Преку ноќ, метаверзумот стана најновиот објект на опсесивна љубовна врска на американскиот бизнис со „новото“. Но, пред да се вклучиме во матрицата, да видиме дали тој дигитален храбар нов свет навистина постои.
Извор: „Керни“, www.co.kearney.com
Во октомври минатата година Марк Закерберг ја ребрендира својата компанија „Мета“ предизвикувајќи глобална дебата меѓу тие што го гледаа овој потег како обид да се стишат критичарите на „Фејсбук“ и тие што го поздравија како брилијантна интелектуална салва, испукана директно во иднината. Закерберг енигматично го најави ребрендирањето како ефикасна транзиција од компанија за социјални медиуми во компанијата што создава метаверзум.
Пазарот не се согласи. Во јануари годинава заработката на „Мета“ не ги исполни очекувањата и компанијата загуби 26 отсто од процената, односно речиси 200 милијарди долари. Досега компаниите како „Мета“ ги избегнуваа традиционалните предизвици да се натпреваруваат за удел на статичните пазари, дефинирајќи се со нови бизнис-модели.
На ист начин на кој Закерберг го ребрендира Web 3.0 како метаверзум (очила за виртуелна реалност, за кои тврди дека ќе ги заменат дводимензионалните екрани), се чини дека и извршниот директор на „Тесла“, Илон Маск, има намера да ја ребрендира биоаугментацијата како „Невралинк“, негова верзија за модифицираната „матрица“. Иако не сака целосно да го отфрли Web 3.0, Маск смета дека визијата на Закерберг е смешна, велејќи дека не може да замисли иднина населена со луѓе кои треба цел ден да носат заоблен екран на лицето и не сакаат да го симнат. Според него, подобра алтернатива е хируршки вграден чип во мозокот, развиен од „Невралинк“. На долг рок, софистицираниот софтвер може целосно да го стави корисникот во доменот на виртуелната реалност.
Ако метаверзумот или модифицираната матрица на Маск се навистина наши колективни, храбри нови дигитални светови, тогаш нивниот потенцијал за пораст е неограничен. Доколку тие се само рекламни единици со друго име, тогаш нивниот економски модел почнува да пропаѓа.
Ако метаверзумот или модифицираната „матрица“ на Маск се навистина наши колективни, храбри нови дигитални светови, тогаш нивниот потенцијал за пораст е неограничен. Доколку тие се само рекламни единици со друго име, тогаш нивниот економски модел почнува да пропаѓа.
За компаниите што директно се соочуваат со потрошувачите, одлуката дали метаверзумот е реален, нов или способен да ги привлече луѓето или не, ќе има значително влијание врз тоа колкава моќ тие имаат или немаат кај нивните рекламни партнери.
Тоа нè потсетува зошто маркетерите треба да размислуваат стратешки пред да почнат да „градат“ во метаверзумот или да ја исчистат прашината од нивните површини во Second Life, онлајн-мултимедијална платформа од 2003 година, која им овозможува на луѓето да дизајнираат аватар и да живеат, пазаруваат, работат, па дури и да имаат секс во виртуелниот свет.
За оние што не се сеќаваат, во најголемата слава Second Life привлече големи корпорации како „Адидас“, „Тојота“, „Велс Фарго“, ИБМ итн. Денес платформата сè уште е жива, со од 500.000 до 900.000 активни „граѓани“ кои помагаат да се генерираат милиони долари профит за „Линден лаб“.
Во денешниот свет, зависен од мемиња, метаверзумот стана лингва франка (јазик што се користи како медиум на комуникација меѓу луѓе чии мајчини јазици се различни) на маркетиншките стратези, трендовските експерти и футуристите.
Во интервјуа и конференциски разговори со берзански аналитичари, Закерберг понуди недоволно јасни индиции за неговата визија за метаверзумот, опишувајќи ја како отелотворен интернет каде што наместо само да гледате содржина, вие сте во него, чиј дефинирачки квалитет е присуството, односно чувството дека навистина сте таму со друга личност или на друго место.
Тоа звучи многу слично на она што пред октомври 2021 година го нарекувавме виртуелна реалност или Web 3.0.
Добре дојдовте во матрицата. Ве чека господин Маск
Мислам дека сме далеку од исчезнување во метаверзумот, изјави Маск во интервју за сатиричната веб-страница Babylon Bee. Секако, можете да ставите телевизор на носот, но не сум сигурен дека со тоа ќе бидете во некој виртуелен свет, познат како метаверзум, рече тој.
