Кои се најновите трендови и како тие ќе го обликуваат меѓународниот пазар на малопродажната трговија?
Автор: Тоби Пикард, раководител за иновации и за трендови, ИГД
Минатата 2021 беше година на непрекината дисрупција и адаптација на индустријата за храна и производи за широка потрошувачка. Тоа беше година на постојано менување на владините политики и економските предизвици, синџирите на снабдување беа нарушени, а беа забележани и големи промени во однесувањето на купувачите.
Продолжувањето на кризата со ковид-19 значително ја забрза дигиталната трансформација и ги рефокусира грижите за одржливост, како на купувачите така и на бизнисите.
Со цел да им помогне на доставувачите и на малопродажните трговци да се движат низ овие промени и да направат планови за годината што претстои, ИГД ги објави прогнозите за 2022 година, за кои очекува дека ќе го обликуваат меѓународниот пазар на малопродажната трговија.
Петте тренда што ИГД ги прогнозира се: справување со дисрупцијата; физичкото го возвраќа ударот; брза еволуција на трговијата; реставрација на малопродажбата и зајакнување на профитабилноста.
Градење жилавост
Бизнисите станаа господари на неизвесноста во 2021 година. До крајот на годинава очекуваме агилноста и флексибилноста да останат камен-темелници на оперативните стратегии за малопродажба, особено поради појавата на нови варијанти на вирусот, предизвиците во синџирот на снабдување, проблемите со работната сила и инфлацијата.
Справување со дисрупцијата. „Волмарт“ и „Асда“ изнајмуваат товарни бродови за да обезбедат достапност на резервите. Голем број од малопродажните трговци веќе бараат начини да ги преземат работите во свои раце наместо да се потпираат на трети страни.
Подобрување на физичката продавница
Трговците на мало ќе треба да усвојат низа тактики за да генерираат зголемена фреквенција на купувачи на краток рок. Освен тоа, неопходно е тие да развијат и подолгорочни стратегии за искористување на просторот во физичките продавници на нови начини. Петте теми што ќе ја обликуваат физичката продавница на иднината се: возбудливоста и искуственоста; дигиталноста; високата ефикасност; изворната омниканалност и природната одржливост.
Физичкото го возвраќа ударот. Дисконтните продавници најмногу ќе придонесат за развој на физички формати на многу развиени пазари во 2022 година.
Траекторија на брзата испорака
Сегментот брза трговија брзо се развива и станува презаситен. Во последните 12 месеци на пазарот се појавија многу чисти играчи, кои исклучиво се занимаваат само со тој тип операции. Иако тоа создава можност да се допре до нови купувачи и да се развијат нови купувачки мисии, ИГД очекува дека ќе се случи консолидација на пазарот во текот на следната година.
Подобро за планетата и за луѓето
Купувачите очекуваат FMCG-индустријата да се води според клучните принципи на одржливоста. Трговците на мало ќе продолжат да имплементираат решенија за минимизација на пакувањето, особено за редуцирање на пластичната амбалажа и отпадот од храна. Тие ќе ги развиваат стратегиите за намалување на влијанието врз животната средина од нивните операции и синџирот на снабдување.
Реставрација на малопродажба. Бизнисите ќе продолжат да спроведуваат иницијативи што ќе им помогнат да ги поттикнат купувачите и консументите кон поодржлива и здрава исхрана. Тоа може да се активира преку промоции, попусти, едукација, награди и други техники за промена на однесувањето.
Користење на технологијата за зголемен профит
Трговците на мало ќе експериментираат со технологијата за да ги подобрат своите операции и да ја поттикнат профитабилноста. Успешните трговци ќе воведат дигитални технологии со ниски капитални инвестиции, кои лесно се ажурираат и се имплементираат во голем обем.
За организацијата:
ИГД обезбедува глобален увид, анализа и прогнози за пазарот на прехранбени и производи за широка потрошувачка, со што им помага на клиентите да се движат низ предизвиците на малопродажниот пејзаж што постојано се менува. На https://www.igd.com/events/european-trends-2022 ќе дознаете повеќе за глобалните трендови на малопродажбата во 2022 година и за продавниците што мора да се видат низ целиот свет.
За авторот:
Тоби Пикард е раководител за иновации и за трендови, а дополнително го анализира и влијанието што тие може да го имаат врз трговците, доставувачите и купувачите. Редовно соработува со водечките трговци и производители, а фокусот на неговите содржини и анализи е на иднината на малопродажбата.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.