Македонија е мал и фрагментиран пазар. Тешко е со сигурност да се дадат точни податоци бидејќи речиси и да не постојат пазарни анализи кои го обработуваат пазарот на жестоки алкохолни пијалаци во нашата земја. Она на што може со сигурност да се потпреме се анализите што ги прави Царинската управа на Македонија и кои ни даваат релевантна слика за увозот на жесток алкохол, но и искуството во однос на домашното производство и производителите кои учествуваат на пазарот. Имајќи ги предвид сите овие податоци, би рекол дека „Бадел 1862“ во Македонија има близу една четвртина од вкупниот пазарен удел во категоријата на жестоки алкохолни пијалаци, а како што веќе споменав, учествуваме со близу 50% во вкупниот увоз.
Хрватска во споредба со Македонија е значително поголем пазар. Земјата има богата туристичка сезона која има огромно влијание во однос на потрошувачката и креира силно изразен сезоналитет во летните месеци, кога поради приливот на туристи, потрошувачката значително се зголемува. Минатата година „Бадел 1862“ на пазарот во Хрватска дополнително го засили своето пазарно учество и според податоците со кои располагам, успеа да стигне до 40% пазарен удел во категоријата жестоки алкохолни пијалаци.
Колкаво е вашето портфолио во моментов и кои брендови се предводници во продажбата? На што се темели нивната сила?
Портфолиото на „Бадел 1862“ е огромно, различните брендови, заедно со своите екстензии чинат повеќе од 300 производи. Ние во Македонија работиме со лимитирано портфолио, приспособено на вкусовите на потрошувачите и пазарните трендови. Производите кои „Бадел 1862“ ги нуди на нашиот пазар се своевидни икони. Пазарното истражување што го спроведовме минатата година ни покажа дека речиси и да не постои потрошувач кој не ги пробал Badel Prima Brand, Pelinkovac, Sax или Vigor. Нивната сила се темели на долгогодишното присуство на пазарот кое заедно со континуираното иновирање од страна на „Бадел 1862“ води кон константно подобрување на квалитетот кој потрошувачите го препознаваат и наградуваат.
Денес тимот на „Бадел 1862“ континуирано работи на премиумизација на целото портфолио.
Има ли планови за дополнително збогатување на портфолиото на алкохолни пијалаци?
Постојано размислуваме во оваа насока, но внимателни сме во однос на одлуките и чекорите што ги преземаме. Минатата година започнавме преговори со неколку етаблирани светски производители чии производи сметаме дека може да бидат дополнување на нашето портфолио. Потпишавме договор со „Мари Бризар“, реномираниот француски производител на ликери и сирупи, и оваа година започнуваме да ги дистрибуираме нивните производи на пазарот во Македонија. Сакаме да креираме богато комплементарно портфолио кое ќе им даде зголемен избор на потрошувачите, но претпазливо пристапуваме имајќи предвид дека секој нов производ заслужува сериозен фокус со цел негово правилно позиционирање и промовирање на пазарот.
Најавивте премиумизација на производите – што подразбира тоа и до каде е процесот?
Премиумизацијата на производите, според мене, е процес кој не застанува доколку сакате да имате успешни производи кои долго ќе се задржат на пазарот. „Бадел 1862“ е еден од најстарите производители на жестоки алкохолни пијалаци во регионот, кој низ годините многупати иновирал и ги подобрувал своите производи. Но, низ историјата компанијата поминала и низ доста турбулентни периоди кои го отежнувале искористувањето на нејзиниот целосен потенцијал. Во 2018 година компанијата доби нова сопственичка структура која брзо успеа да го трансформира „Бадел 1862“ од компанија со финансиски проблеми и отежнато функционирање во стабилна компанија со исклучително низок праг на задолженост, која во секој момент е спремна за нови иновации, вложување во своите производи и нови аквизиции. Денес тимот на „Бадел 1862“ континуирано работи на премиумизација на целото портфолио. Секојдневно се вложува во подобрување на самите пијалаци, во иновации во материјалите за пакување со цел задржување на квалитетот и карактеристиките на производот во неговиот пат до крајниот потрошувач, како и во развој на нови производи во согласност со светските трендови на консумација. За успехот на ова поле говорат и големиот број медали и награди што производите на „Бадел 1862“ континуирано ги освојуваат на светските натпревари како „Интернешнл вајн анд спиритс“ (International Wine and Spirits), „Ворлд спиритс ауард“ (World Spirits Award), „Декантер“ (Decanter), „Лондон спиритс компетишн“ (London Spirits Competition) и многу други.
