Анализи

Еуромонитор: Топ-10 глобални потрошувачки трендови во 2015 гoдина

22 May 2015

Ефектот врз општеството, климата и екологијата на глобален план ќе бидат главните детерминанти кои ќе го определуваат изборот при купувањето.

Извор: „Еуромонитор интернационал"

Идејата зад конкретниот бренд/производ ќе биде одлучувачки аргумент за купување. Арбитер ќе биде личната совест, односно мотивот „можам и јас". Виртуелниот свет сè повеќе ќе се испреплетува со реалниот во нова заедничка реалност. Водечки принципи ќе бидат споделувањето информации, искуства и купувања. Секој човек ќе припаѓа кон бројни онлајн-групи, од кои ќе црпи кориснички вештини. Удобноста ќе владее во сите нејзини аспекти...

1. Удобност при купувањето

Во ноември 2014 година шведската такси-компанија „Такси Стокхолм" на своите клиенти им понуди интересна услуга. Без доплата, тие можеа да нарачаат терапевт на задното седиште, на кого му ги раскажуваа своите проблеми, додека чекаа во сообраќајниот метеж. Ова е јасен пример како стремежот кон практичност и заштеда на време може да инспирира иновативни понуди. Во 2015 година заштедата на време ќе стане глобален тренд, а корисниците ќе бараат поедноставен шопинг и помирен живот. Овој став ќе го насочува купувањето кон помалите комерцијални објекти, со помал асортиман и со блиска локација. Основната практика на корисниците ќе биде да ги посетуваат продавниците почесто и да се снабдуваат само со неколку неопходни производи. Во западниот свет сè повеќе ќе расте групата на „ноќни купувачи", што ќе придонесе за актуелност и проширување на форматите нон-стоп.

2. Потрошувачката како пат кон напредокот

Зелени, социјални, хумани, еколошки и сл., ќе бидат клучните атрибути при купување на производите/брендовите. Изборот ќе претставува израз на личните гледишта. Токму проектите што се социјални и екоориентирани ќе бидат меѓу најуспешните. На трговски план, бизнисите сè повеќе ќе ги активираат овие аспекти, а одговорниот и одржлив имиџ веќе се етаблира како висок маркетинг-стандард. Како пример за овој тренд e феминистичката иницијатива „Ѕвоно за промена" што „Гучи парфјумс" ја почна минатата година. Со притиснување на копчето Take Action на веб-страницата, компанијата ги повикува своите клиенти да се вклучат и да ги поддржат социјалните проекти поврзани со здравството, образованието и рамноправноста на жените во целиот свет.

3. Поблиску до ѕвездите

Долго време рекламните лица на големите брендови беа недостапни икони: холивудски ѕвезди, топ-фудбалери и слично. Моделот на реклами од типот купи го овој бренд и ќе бидеш ѕвезда ќе продолжи да се распаѓа и во 2015 година. На водечката позиција се појавува новата влијателна фигура, т.н. влогер (vlogger = video blogger). На пример, каналот на Зои Суг (попозната како Зоела) на „Јутјуб" има 6 милиони следбеници и 12 милиони посети месечно. Следбениците на Зоела се подготвени да се заколнат во корисноста на нејзините шопинг-совети и коментарите за производите за убавина. Ова се новите ѕвезди со огромна публика и огромен потенцијал за влијание. Секоја нивна нова објава веднаш достигнува до минимум 10 милиони луѓе. Овие обични девојки, со кои секој може да се идентификува, се идните рекламни лица на големите брендови.

4. Ајде да споделуваме!

Пријатели, семејство, заедно... се топлите зборови што ги разгореа емоциите на корисниците. Социјалните медиуми создадоа нова реалност на споделувањето, луѓето поверуваа дека ако не го споделат искуството, тогаш тоа нема вредност. Брендирани фотографии, статуси за нови набавки, коментари и мислења за производи, брендови и трговци – ова е масовното оружје на бизнисот, без разлика дали станува збор за фрижидер, пензиски план или за козметика. Одлуките за набавка се под огромно влијание од онлајн-коментарите на корисниците, кои веќе го користеле производот или услугата, како и блогерските содржини што се споделуваат по неколку стотици пати преку социјалните медиуми. Манијата на споделување нуди неограничени трговски можности. Пример за успешна маркетинг-кампања од овој тип е „Share a Coke" на „Кока-кола", преку која компанијата објави персонализирани лименки и шишиња со име на етикетата – лично на купувачот или на негов близок пријател. Кампањата стана глобален хит и оствари највисока летна продажба на познатиот безалкохолен пијалак.

5. Трговските центри

Во текот на 2014 година беа изградени трговски центри на површина од 39 милиони квадратни метри низ целиот свет. И покрај тоа што овој сегмент се смета како бизнис во стагнација, сепак бележи пораст од 3 милиони квадратни метри во однос на 2013 година. На развиените пазари, каде што постои презаситеност од трговски центри, она што ќе го придвижува овој сегмент ќе бидат иновациите. Пример за тоа е шопинг-халата „Хорсшу" во футуристички дизајн, во Ротердам, Холандија, која беше отворена кон крајот на минатата година. „Хорсшу" на своите потрошувачи им го нуди она што тие можат да го очекуваат од еден шопинг-центар: 100 штандови за свежи производи, ресторани, работилници за готвење и сл., како дел од еден амбициозен урбан проект. Генерално, трендот на трговските центри ќе се пренасочува повеќе кон централни и полесно достапни локации. Огромните трговски центри надвор од градот сè повеќе ќе остануваат празни. Сепак, на пазарите во развој тие остануваат растечки тренд. Купувањето во големите трговски центри претставува симбол на статус и единствен пристап до големите брендови во Азија и во Јужна Америка. Кога „Хајтанг бај", најголемиот бесцарински трговски центар во светот, во југоисточна Кина, ги отвори вратите во септември 2014 година, неколку илјадници купувачи чекаа пред вратите и  по отворањето, буквално ги разграбаа презентираните производи.