Имплантот за мозок на „Невралинк“, со дијаметар од 23 милиметри и дебелина од 8 милиметри, е нервен чип што се поврзува со мозочните неврони со повеќе од 1.000 жици. Тоа е принципот на Маск, кој е контра метаверзумот на Закерберг. Оваа иновација Маск ја претстави во 2020 година, а демонстрацијата ја изврши врз три свињи.
Изумот на „Невралинк“, кој ќе им овозможи на корисниците да ги контролираат компјутерите или мобилните уреди со своите мисли, повеќе е матрица отколку метаверзум. „Матрикс“ (матрица) е дистописки научнофантастичен филм од 1999 година во кој Кијану Ривс ја игра улогата на Нео, компјутерски програмер кој открива дека човештвото е заробено во симулирана програма за реалност, создадена од интелигентни машини. Целта е да се одвлече вниманието на луѓето, додека нивните тела се користат како извор на енергија, гориво на машините.
Ако се чини дека е тешко да се замисли идејата за импланти, или едноставно не можеме да веруваме дека луѓето доброволно ќе бараат да им се отворат дупки во главите за да можат да пристапат до е-поштата, да се сетиме на еден настан од 2017 година. Компанијата „Три сквер маркет“ од Висконсин стигна до насловните страници на весниците со понудата да вгради бесплатен чип во рацете на работниците, кој ќе им овозможи да отвораат врати, да влегуваат во нивните компјутери, па дури и да купуваат храна. Како што соопштиле од компанијата, 50 од 85 вработени изразиле желба да бидат дел од таа техничката новост.
Што е реалноста и што нè чека?
Пред метаверзумот да стане следниот омниканал, компаниите треба сериозно да размислат како сакаат да почнат да се занимаваат со него.
Треба да почнат со завршување на домашната задача и да научат доволно за да можат да ги разграничат фактите од возбудата. Кога станува збор за метаверзум, Web 3.0 или биоаугментација, тие се области во кои сè уште има премногу чад и недоволно оган. Без разлика дали ќе бидат следната трансформативна револуција или едноставно ќе останат на ниво на ребрендирање, приказните за метаверзумот и матрицата им нудат шанса на маркетерите да бидат повнимателни.
Бизнисите треба повеќе да се фокусираат на намерата на технологијата, а не на конкретни алатки. Целта треба да биде подобро да им се служи на потрошувачите, а не да ги контролира.
Ако научивме нешто од интернетот, тоа е бизнис-вредноста на отворените извори. Отвореноста е движечка сила на дигиталната ера од 30 април 1993 година, кога Тим Бернерс-Ли, вистинскиот татко на World Wide Web, го објави изворниот код за првиот веб-прелистувач во светот, правејќи го бесплатен за секој што сака да изгради и да ги истражи можностите на глобално поврзаната мрежа.
Бизнисите треба повеќе да се фокусираат на намерата на технологијата, а не на конкретни алатки. Целта треба да биде подобро да им се служи на потрошувачите, а не да ги контролира. Технологијата не е стратегија. Тоа, во најдобар случај, е само начин за олеснување на стратегијата. Освен тоа, бизнисите треба да ја прифатат лекцијата за „проклетството на победникот“. Со други зборови, да не претеруваат бидејќи сите конкуренти ги имаат истите информации што ги имаат и тие.
Конечно, без разлика дали станува збор за метаверзум, Web 3.0 или „Невралинк“, бизнисите треба да го запаметат тоа што го научивме за време на пандемијата на ковид-19. Сите знаеме дека Бил Гејтс никогаш навистина не се залагал за ставање чип во вакцините, но истовремено се проценува и дека еден од пет Американци верува дека има чип во секоја инјекција.
Ако тоа го мислат за вакцини без чипови, како ќе реагираат кога чиповите се вистински? Балансот меѓу потенцијалот и реалноста при прифаќањето бара дисциплина и малку повеќе од храброст.
За компанијата:
„Керни“ е глобална консултантска фирма за менаџмент, со мрежа од над 3.600 луѓе што работат во повеќе од 40 земји. Соработува со повеќе од три четвртини од 500-те најголеми американски компании на листата на „Форчн“, како и со највлијателните владини и непрофитни организации.
Автори на текстот:
Грег Портел, партнер; Рајан Метјус, основач и извршен директор на „Блек монк консалтинг“.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.