Еден од најбрзорастечките и најиновативни сегменти во индустријата за храна и производи за широка потрошувачка е брзата трговија
Автор: Рејчел Сибсон, аналитичар за малопродажба, ИГД
Брзата трговија (quick commerce) е можност за доставувачите да стигнат до нови купувачи, особено до помладите генерации од урбани локации. Иако соработката со повеќе компании од овој сектор може да биде голем предизвик, брзата трговија отвора можност за експерименти и учење, собирање нови податоци за купувачите и тестирање нови идеи на поагилни начини, во споредба со работата на веќе етаблираните платформи.
Оваа статија анализира колку брзо можат да просперираат трговците на мало и укажува на петте клучни работи што треба да се знаат за каналот на брза трговија.
Брзите трговци напредуваат и преживуваат со ризичен капитал
Трговците на мало што се насочени кон брза трговија се потпираат на значителни финансии од ризичен капитал (venture capital). Инвеститорите гледаат огромен потенцијал на пазарот на намирници со преминот кон онлајн-каналот, а се свесни и за зголемените очекувања на купувачите. Тие веруваат дека компаниите за брза трговија имаат долгорочна одржлива иднина. На графикон 1 се прикажани досегашните инвестиции во клучните чисти играчи за брза трговија во споредба со некои од водечките агрегатори.
Графикон 1
Досегашни инвестиции во клучните оператори за брза трговија (во милијарди $)
Од графиконот може да се забележи дека американската компанија „Гоупаф“, која работи од 2013 година, има собрано најмногу пари – 3,4 милијарди долари, што ѝ овозможи да прави аквизиции и да се проширува во Европа.
Сепак, чистите оператори за брза трговија трошат и огромни суми за проширување на нивните операции и за маркетинг, односно да придобијат нови и да ги задржат постојните купувачи.
Што е брза трговија?
Трговците на мало што се насочени кон брза трговија доставуваат намирници и неопходни производи до купувачите за помалку од еден час, најчесто за помалку од 30 минути или за 15 минути. Во нивниот асортиман најчесто е вклучена храна за носење, за дополнување или вечерен оброк.
Агрегатори
Веб-страници на трети страни што нудат исполнување на нарачката.
Чисти играчи
Нивната стратегија е насочена кон услугата за достава со голема брзина, најчесто за помалку од 15 минути.
Етаблирани трговци
Преку партнерства со трети страни за услуги за достава, етаблираните трговци почнаа да нудат и сопствени услуги за брза трговија.
Пет работи што треба да ги знаете за каналот на брза трговија
Во текот на последните 12 месеци видовме дека пејзажот на брзата трговија брзо се менува. Аквизициите и банкротите водат до појава на доминантни трговци за брза трговија. Тоа ќе продолжи сè додека на секој пазар не се појават по еден или двајца водечки играчи.
Клучните играчи за брза трговија се разликуваат по региони и по пазари. Оттука, за доставувачите е особено важно да ги разберат различните компании на нивните пазари и како тие работат. Тие треба да проценат на кои трговци треба да им дадат приоритет за соработка за да остварат најдобар поврат на средствата.
Со зголемување на вредноста на нарачката од 20 на 30 британски фунти, профитот на операторите за брза трговија ќе се зголеми од 1,76 фунти или маржа од 9%, на 4,61 фунти или маржа од 15%.
Цените на производите што ги нудат чистите играчи за брза трговија се за 0,1% повисоки од цените во к-продавниците (C-store, convenience store). Од минатата година операторите што доставуваат со голема брзина повеќе се фокусирани на вредносната понуда и на ценовната стратегија. Цените во „Горилас“ и „Гоупаф“ се совпаѓаат со цените на водечките трговци на мало.
Бројот на купувачи во Велика Британија што користат брза трговија се намали од 13% во мај 2021 година на 11% во мај 2022 година. Тоа најверојатно се должи на ограничениот расположлив приход на купувачите, притисок со кој моментално се соочуваат жителите на Обединетото Кралство.
За да дознаете повеќе за брзата трговија и како таа се развива во Западна Европа, посетете ја веб-страницата ra.igd.com/q-commerce-profitability
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.