Анализи

Делоит: Во ек на двојната криза

07 Jun 2020

Како поврзаноста меѓу личната безбедност и економската грижа влијае врз однесувањето на потрошувачите при трошењето?

Извор: „Делоит“

Во период од неколку месеци тоа што почна како глобална здравствена криза прерасна во голема економска криза. Додека економиите низ целиот свет настојуваат повторно да се отворат, бизнисите се изразено заинтересирани за поврзаноста меѓу личната безбедност и економската грижа. Кога потрошувачите ќе се чувствуваат доволно безбедни за да се вратат на работа, во продавниците, во рестораните и театрите, на патувањата? Ќе се вратат ли на старите однесувања или ќе создадат нови? Како потрошувачите во различни земји ќе ја надминат оваа двојна криза?

За да добие одговори на овие прашања, „Делоит“ спроведе серија анкети во повеќе земји (САД, Канада, Велика Британија, Германија, Франција, Италија, Шпанија, Холандија, Кина, Индија, Јапонија, Јужна Кореја и Австралија) за да го разбере начинот на кој размислува потрошувачот. Анкетите се прават на две недели, со примена на методологијата на интернет-панел и опфаќаат по 1.000 испитаници од секоја земја. Првото истражување од овој тип е спроведено на средината од април 2020 година. Од „Делоит“ очекуваат дека со овие податоци ќе развијат увид во „новата нормалност“, во која сите ќе живееме.

Здравствените грижи и понатаму доминираат над финансиските, особено во земјите што подолг период се погодени од Ковид-19.

Колку се вознемирени потрошувачите?

Сите живееме во еден вознемирувачки момент. Секој човек има различни нивоа на грижа за сопствената лична безбедност и за финансиското здравје. Додека земјите се движат низ различни фази на здравствената и економската криза, „Делоит“ ги праша испитаниците дали повеќе се вознемирени во моментот на анкетата во споредба со претходната недела.

Испитаниците од Индија и од Јапонија покажале најголем пораст на вознемиреноста, веројатно поради продолжување на мерките за престој дома, што влијае врз изгледите за работа и заработка. По нив следуваат Велика Британија, Шпанија и Италија. За разлика од нив, испитаниците од Јужна Кореја, Холандија и Германија, во просек, не се согласуваат дека се повознемирени, што веројатно е резултат на приспособувањето кон новата нормалност и/или најавите за повторно отворање на економиите. Во секој случај, недостигот од поголема вознемиреност кај нив е знак за надеж за тие што сè уште се во екот на кризата.

Здравствената и финансиската загриженост се релативно високи низ целиот свет

За неколку недели вообичаените практики, како одењето во продавница или патување со авион, станаа многу загрижувачки. Економиите се поттикнати од потрошувачката, а потрошувачите веројатно нема да се чувствуваат безбедно да се вратат на однесувањата што само до неодамна ги земаа „здраво за готово“, дури и кога економиите ќе ја вратат силата.

Загриженоста за сопствената физичка благосостојба, како и за здравјето на семејството и на другите луѓе во заедницата, останува на релативно високо ниво. Здравствената загриженост е најголема во двете најнаселени држави во светот – Кина и Индија, додека таа е најниска во Холандија и во Јужна Кореја.

Низ целиот свет голем дел од економиите достигнаа речиси целосен застој поради Ковид-19. Домино-ефект е зголемената невработеност. Во САД, 22 милиони луѓе поднеле барање за осигурување во случај на невработеност (до 17 април 2020 година).

Во просек, во сите 13 држави што ги опфаќа истражувањето, 42% од испитаниците кои сè уште имаат работа се загрижени дека ќе го изгубат работното место. За работното место во Шпанија стравуваат 62%, во Индија 54% и во Јужна Кореја – 51%. Испитаниците во Шпанија и во Индија, исто така, се најзагрижени и за исплата на претстојните плати. Околу 66% од испитаниците во Индија и 59% во Кина, најверојатно, ќе ги одложат големите набавки. Во меѓувреме, испитаниците од Франција и од Холандија се чувствуваат најсигурно во однос на статусот на вработување, а испитаниците од Холандија и од Јапонија се најмалку загрижени за исплата на претстојните плати.