Лани почнавме преговори со неколку етаблирани светски производители чии производи сметаме дека може да бидат дополнување на нашето портфолио. Потпишавме договор со „Мари Бризар“, реномираниот француски производител на ликери и сирупи, и оваа година започнуваме да ги дистрибуираме нивните производи на пазарот во Македонија.
Пандемијата силно го погоди бизнисот со пијалаци, особено во хорека-секторот. Како „Бадел 1862“ закрепнува во постпандемскиот период. Се сменија ли трендовите кај потрошувачите по пандемијата?
Бизнисот со алкохолни пијалаци во голема мера се потпира на хорека-секторот. Ограничувањата што настапија како резултат на пандемијата го оневозможија функционирањето на овој сектор, што директно се одрази врз бизнисот со алкохолни пијалаци, па и врз „Бадел 1862“. Среќни сме што пандемијата е зад нас и особено нѐ радува закрепнувањето на хорека-секторот, што на некој начин за нашата индустрија значи враќање во нормала. Но, исто така, свесни сме дека тоа не им става крај на предизвиците што нѐ очекуваат. Минатата година имавме сериозно зголемување на производствените трошоци како резултат на недостигот на репроматеријали, како директна последица од конфликтот помеѓу Русија и Украина. Сето ова се одрази врз крајната цена на производите и го оптовари буџетот на потрошувачите, што директно влијае врз потрошувачката. Секоја промена, позитивна или негативна, влијае врз креирањето нови навики и трендови кај потрошувачите.
Во насока на претходното прашање, „Бадел 1862“ – Македонија е позната како компанија која континуирано организира и поддржува многубројни настани за потрошувачите во хорека. Се враќаат ли тие активности повторно на сцена?
„Бадел 1862“ низ годините секогаш поддржувал многубројни настани кои се организирале во државата, не само во хорека-секторот, туку и во целата културно-уметничка сцена. Наша цел е и понатаму да вложуваме во организација и поддршка на настани, обидувајќи се да креираме содржини кои на нашите потрошувачи ќе им овозможат да се оддалечат од секојдневните проблеми и оптоварувања и да се забавуваат.
Како ја оценувате состојбата со конкуренцијата во секторот и на кој начин се борите за своето место на македонскиот пазар?
Конкуренцијата е неопходна за секоја индустрија. Нѐ одржува будни, нѐ тера да иновираме и нѐ прави секојдневно посветени на потрошувачите. Македонија е релативно мал пазар на кој се застапени голем дел од светските брендови на алкохолни пијалаци. Оттука, борбата за придобивање на довербата на потрошувачите е навистина голема. Нашата компанија како лидер во увозот на жестоки алкохолни пијалаци пред себе има голем предизвик да ја одржи лидерската позиција. „Бадел 1862“ е компанија која се обидува константно да ги следи глобалните трендови во консумација на алкохолни пијалаци, но тука постојат одредени светски брендови кои преку своите глобалните кампањи и количината на информации кои се достапни преку дигиталните медиуми сѐ повеќе ја зајакнуваат својата релевантност.
За нас, ова претставува дополнителен мотив да работиме на нашите брендови и да се бориме рамо до рамо со светските производители. Силно веруваме дека на нашите потрошувачи им ја нудиме најдобрата вредност, истовремено гарантирајќи им оригиналност и квалитет.
Кои се следните планови на „Бадел 1862“ – Македонија, што би можеле да очекуваме во блиска иднина?
Продолжуваме со процесот на премиумизација на нашето портфолио, но и паралелно работиме на збогатување на изборот на потрошувачите во Македонија кога станува збор за достапност на реномирани светски брендови во областа на жестоки пијалаци. Тимот на „Бадел 1862“ во Македонија ќе продолжи напорно и посветено да работи на развој и градење на нашите брендови и нивно позиционирање блиску до нашите потрошувачи. Нашата суштинска определба е да им понудиме на потрошувачите најдобра вредност за нивните средства и на тој начин да ја градиме и одржуваме нивната доверба. Сметам дека креирањето силна, искрена и емоционална врска со потрошувачите на долг рок гарантира успешност и одржливост на брендот.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.