Анализи

InSight: Иднината на печатените летоци во време на дигитални можности

19 Feb 2018
Рано за почеток, предоцна за крај
 
Пред трговците се отвораат сè повеќе можности за комуницирање со купувачите, но летоците и каталозите и понатаму ќе нè пречекуваат во поштенските сандачиња, пред маркетите, ќе ги земаме кога ни ги подаваат, на минување, ќе земаме примерок додека плаќаме на касите, за внимателно да ги проучиме
 
Пишува: Васко Марковски, vasko@instore.mk  
 
Интернет-порталите ги однесоа во заборав дневните весници, телевизијата го проголта радиото; набргу и електронските каталози ќе ги проголтаат печатените, од кои се информираме за најновите понуди на трговците кај кои пазаруваме.
 
Но, да не брзаме со заклучоци извлечени по аналогија. Иако македонскиот пазар не е директно истражуван, на тоа упатуваат истражувањата направени во САД и во Европа од две реномирани агенции, во чиј фокус е иднината на печатените каталози, во време на подем на дигиталните средства за комуницирање со купувачите.
 
Неодамнешното истражување на агенцијата „Нилсен" во САД покажува дека дигиталните канали на комуникација се во подем, но печатените и понатаму се витални и ќе продолжат да се користат, независно од развојот на дигиталните. До слични заклучоци дошла и австриската агенција „Фокус", со истражувањето што било направено минатото лето во 17 земји во Европа.
 
И покрај дигиталната револуција, на трговците со стоки за широка потрошувачка во САД им е одамна јасно дека печатените материјали и понатаму ќе имаат најголема ефикасност во маркетингот.
Предностите на дигиталните можности се многубројни: мерливост на ефикасноста, достапност на податоци за купувачите, насочување на информациите кон „најзрелите" кандидати за производот.
 

Но, истражувањата покажуваат дека мнозинството купувачи сè уште ги претпочита допирот со хартијата и прелистувањето на печатените каталози како ритуал во „стратешкото планирање" на пазарувањето, настрана од дигиталната ламја со девет глави, дрчни да го проголтаат вашето внимание.

Купувачите преку Океанот
 
Истражувањето на „Нилсен" за американскиот пазар укажува дека технологијата ги редефинира начините на кои комуницираме, читаме, вршиме банкарски операции, слушаме и купуваме. Возрасните Американци денес поминуваат повеќе од три часа во денот користејќи компјутер и мобилни уреди, што во проценти е двоцифрен пораст во споредба со претходната година.
 
„Но, и покрај дигиталната револуција, на трговците со стоки за широка потрошувачка им е одамна јасно дека печатените материјали и понатаму ќе имаат најголема ефикасност во маркетингот", заклучува агенцијата.
 

Според истражувањето „Хоумскен стади" за 2017 година, околу 80% од домаќинствата во САД сè уште ги користат печатените извори за да се информираат за понудата на трговците. Нивната популарност и употреба во последните три години, од 2014 година наваму, само незначително се намалила, за три до четири процентни поени.

Паралелно со тоа и дигиталните канали за комуникација бележат напредок. Се користат интернет-страници, мобилни апликации, социјални мрежи, електронска пошта, СМС-пораки и блогови. 
 
Според актуелните трендови, се предвидува дека до 2019 година поголемиот дел од домаќинствата во САД ќе ги користат електронските видови комуникација, наместо традиционалните. Но, и покрај тоа, не треба да се очекува дека традиционалните канали наскоро ќе исчезнат. Речиси половината од домаќинствата во САД изјавиле дека користат осум различни извори – печатени и дигитални. Затоа, на трговците им се препорачува да се насочат кон комуницирање со купувачите користејќи неколку видови маркетиншки средства истовремено.
 
Европските навики
 
Главниот заклучок од студијата на потрошувачките навики на агенцијата „Фокус" е дека кога станува збор за прехранбени производи, Европејците повеќе сакаат да користат печатени каталози и летоци, наспроти дигитални изданија, за да дознаат за најновата понуда на трговците.
 
Така, 87% од Германците, 82% од Чесите, 80% од Словаците и од Унгарците изјавиле дека претпочитаат да имаат печатен леток, што ќе можат да го прелистуваат, наспроти 13%, 18% и 20% кои изјавиле дека преферираат информации на  електронските уреди.
 
Најпосакуван формат на летоците е А4, кој е најатрактивен кај Австријците (77%), Швајцарците (74%), Германците (73%), како и во Белгија, Хрватска, Унгарија и на Словенија (71%).
 
