Анализи

Еуромонитор: Клучна е вистинската рамнотежа

15 фев 2023

Потрошувачите се сламката за спас на FMCG-секторот, а нивното однесување никогаш не престанува да се развива.

Извор: „Еуромонитор интернационал“, www.euromonitor.com

Секоја година „Еуромонитор интернационал“ го креира овој извештај за компаниите да знаат што навистина сакаат потрошувачите. Овие топ-10 тренда ќе им помогнат на бизнисите да бидат во чекор со промените, да ја предвидат мотивацијата за купување и да ги исполнат незадоволените потреби на потрошувачите.

  1. АВТЕНТИЧНА АВТОМАТИЗАЦИЈА

Технологија со човечки допир

Дигиталното е доминантна сила, но технологијата не може да им парира на човечките нијанси. Машините овозможуваат практичност и брзина, но моќта на емоционалните врски не треба да се потценува. Бизнисите треба да ја прифатат автентичната автоматизација за да го зајакнат купувачкото искуство или ризикуваат да ги изгубат потрошувачите.

Роботите и емоционалните врски

Брзо и едноставно, интегрирано во секојдневниот живот и средина. Тоа е она што го очекуваат денешните потрошувачи. Купувачите гравитираат кон брзи и практични опции за да заштедат време и пари, а за да ги исполни овие барања, автоматизацијата заменува одредени мануелни задачи. Паметните уреди откриваат кога резервите се мали и можат да ја надополнат стоката. Андроидот може да се користи за испорака на последната милја и за различни хотелски услуги. Поради сите овие достигнувања, потрошувачката станува сѐ попасивна. Осум од десет потрошувачи под 29 години велат дека би им било пријатно да комуницираат со роботи. И иако прифаќањето заостанува кај постарите групи, дигиталните сениори го намалуваат генерацискиот јаз. Сепак, технологијата е само дел од равенката. Потрошувачите сè уште копнеат по човечки допир. Вистинската емоционална врска ги прави да се чувствуваат почитувани и ценети. Неоспорен е фактот дека потрошувачите сакаат да комуницираат и со луѓето и со машините, но поради различни причини и на одредени точки од патот до купувањето.

Машини зад сцената

Автентичната автоматизација е од корист за продуктивноста на компаниите. Роботите можат да постигнат нивоа на прецизност и брзина над човечките способности. Бизнис-лидерите инвестираат во овие технологии за да ги намалат трошоците, да ги оптимизираат операциите и да ја максимираат ефикасноста. Компаниите се фокусирани на подобрување на купувачкото искуство. Роботиката ги надградува заднинските операции и ги автоматизира мануелните задачи, додека луѓето иницираат полични ангажмани. Напредните алгоритми и хиперперсонализацијата им помагаат на компаниите да понудат поселективна содржина, производи или услуги што ги одразуваат посебните преференции на купувачите. Сепак, прекумерната автоматизација е легитимна грижа. Преголемото потпирање на технологијата може да го загрози ангажманот на брендот. Потрошувачите би можеле да се чувствуваат исклучени од брендот доколку се отстрани човечкиот елемент од нивното искуство. Клучно е да се постигне вистинска рамнотежа.

Изгледи

Луѓето и машините треба да бидат синхронизирани за да бидат понудени добри решенија. Бизнисите би требало да ги проценат сите допирни точки во животниот циклус на корисниците. Автентичната автоматизација создава еднаквост и го зголемува производството, но нејзината примена треба да биде наменска. Техничките придобивки треба да ја надминат потребата за лични интеракции за да се создаде беспрекорно искуство. Бизнисите треба да им понудат на потрошувачите можност да изберат и да ја хуманизираат технологијата. Роботиката што го подобрува квалитетот на животот и ја надополнува човечката експертиза ќе биде конкурентска предност.

  1. ГРИЖА ЗА БУЏЕТОТ

Криза на трошоците за живот

Кога да се троши, а кога да се штеди – прашање е сега! Инфлацијата и високите цени ја поткопаа куповната моќ, така што денес потрошувачите се методични со своите пари. Бизнисите треба да имплементираат или да развијат решенија со кои ќе им помогнат да заштедат на загрижените за семејниот буџет.

Купувачи без пари

Економските шокови, рекордно високата инфлација и недостигот на понуда продолжуваат да ги зголемуваат трошоците за живот. Финансиската стабилност е под закана. Луѓето мора да одлучат дали да плаќаат повеќе за секојдневните основни работи, да купуваат алтернативи со пониски цени или воопшто да не купуваат производи што не се неопходни. Потрошувачите се повнимателни со нивниот паричен тек – тие ги прераспределуваат трошоците или штедат на одредени набавки. Достапноста и поволните цени често ѝ претходат на лојалноста кон одреден бренд. Семејните буџети, исто така, се пренаменуваат кон каналот на е-трговијата. Главната причина поради која потрошувачите купувале онлајн во 2022 година била за да ја добијат најдобрата цена. Заштедата на пари е на прво место и потрошувачите се подготвуваат за месеците што следуваат.

