Истражувачката агенција „Инсајдер ИД“ направи анализа на последиците и предизиците што ги носи кризата предизвикана од пандемијата со Ковид-19. InStore во пет продолженија ја објавува целата анализа, која се осврнува на појаснување на кризата, дефинирање на трендовите од кризата, ефектот врз бизнисот и проактивното поставување, професионални менаџерски тимови за управување од повеќе компании и кластери и конзорциуми како начин на подобрување на работењето.
ДЕФИНИРАЊЕ НА ТРЕНДОВИТЕ ОД КРИЗАТА
ЕФЕКТ ВРЗ БИЗНИСОТ И ПРОАКТИВНО ПОСТАВУВАЊЕ
Забележливо е дека сите трендови имаат два заеднички елементи, тоа се – оптимизација на искористување на ресурсите и намалување на времето што е потребно за реализација на активностите, речиси во секој домен на работењето на компаниите. Без разлика дали е одредување на стратегиските стопански сегменти (со што се намалува времето за реакција во криза) од државата или пак бројот на луѓе што ќе бидат вработени на определена работна позиција. Тоа неминовно ќе предизвика голема промена во бизнис-моделите на компаниите, кои од моменталните, најчесто неформални и непрофесионални бизнис-модели и системи на управување, ќе бидат принудени да станат формализирани и водени од професионален менаџмент.
Тоа сценарио го наметнува прашањето дали компаниите ќе имаат интерен капацитет за спроведување на тој начин на управување со бизнисите и како да се изведе тоа на најдобар начин? Доколку се примени досегашниот начин на работење, компаниите да продолжат со неформалното работење на бизнисот, веројатноста за успех се намалува во уште потурбулентна глобална економија. Од еден реактивен модел на функционирање, бизнисот ќе треба да почне да применува проактивен модел или доколку сè уште „реагира“ на промените, ќе треба да реагира многу побрзо од порано.
Ефектите ќе се почувствуваат во сите стопански сегменти и претпријатија, без разлика на секторот во кој дејствуваат, нивната големина или природа. За времетраење на кризата, банките, малопродажните синџири (за храна и пијалаци), производителите и дистрибутерите (на храна и пијалаци) имаат зголемен обем на работа, а со тоа и зголемен или еднаков приход. Но, екстремот – позитивен или негативен, побарува добро управување од компанијата, бидејќи и во двете ситуации постои веројатност за негативен краен резултат (Доколку компанијата се бележи зголемување на побарувачката за производите од 200%, од една страна тоа е позитивно од продажен аспект и поради можноста за зголемен приход, но од друга страна, доколку производството има капацитет за зголемување од 50%, недостигот од производи ќе се рефлектира негативно на пазарот. Исто така, зголемената продажба моментално, најчесто резултира со намалена побарувачка за производот во иднина). Следствено на тоа, по завршување на кризата може да бележат редуцирани активностите за одредени сегменти, доколку населението направи големи залихи од производи со подолг рок или го промени начинот на консумација и користење на некои производи и услуги. Наглиот пораст на приходот, не значи и директно зголемување на профитот и на позитивните резултати.
Средните и големите компании најчесто поседуваат (целосно или делумно) системи на работење, кои ги ограничуваат непродуктивните трошења и изработуваат минимум стратегиски планови за буџетирање. Со тоа, поголема е веројатноста дека поседуваат кризен план и залиха на готовина, која би им овозможила да го одржат бизнисот одреден период. Од друга страна, едни од финансиски најпогодени се моменталните мали бизниси, токму поради непродуктивните трошења и непостоењето на буџетски и финансиски план. Позитивно е што малите бизниси се многу пофлексибилни за разлика од средните и големите, што им овозможува брза промена на бизнис-моделите, носење одлуки, дури и промена на бизнис-сегментот во кој работат. Сепак, иако поседуваат доза на флексибилност, малите бизниси најчесто не ја користат, пред сè, поради инертноста на сопствениците, кои се воедно и менаџери, како и поради непостоењето на професионален начин на управување со бизнисот. Кризата во секоја алтернатива ќе ги принуди или да почнат да ја користат флексибилноста или да соочат со негативни последици.
Глобалноста на кризата, овозможува освен од негативен аспект, кој е најчесто финансиски, да се анализира и од позитивен за економиите и компаниите што најбрзо ќе можат да се приспособат на новата нормала. За економии со големина на локалните балкански, искористувањето на светскиот „рестарт“ може да биде повеќе позитивен, отколку негативен. Правилата на игра и трендовите важат секаде, на ред се државите и компаниите да се приспособат кон нив и да ги искористат. Првиот логичен чекор за позитивно поставување кон ситуацијата е градење капацитет за професионално управување, најпрвин во компаниите, а со тоа и во државата, што би овозможило постигнување на крајната цел за канализирање и искористување на трендовите и добивање позитивен резултат. Доколку компаниите продолжат со непрофесионалното работење, веројатноста за позитивно искористување на кризата значително се намалува. Потребно е да се почне со размислување за организација на бизнисите, како што ретко досега некој размислувал.
Две организациски активности би можеле целосно да ја променат сликата и работењето на компаниите. Тие се база за значително подобрување на работењето и при појава на нова криза би овозможиле подготвеност на повисок степен. Првата е организација на компаниите во кластери и конзорциуми, според напредниот јапонски систем на управување „Keiretsu“, а втората е поедноставна и опфаќа професионални менаџерски тимови за управување, составени од повеќе компании, односно креирање борд на директори и за помали компании, кои ќе го насочуваат управувањето на професионален начин.
Единствената можност за оптимизација на времето и ресурсите, е компанијата е да ја продлабочи соработката со партнерите, клиентите и со соработниците. Можноста е уште поприфатлива, бидејќи генерално не бара финансиски средства, туку само желба за промена на начинот на досегашното работење и поделба на активностите на различен начин.
(продолжува...)
„Инсајдер ИД“ е специјализирана агенција за истражување и стратегиски консалтинг. Е-пошта: info@insider.mk, тел.: +389 71 210 471
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.