Сепак, здравствените грижи и понатаму доминираат над финансиските, особено во земјите што подолг период се погодени од Ковид-19.

Потрошувачите веројатно нема да се чувствуваат безбедно да се вратат на однесувањата што само до неодамна ги земаа „здраво за готово“, дури и кога економиите ќе ја вратат силата.

Дали потрошувачите се чувствуваат безбедно да прават вообичаени работи?

Во државите што се опфатени во истражувањето, генерално, само 35% од испитаниците рекле дека се чувствуваат безбедно да одат во продавница, 25% се чувствуваат безбедно да престојуваат во хотел, а само 22% изјавиле дека би се чувствувале безбедно да патуваат со авион.

Загриженоста на потрошувачите за нивната благосостојба има очигледни импликации врз малопродажните трговци, угостителите, хотелиери, авиокомпаниите и врз голем број други бизниси што се ориентирани кон потрошувачите. Луѓето треба да се чувствуваат безбедно пред економиите повторно да се отворат и општеството да се врати на некое ниво на нормалност.

За разлика од релативно високото ниво на здравствена и финансиска загриженост, релативно висок процент од испитаниците во Индија изјавиле дека би се чувствувале безбедно да престојуваат во хотел или да патуваат со авион.

Каде ги трошат парите потрошувачите?

Соочувајќи се со голема економска неизвесност, голем број од потрошувачите ги намалуваат дискрециските трошоци и бараат начини да ги намалат дури и помалку дискрециските расходи за да сврзат крај со крај. Истражувањето на „Делоит“ сугерира дека во многу земји потрошувачите имаат намера да ја намалат нето-потрошувачката.

Се забележува пораст на намерата на потрошувачите да трошат на помалку дискрециски категории, како што се храната и предметите за домаќинството. Со зголемениот број луѓе што работат од дома, не е за изненадување благиот пораст во намерата на потрошувачите да трошат на комунални услуги, интернет и на мобилни комуникации.

Бидејќи мерките за изолација почнуваат да се релаксираат, степенот до кој се менува намерата за купување на дискрециските категории може да биде добар показател за зголемена побарувачка на секој пазар во иднина.

Со оглед на тоа што мерката „остани дома“ сè уште трае, се очекува дека дискрециските категории, како што се патувањата и автомобилските горива, лесно ќе бидат елиминирани од тековниот буџет на потрошувачите. Меѓутоа, доколку економските влијанија продолжат да се одолжуваат, потрошувачите веројатно ќе почнат да ги приспособуваат своите помалку дискрециски трошоци.

Ако генерално се погледне на намерата за нето-потрошувачка, потрошувачите од некои земји, како што се Индија, Кина и Германија, покажуваат поголема намера да трошат и на подискрециски и на помалку дискрециски категории, како што се книги, кабелска телевизија и забава. Тоа може да е рефлексија на довербата во здравствените и безбедносните институции на нивните земји, или ја одразува потребата на потрошувачите да се „оттргнат“ од неизвесната иднина.

Сепак, испитаниците од сите други земји, особено од Канада и од Италија, велат дека имаат намера да ги намалат просечните дискрециски трошоци. Бидејќи мерките за изолација почнуваат да се релаксираат, степенот до кој се менува намерата за купување на дискрециските категории може да биде добар показател за зголемена побарувачка на секој пазар во иднина. Во секој случај, веројатно ќе биде корисно да се анализира како довербата ќе почне да се враќа во периодот што следува.

Никој не сака Ковид-19 повторно да воскресне годинава. Доколку болеста повторно се појави, ќе биде интересно да се анализира како земјите ќе се постават за да ги заштитат граѓаните и сопствените економии.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...