Трансформација на вредноста

Притисокот го чувствуваат и бизнисите. Високите производствени и оперативни трошоци се прелеваат на малопродажните цени. Компаниите ги заменуваат суровините или ја менуваат рецептурата на производите. Профитните маржи се намалуваат, а некои играчи ќе бидат истиснати од пазарот. Рационализација на SKU, ажурирање на ценовните стратегии, реконструкција на инвестициите и оптимизација на синџирот на снабдување се мерките што компаниите ги преземаат за да одговорат на новите навики за купување. Компаниите треба да обезбедат флексибилни и исплатливи опции. Програмите за плаќање, како на пример, „купи сега, плати подоцна“, може да им помогнат на загрижените за семејниот буџет да заштедат пари. Програмите за награди или проширувањето на поволностите, исто така, можат да ја зголемат лојалноста на купувачите. Пакети со производи, испорака на производи директно до потрошувачите (D2C) и опциите за препродажба или изнајмување може да им помогнат на брендовите да остварат заштеди, а истовремено и да ги задржат купувачите. Компаниите можат да развијат стратешки партнерства, со што ќе ги спојат или прошират ресурсите.

Изгледи

Потрошувачите ќе останат внимателни со нивните паричници. Дури и инфлацијата и трошоците за живот да се намалат, загрижените за семејниот буџет ќе продолжат да штедат подготвувајќи се за неизвесната иднина. Овие навики за трошење создаваат можност за брендовите. Падот на куповната моќ значи дека приватните трговски марки и дисконтите ќе крадат од пазарниот удел на одредени категории. Алтернативните начини на плаќање, достапниот асортиман и силните партнерства ќе може да ја прошират базата на купувачи. Евалуацијата на синџирите на снабдување и на портфолијата треба да биде постојан напор за компаниите да се фокусираат на иницијативи што обезбедуваат поврат и профит.

  1. КОНТРОЛА НА СКРОЛАЊЕТО

Добро поминато време пред екранот

Активностите на интернет преминуваат од бесмислени во внимателни, но потрошувачите не се исклучуваат целосно од компјутерската мрежа. Тие сакаат да го консолидираат и централизираат користењето на интернет, оптимизирајќи го своето време. За да можат да го контролираат скролањето, бизнисите треба да ги усовршат дигиталните искуства со ефикасни и интегрирани можности.

Корисно прелистување

Апликациите имаат централно место во голем број аспекти на животот. Сепак, огромниот број достапни платформи имаат една голема негативна страна – тоа е изобилството од опции кое ги фрустрира потрошувачите. Бесмисленото прелистување со часови е непродуктивно и расипничко. Прекумерната употреба на социјалните медиуми е поврзана со намалување на концентрацијата и со зголемен ризик за проблеми со менталното здравје. Минатата година повеќе од една петтина од потрошувачите изјавија дека ги избришале профилите на социјалните мрежи што не ги користеле често. Сепак, овој тренд не значи и дигитална детоксикација. Наместо тоа, фокусот е на функционалноста и ефикасноста. Поголемиот дел од потрошувачите не планираат да го намалат времето поминато пред екраните, но избираат како ќе го трошат тоа време. Дигиталните домородци бараат решенија за оптимизација и консолидација на нивните онлајн-активности. Поселективните содржини, рационализираните апликации и приспособените препораки им помагаат на потрошувачите да го контролираат скролањето.

Филтер и фокус

Бизнисите треба да инвестираат и да понудат решенија што ќе ја подобрат дигиталната благосостојба. Алатките за менаџирање на времето што го следат времето поминато пред екран закажуваат паузи и го блокираат одвлекувањето на вниманието. На тој начин тие може да помогнат во развојот на поздрави навики за користење. Суперапликациите се еден од начините за постигнување рационализирана функционалност. Тие се систем „сè на едно место“ – комуникација, трговија, мобилност, финансии и други секојдневни задачи. Но, суперапликациите не се единствената опција. Интерфејсите за апликативна програма (API) или дополнителните компоненти (plug-in) може да ги прошират услугите на компаниите. Брендовите што се клиентоцентрични внимателно ја следат аналитиката на однесувањето за да разберат како можат да се ангажираат корисниците. Овие податоци се корисни за создавање интуитивни платформи и интерфејси.

Изгледи

Луѓето остануваат поврзани за нивните уреди, но времето поминато пред екран е поселективно. Потрошувачите бараат филтрирани содржини и производи кои им одговараат на нивните интереси. Брендовите не треба да го одвлекуваат вниманието – напротив, известувањата треба да бидат регулирани, наменски и релевантни. Функционалноста на апликацијата или на платформата треба да им додаде вредност и да им помогне на потрошувачите да го контролираат скролањето. Нивното внимание ќе го привлечат токму брендовите што им заштедуваат време.

