Анализи

Инсајдер ИД: Ковид-19 – можност или бариера за економиите во развој, прв дел

25 Apr 2020

Истражувачката агенција „Инсајдер ИД“ направи анализа на последиците и предизиците што ги носи кризата предизвикана од пандемијата со Ковид-19. InStore во пет продолженија ја објавува целата анализа, која се осврнува на појаснување на кризата, дефинирање на трендовите од кризата, ефектот врз бизнисот и проактивното поставување, професионални менаџерски тимови за управување од повеќе компании и кластери и конзорциуми како начин на подобрување на работењето.

ПОЈАСНУВАЊЕ НА КРИЗАТА

Сериозните економски последици од кризата и влегувањето на поголемиот дел од економиите во рецесија предизвикана од Ковид-19, повеќе не се прашање, туку сигурна алтернатива. Тоа ја зголемува и потенцира потребата за следење и дефинирање на трендовите и сегментите во кои моментално ќе има влијание и да се дадат решенија што пред сè, нема да побаруваат високи финансиски вложувања од компаниите и од државата.

„Рестарт“ од овој тип на глобалната економија и промена на начинот на игра за компаниите, поголемиот дел од населението ќе доживее еднаш во животниот век, можеби и во текот на неколку генерации. Како компаниите ќе го искористат тој „рестарт“, позитивно или негативно, во најголем степен се сведува на тоа како тие ја перципираат кризата и каков став ќе изгради домашната економија.

Пред да се почне со анализата, потребно е да се дефинира дека постојат две меѓусебно поврзани кризи. Првата е здравствената криза, предизвикана од Ковид-19 и за нејзина контрола се воведуваат сите познати моментални мерки како рестрикција на движење, полициски час, забрана на масовни собири и сл. Втората е економската криза, која е предизвикана како последица од здравствената и според многу проценки од светски реномирани економисти, ќе биде многу подеструктивна од штетата што ја има направено вирусот. Таа ќе предизвика висока невработеност, долгорочно намалување на економската активност во неколку сегменти и влегување во сериозна рецесија за многу економии, што ќе влијае директно на намалување на благосостојбата на поголем дел до населението.

Затоа, од многу големо значење е да се одговори на прашањето што по Ковид-19, односно што по победата на здравствената криза и краткорочните економски шокови?

Веќе е јасно дека и бизнисот, и секој сегмент од општественото живеење нема да бидат исти по завршување на кризата. Потребна е подготовка за новата „нормала“, бидејќи само така негативната ситуација може да се искористи позитивно и во полза на домашната економија. Соодветно канализирани и управувани моменталните трендови имаат можност да донесат позитивен исход на среден и на долг рок. Сепак, краткорочно, финансиските импликации на кризата врз бизнисите ќе бидат деструктивни и ќе предизвикаат затворање на дел од компаниите, а уште понегативно ќе влијаат на дел од секторите што немаат соодветна стратегија или алтернатива во поставувањето кон кризата. Такви се  туризмот и угостителството, за кои кризата ќе трае и на среден рок (во следните 2 години). Мора да се има предвид дека и решавањето на ситуацијата со вирусот во една држава, не ја решава економската криза, бидејќи за целосна нормализација на процесите потребно е кризата да ги има поминато и сите држави во соседството, со кои постои сериозна стоковна размена.

Светските економии изработуваат проекции и анализи какво ќе биде враќањето на економијата во нормала. Генерално, постојат три можни сценарија, од кои најоптимистичката (прва појаснета) во април 2020 година, за дел од државите е сè помалку возможна. Првото, најоптимистичко сценарио е враќањето да го има обликот „V“, кој се карактеризира со нагло паѓање на економската активност, брзо враќање кон нормала без поголеми последици врз компаниите и економијата, губиток на финансии и негативни стапки за пораст само за определен период, но генерално позитивен пораст на БДП за годината.

Второто сценарио е во вид на буквата „L“ и се карактеризира со криза и намалување на економската активност на подолг период, зголемување на невработеноста и најчесто, влегување во период на рецесија, што всушност е моменталната состојба во Македонија. Целата економија забавува и голема е веројатноста за негативен економски пораст за тековната година.  Доколку кризниот период е подолг може да предизвика влегување во депресија (деструктивни последици врз државата и економијата, со високи стапки на невработеност и недостиг на производи и услуги), можност што сè уште не е возможна.

Третото сценарио е негативен екстрем и целосен колапс, односно падот на економијата да има облик на буквата „I“. Ова сценарио е анализирано од економистите за ситуацијата во Италија, каде што најмоќната провинција Ломбардија ја намали економската активност приближно на 0. Доколку тоа трае повеќе од 6 месеци, дури и со финансиска помош од државата и од ЕУ, ќе се потребни повеќе години за стабилизација и враќање во нормала.

Со развојот на ситуацијата предизвикана од Ковид-19, влегувањето на повеќе водечки светски економии, неконтролираното ширење на вирусот во светската економија САД, дополнето со недостигот од искуство на економиите за справување со оваа ситуација, влегувањето во депресија сè уште не е реална можност. Светските лидери не би дозволиле такво деструктивно сценарио, кое би однело повеќе животи отколку вирусот корона. Според досегашната состојба во економиите, со сигурност може да се потврди дека враќањето во нормала ќе биде во вид на „L“, бидејќи во поголем број од државите веќе има сериозно зголемување на невработеноста и пад на економската активност, која се проектира дека ќе трае уште најмалку 1 месец (доколку се имаат предвид препораките на Германија за нормализација на почетокот на мај). Со тоа економската активност ќе биде целосно „стопирана“ речиси еден квартал.

При анализа на локалните економии, од особено значење е да се појасни дека значително се разликуваат западноевропските. Иако и во ЕУ постојат несогласувања во однос на економските пакети за помош, Италија и Шпанија имаат можност да се „потпрат“ на Унијата или на други кредитори и партнери, бидејќи имаат високо развиена индустрија и стопанство што може да издржи посериозни „удари“. Од друга страна се локалните економии што најчесто се потпираат на сопствените економии и заеми од домашни и странски кредитори, но различни од тие што се членки на ЕУ.

(продолжува...)

Инсајдер ИД“ е специјализирана агенција за истражување и стратегиски консалтинг. Е-пошта: info@insider.mk, тел.: +389 71 210 471



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...