Потрошувачите немаат проблем да патуваат од маркет до маркет за да ги пронајдат најконкурентните производи.
Автор: Сергеј Зафировски, генерален менаџер на „Инсајдер ИД“
Агенцијата за истражување и консалтинг „Инсајдер ИД“ во октомври 2018 по вторпат го спроведе истражувањето од кое произлегоа топ-3 маркети според потрошувачите во Македонија. Истражувањето е направено на 1.300 активни потрошувачи во целата држава. Во него потрошувачите имаат наведено повеќе од 40 малопродажни, од кои 7 се национални, додека другите се локални. Прашањето што им се постави на потрошувачите и според кое се проценуваат синџирите е: „Во кои три синџири маркети најчесто пазарите?”, со што се одредуваат интензитетот и преференциите за пазарење независно од приходот или локациите што ги имаат малопродажните синџири.
Во претходната 2017 година најпрепочитани три маркети беа „Кам“, „Тинекс“ и „Веро“. Според спроведеното истражување, и годинава на првата позиција е „Кам“ со значително повисоко учество од сите други синџири маркети и приближно еднакво учество како и во претходната година. Солидната позиција е поради неговата конкурентна ценовна политика, како и мрежата од 70 маркети распоредени на целата територија на државата. „Тинекс“, кој располага со 41 маркет, е на втора позиција повторно како и претходната година, но со пониско учество во одговорите, и „Стокомак“ е на местото на „Веро“ заземајќи ја третата позиција. Тој располага со 30 локации низ Македонија.
Првата позиција на „Кам“ е со 69% учество, втората на „Тинекс“ е со 33,1% и „Стокомак“ со 26,7%. Разликата меѓу првата и втората позиција е значителна, речиси 36%. Освен за одредени позиции, не постои значајна измена на процентуалното учество, но поради големото ширење на поголемиот број продажни синџири во Македонија, се „разводнува“ поединечното учество на секој одделен маркет, односно потрошувачите пазарат во поголем број маркети.
Намалувањето на учеството на „Тинекс“ од 40,5% на 33,1% и на „Веро“, кој оваа година не успеа да ја задржи третата позиција, потврдува дека порастот на помалите трговски синџири и особено на дисконти е последица на сè помалата моќ на класичните трговски синџири. Во следниот период доколку не се реализираат структурни промени во бизнис-моделите кај дел од компаниите, може да се очекува уште поголема промена на позициите. „Стокомак“ има пораст од само 2% во споредба со претходната година за од четвртата позиција да се искачи на третата, додека намалувањето на учеството на „Веро“ е исто така ниско, но доволно за тековната година да не биде рангиран во топ-3.
Како пример може да се земе регионот Тафталиџе/Карпош 3 каде што во радиус од 500 метри има маркети од синџирите „Рамстор“, „Кит-Го“, „Кам“, „Стокомак“, „Тинекс“, „Веро“, дисконт ТСВ и неколку локални маркети. Доколку потрошувачите до пред извесен временски период пазареле само во „Кам“, „СП маркет“ или во „Тинекс“, во 2018 имаат многу поголем избор, додека средствата што се на располагање за производи се на приближно еднакво ниво.
Единствен „играч“ во листата што во тековната година нема претрпено особен удар од големите промени е „Кам“, кој и покрај високото учество во претходната, бележи и мал пораст во тековната година од 1,2%, што посочува дека е стабилен на местото каде што е позициониран со приближно 70% учество кај одговорите на потрошувачите.
Од структурата на потрошувачите, забележливо е дека „Кам“ и „Стокомак“ се претпочитани приближно еднакво од сите финансиски групи, додека во „Тинекс“ се зголемува учеството на групите со зголемен приход. Всушност, со структурата кај дисконтите се потврдува фактот дека и во Македонија е надмината бариерата за пазарењето во нив.
Финансиска анализа на најдобрите три во Македонија
Во годинешното истражување во соработка со „Таргет груп“ се изработи и финансиска анализа на маркетите во Македонија за периодот од 2015 до 2017 година за дефинирање на финансискиот пораст и перформанс што го имаат малопродажните синџири во Македонија. „Стокомак“ има понизок приход од продажбата во споредба со „Веро“, но „Стокомак“ има поголем број потрошувачи и со поголем интензитет пазарат во него, поради што е позициониран повисоко. Во тековната публикација се претставени најдобрите три маркети, но повеќе од 20 компании остваруваат приходи поголеми од 1 милион евра годишно, што за домашната економија претставува сериозен финансиски резултат.
Комплексно е да се изработи споредба меѓу компаниите само врз база на финансиските индикатори, бидејќи две компании имаат различна ценовна и потрошувачка структура, влезни цени на производите, маркетинг-стратегија и сл. Бруто-маржата е различна меѓу различните концепти на маркети, што оневозможува да се посочи дека еден маркет е „подобар од другиот“. Постои веројатност, доколку се пресметаат продажбите со идентични релативни вредности по продадената количина на производи, да се дојде до изедначување на вкупните приходи.
Трите компании имаат остварено значителен финансиски резултат во 2017 година, и тоа во услови на политичка криза и несигурност во македонската економија е остварен пораст и милионски приход. Најзначајно зголемување во приходот од продажба има во „Кам“, кој од 91 милион евра ги зголемува приходите на 115 милиони евра или пораст од 24 милиони евра за период од три години. „Стокомак“ бележи пораст од приближно 17 милиони евра, а „Тинекс“ од 6 милиони евра. Дури и зголемувањето кај „Тинекс“ е значајно бидејќи обемот што го остварува од над 90 милиони евра е со покомплексна реализација на пораст, споредено со другите.
Според релативни бројки, највисок е порастот на „Стокомак“, кај кој и во двете години има 26%, односно 24%, потоа на „Кам“ од 10%, односно 13% и Тинекс со 1,3%, односно 4,8%. Во однос на финансиите, се очекува во тековната 2018 година приходите на „Кам“ и на „Стокомак“ да ја задржат стапката на пораст како и во претходните години.
Во просек „Стокомак“ и „Кам“ имаат приближен промет по маркет во 2017 година, кој е во рамките меѓу 1,5 и 1,6 милион евра годишно, додека „Тинекс“ годишно има 0,9 милиони евра поголем промет просечно.
Предвидувања за следните три години
Доколку се сумира постојната ситуација на пазарот, предвидувањето во однос на приходите за следните 2 до 3 години е дека се очекува прелевање на капиталот од класичните синџири маркети во дисконтите. Ова би се реализирало доколку не биде извршена ревизија во бизнис-моделите каде што компаниите единствен акцент ставаат на намалување на финалната цена. Исто така, асортиманот има големо значење за македонскиот потрошувач, но не е најзначаен фактор, а тоа се докажува со податокот дека приближно сите македонски потрошувачи пазарат во минимум два синџири маркети. Очигледно е дека потрошувачите немаат проблем да патуваат од маркет до маркет за да ги пронајдат најконкурентните производи и да го оптимизираат месечниот буџет на производи за домот.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.