  1. ЕКО-ЕКОНОМИЧНОСТ

Одржливост по дифолт

Сите кратењата не се лоши. Ефикасното трошење е опција што наметнува ограничување и намалување. Намалената потрошувачка ја зголемува одржливоста преку застапување. Организациите се засилуваат за да им помогнат на потрошувачите што се еко-економични да ги заштедат своите пари и планетата.

Заштеди и спаси ја планетата

За време на пандемијата безбедноста имаше приоритет пред одржливоста. Сепак, карантините резултираа со позитивни климатски ефекти, односно придонесоа за подобар квалитет на воздухот. Сега штедењето е на прво место и трошоците за живот создаваат ново одржливо однесување. Цените на стоките, енергијата и домувањето ги мотивираат луѓето да штедат. Потрошувачите ќе продолжат да се пренасочуваат кон производи што ќе штедат енергија, ќе продолжат да јадат дома, ќе ја намалуваат употребата на апаратите и ќе го ограничуваат патувањето. Помалку од една петтина од потрошувачите минатата година изјавиле дека се подготвени да платат повеќе за основни апарати во домаќинството доколку тие имаат одржливи карактеристики. Динамиката на пазарот ги поттикна зелените активности, како што се поправките, купувањето од втора рака и изнајмувањето.

Репарација и реставрација

Циркуларните бизнис-модели се една од опциите за еко-економичност. Услугите за препродажба и изнајмување може да го подобрат управувањето со резервите без да се потпираат само на ново нето-производство. И услугите за поправка го продолжуваат животниот век на производите. Овие трендови помагаат да се намали отпадот и да се обезбеди економично решение за потрошувачите. Компаниите стануваат креативни и создаваат енергетски ефикасни трајни добра што ги намалуваат емисиите. Апликациите за навигација ги прикажуваат маршрутите со најекономична потрошувачка на гориво, а иновативните стартап-компании ја прават достапна обновливата енергија. Главниот предизвик за одржливите производи е цената. Трговците на мало и производителите ќе треба да ги доближат цените до тие на конвенционалните брендови за да ја зајакнат продажбата.

Изгледи

Економската неизвесност воведе нова ера на одржливо однесување. Сепак, оваа година потрошувачите сè уште не се подготвени да платат повеќе за одржливи производи. Моделите на потрошувачка се оддалечуваат од трендот на стекнување и повеќе се поврзуваат со намалувањето на потрошувачката, што позитивно влијае врз планетата. Бизнис-моделите треба да се стремат да ја обединат заштедата на трошоците со зелената трговија.

  1. ГЕЈМИНГ

Забава за сите

Гејмингот денес е врвна форма на забава. Генерацискиот јаз станува сè помал и го доведува до прашање типичниот тип на гејмер. Бизнисите можат да ја искористат културата на гејминг и да ги претворат играчите во купувачи.

Дигиталната реалност како бегство од реалноста

Гејмингот стана мејнстрим. Луѓето бараат спас од стресот на кој се изложени во секојдневниот живот. Онлајн-заедниците служат како платформа за социјализација и поврзување со другите што споделуваат слични интереси. Но, игрите повеќе не ги привлекуваат само хардкор-корисниците и помладите генерации. Обичните, аматерските и професионалните играчи можат да бидат на која било возраст. Оваа форма на забава некои луѓе дури ја претворија во професија. Е-спортот создаде посветени следбеници и привлекува милиони гледачи од целиот свет. Овие страсни навивачи имаат тенденција да купуваат брендови што ги користат нивните омилени тимови или играчи. Гејмерите инвестираат сè повеќе време и пари за да ги збогатат сопствените искуства. Трошењето за виртуелни производи и додатоци продолжува да се зголемува, а нивната перцепција за сопственост се трансформира. Физичките и дигиталните имоти имаат еднаква важност за потрошувачите гејмери.

Ново поле за игра

Бизнисите го препознаваат потенцијалот на гејмингот како профитабилен извор на приходи и како канал за проширување на досегот. Врвните брендови потпишуваат повеќегодишни спонзорства со гејминг-франшизи и со елитни играчи. Дигиталните производи се развиваат исклучиво за овие платформи, а гејминг-културата инспирира дизајн на производи и иновации во физичкиот свет. Овие виртуелни заедници се само дел од онлајн-универзумот. Гејмерите се нурнати во овие платформи, што на брендовите им нуди единствена можност да таргетираат хиперангажирани потрошувачи.

Изгледи

Популацијата на гејмери е во подем. Овој некогаш ниша-сегмент денес е можност за масовен пазар. Компаниите активно се вклучуваат во гејминг-зоната. Спонзорствата, рекламите и купувањето производи во играта се примарни двигатели на приходите. И технолошките инвестиции во аугментираната и во виртуелната реалност не покажуваат знаци на запирање. Гејминг-искуствата стануваат пософистицирани. Брендовите треба холистички да размислат за гејминг-култура и да ја приспособат понудата за овие потрошувачи.

(Продолжува...)



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...