6. На границата на милениумот

Групата од над 2,6 милијарди млади корисници, родени по средината на 80-титегодини од минатиот век (т.н. millenials или генерација Y), сè посамоуверено ќе ја одредува глобалната трговска реалност. Профилот на оваа генерација е многу поразличен од оној на претходните генерации. Тие се поинформирани, поемпатични и поотворени во социјална смисла. За разлика од постарите генерации, не подлегнуваат лесно на комерцијалните напади и имаат вродени филтри кон рекламните пораки, особено во виртуелниот живот. Бескомпромисно бараат значајни социјални програми од бизнисот и очекуваат на нив да се работи. Тие се штедливи и не располагаат со вишок средства. Особено е тешко да се продаде што било на овој профил потрошувачи. Единствената шанса за успех во оваа група е да се зборува на нивниот јазик, а голем број од брендовите веќе бараат начин. На пример, откако една неодамнешна студија покажа дека голем дел од младите луѓе го почнуваат денот со енергетски пијалак, „Пепсико" на пазарот го лансираше кофеинскиот пијалак Kickstart во комбинација со овошен сок, позиционирајќи го како „пијалак за појадок".

7. Бесценета приватност

Во 2015 година брендовите ќе работат понапорно на заштитата на личните податоци како конкурентска предност. Компаниите ќе треба да ги убедат потрошувачите дека имаат целосна контрола на пристапот, а корисниците ќе стануваат сè почувствителни кон откривањето на личните податоци. Полека, но сигурно ќе расте недовербата кон сите видови маркетинг-иницијативи за создавање на база од податоци на клиентите, без разлика дали станува збор за онлајн-регистрација или програми за лојалност.

8. Експанзија на шопинг-туризмот

Во 2015 година, се очекува голема експанзија на шопинг-туризмот, на реален и на виртуелен план. Ќе се зголемува бројот на шопинг-одморите, а одлучувачки критериум за изборот на дестинација ќе биде близината на атрактивен трговски комплекс. Новиот тип туристи одвојуваат помалку пари за ноќевање, за да инвестираат повеќе во шопинг. Минатата година шопинг-туризмот го надмина износот од 170 милијарди долари во најголемата шопинг-дестинација во светот – Кина. Следуваат САД со над 110 милијарди долари обрт од туристи и Мексико со речиси 24 милијарди долари. На аеродромите во Виетнам веќе е дозволен дополнителен рачен багаж, под услов да го сочинуваат производи што се купени во земјата. Со интернетот, светот станува уште помал – конкуренцијата ќе продолжи да расте на глобален план, трговците ќе вложуваат во повеќе интерактивни форми на шопинг, веб-страниците за купување ќе стануваат сè поиновативни.

9. Од виртуелноста кон реалноста и назад

Границата меѓу реалниот и виртуелниот свет сè повеќе ќе се замаглува и ќе се движи во насока на создавање на една нова трговска реалност. Голем дел од буџетите на компаниите ќе бидат пренасочени за развој на мултиканалниот сегмент, а најуспешни ќе бидат оние трговци што ќе успеат да понудат непречена транзиција меѓу двата канала. Клиентите во реалноста ќе бараат брз пристап до стоки и услуги, на кои веќе се навикнаа на интернет. Како пример може да се наведе технологијата Beacon, која веќе ја користат 80% од трговците на престижната лондонска улица „Регент". Станува збор за мал предавател што се поврзува со мобилните уреди на минувачите и им испраќа пораки за промоции на производи додека минуваат покрај продавницата.

10. Заедно сме поздрави

Годинава, се очекува корисниците повеќе да ја следат здравствената состојба преку дигиталните уреди. Од една страна, тие ќе бараат и ќе споделуваат содржини за модели на здрава исхрана, (не)здрави прехранбени производи и состојки, фитнес, здравје..., аод друга страна, ќе се обединуваат во групи за превенција и/или третман на различни здравствени проблеми. Темата за здравјето е неисцрпна, а мотивацијата да се комуницира околу тоа огромна. Од хардверски аспект, сè попопуларни ќе бидат различните видови преносни уреди за дигитален мониторинг на физичката активност на телото. Бизнисите со апликации за броење калории и поминати километри ќе бележат голем пораст. Се очекува во иднина овој тренд да создаде уреди кои ќе го имаат предвид нивото на стрес и ќе го предупредуваат носителот дека е време за медитација. Ефектите од овој тренд ќе бидат повеќекратни во прехранбената индустрија. Корисниците ќе го следат режимот на исхрана и ќе го стават составот на храната под лупа. Не е исклучена појавата на паметни пазарни колички, кои ќе сигнализираат кога во нив се пушта нездрав производ, паметни огледала, кои секое утро ќепредупредуваат на промената на надворешниот изглед...



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...