На трговците им се советува и понатаму да ги објавуваат традиционалните печатени изданија, со оптимизирање на трошоците, дека тие и во блиската иднина ќе бидат главниот извор на информации за купувачите. Но, да фатат чекор и со дигиталните.
 
Блиски искуства
 
Ваквиот тренд беше темата на Роналд Луисер, истражувач на „Фокус" за балканските земји и за Романија, на минатогодишните конференции FMCG Summit 2017 што се одржаа во организација на InStore во Загреб и во Белград.
 
Според презентацијата во Загреб, во 2016 година во Хрватска биле објавени вкупно 3.078 летоци и каталози, кои се однесуваат на храна, козметика, електронски уреди и уредување на домовите, или околу 60 летоци неделно, што е пораст од 111% во однос на бројот на печатени материјали во 2008. Летоците биле најкористеното средство кога станува збор за прехранбени производи. Споредбено со другите земји, вкупниот број на субјекти што печателе летоци во 2017 во Хрватска бил 65, наспроти 37 во Австрија и 17 во Словенија.
 
Анализата покажала дека употребата на печатените и понатаму ќе расте; на пазарот со прехранбени производи и понатаму доминантни ќе бидат печатените материјали; но и електронските ќе си го најдат своето место кај дел од купувачите. Најефикасни во генерирањето приходи ќе бидат летоците во кои се нуди пакет од производи од вкрстени категории, а летоците сè повеќе ќе бидат простор за вешто раскажани приказни.
 
Од земјите од поблискиот регион, печатени наспроти електронски летоци претпочитаат Словенците (78%), Бугарите (76%), Хрватите (73%), а нивниот број е доминантен и кај Србите (67%) и кај Босанците (61%).
 
Каде е Македонија?
 
Македонскиот пазар не е директно анализиран со специјализирано истражување кое се занимава со трендот за начините на кои комуницираат трговците со своите купувачи. Но, и без тоа, може да се насети пулсот на трговците и на нашите навики како потрошувачи, за тоа колку се играчите на нашиот пазар свесни и подготвени за трендовите и колку се нивните практики во согласност со очекуваното.
 
Германскиот синџир дрогерии dm е еден од повпечатливите примери на пазарот во Македонија за користење на комбинација од неколку различни канали за комуникација со купувачите. Во форматот на печатените материјали ги подготвува двонеделниот каталог „Супер цени, супер понуда", засебни квартални каталози, како и лифлети во помали формати со кои информира за поголемите акциски поволности. Покрај печатените материјали, компанијата е секојдневно активна со понуди за своите производи на социјалните мрежи „Фејсбук", „Инстаграм", „Јутуб", вклучително и преку њуслетерот „dm Новости".
 
Иако важиме за земја која покажува огромен пораст кога се во прашање дигиталните медиуми, не треба да го занемариме процентот на потрошувачи од повозрасните старосни граници кои не се активни на дигиталните канали. Овие потрошувачи се во иста рамка важни за нас и генерално за сите трговски ланци. Влијанието на печатените медиуми е за очекување да се намали, но сметаме дека не би биле потиснати. Паралелното присуство на сите медиуми и понатаму ќе биде неопходно за задоволување на потребите и барањата на сите потрошувачи, вели Кристина Дуранска, помлад маркетинг менаџер во dm.
 
За придобивките од комбинираниот пристап се свесни и помалите трговци. Маркетите „Ралекс" од Скопје се едни од дваесетината локални маркети во Македонија кои дистрибуираат печатени флаери за своите понуди до домовите во околината на нивните маркети, паралелно со објавите на „Фејсбук".
 
Покрај што сме активни на ‘Фејсбук’, изработуваме и флаери што ги дистрибуираме во околината на нашите маркети. Дел од флаерите ги делиме на автобуските станици, на патниците што чекаат автобус, или ги оставаме на станиците, вели искуството на „Ралекс" кое за InStore го сподели Даниел Михајлов, косопственик на компанијата.
 

Иднината е во комбинирањето
Заклучоците на „Нилсен" велат дека за трговците и понатаму ќе биде корисно да ги објавуваат традиционалните печатени изданија, со оптимизирање на трошоците, имајќи предвид дека тие и во блиската иднина ќе бидат главниот извор на информации за купувачите. Од друга страна, купувачите бараат сè поголема достапност на информации во дигиталниот свет, така што ќе биде од клучно значење трговците да развиваат и да ги унапредат нивните дигитални маркетиншки канали. Тоа ќе им го отвори хоризонтот кон помладите генерации, чие време доаѓа, но, дотогаш, печатените уште долго ќе се листаат.

 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...