Анализи

ИГД: „Продавницата на иднината“ во 2030 година

26 Jan 2022

Трговците и доставувачите ќе треба да работат уште понапорно за да развијат формати на продавници кои ќе ги одразуваат промените.

Автор: Ник Мајлс, раководител за анализа на Азиско-пацифичкиот Регион, ИГД

Во 2030 година светот ќе изгледа многу поразлично од денес. Начинот на кој луѓето ќе се снабдуваат со храна и производи за широка потрошувачка брзо се менува, а традиционалните модели на работа на продавниците се под значителен притисок. Ковид-19 ги истакна предизвиците и ги забрза трендовите во FMCG-индустријата.

Трговците и доставувачите ќе треба да работат уште понапорно за да развијат формати на продавници кои ќе ги одразуваат промените. Во оваа статија акцентот е на новиот модел на „продавницата на иднината“. Ги откриваме петте клучни теми што ќе ги обликуваат продавниците за прехранбени и производи за широка потрошувачка во текот на следната деценија.

За да преживеат физичките продавници, тие ќе треба да се развијат и да работат во хармонија со онлајн-операциите, но и да најдат нови и креативни начини за генерирање приходи кои ќе ја одржат нивната отпорност.

Светот во 2030 година ќе биде многу поинаков

Врз основа на нашите истражувања, постојат неколку прогнози за тоа како би изгледал светот во 2030 година. Во продолжение ќе ви претставиме дел од нив, за кои веруваме дека ќе влијаат врз индустријата за храна и производи за широка потрошувачка:

  • Бројот на потрошувачите од средната класа дополнително ќе се зголеми за една милијарда;
  • Околу 60 отсто од населението ќе живеат во урбани средини;
  • Ќе се употребува 6Г-технологија;
  • Околу 16,5 отсто од населението ќе бидат на возраст над 60 години (оваа возрасна група ќе се зголеми на 25 проценти во Европа и во Северна Америка);
  • Сто проценти од новите возрасни луѓе ќе бидат припадниците на генерацијата алфа, родени по 2010 година.

Продавниците остануваат витален дел од FMCG-индустријата

Поголемиот дел (92 отсто) од глобалната продажба на храна и производи за широка потрошувачка ќе се реализира преку физичките малопродажни канали во 2030 година. Супермаркетот ќе биде доминантниот модерен канал, но ќе се соочи со еден од најзначајните предизвици за продавниците, а тоа е огромниот пораст на е-трговијата со прехранбени производи. Затоа, за да преживеат физичките продавници, тие ќе треба да се развијат и да работат во хармонија со онлајн-операциите, но и да најдат нови и креативни начини за генерирање приходи кои ќе ја одржат нивната отпорност.

 

Како ќе изгледа „продавницата на иднината“?

Постојат огромен број иновации во рамките на новите технологии и решенијата што трговците на мало низ целиот свет ги тестираат и имплементираат во продавницата. За да обезбеди едноставен модел што ќе им овозможи на компаниите да се одредат себеси при развојот на сопствена продавница за иднината, ИГД ги сегментира мноштвото податоци.

Нашиот модел дефинира какви се прогнозите за развој на продавниците во следната деценија. Нивната еволуција нема да биде униформна, туку најверојатно ќе биде флексибилна, во зависност од географијата, каналот и трговецот. Следствено, моделот е дизајниран да важи за сите продавници за храна и производи за широка потрошувачка, без оглед на големината и обликот.

Иницијатори

Постојат два главни и заеднички иницијатори – партнерства и технологија (со податоци), кои го забрзуваат развојот на продавницата и ќе продолжат да го прават тоа и во иднина. Нивното влијание се однесува на сите теми.

Теми

Темите се во срцето на моделот и се пет прогнози за тоа на што би можела да се фокусира „продавницата на иднината“. Трговците на мало ќе развиваат сопствени иновации, за чие забрзување и реализирање ќе им помогнат иницијаторите. Во согласност со избраната стратегија, секој трговец ќе одлучи која од темите за него е приоритетна.

Стратегии

Стратегијата на малопродажниот трговец и на различните поединечни формати ќе продолжи силно да влијае врз „продавницата на иднината“. Таа диктира колку на секоја тема ќе ѝ се даде приоритет и на кој начин тимовите и услугите за купувачите ќе влијаат врз искуството во продавницата.

Еволуцијата на „продавниците на иднината“ нема да биде униформна, туку најверојатно ќе биде флексибилна, во зависност од географијата, каналот и трговецот.

ПЕТ ТЕМИ ШТО ЌЕ ЈА ОБЛИКУВААТ „ПРОДАВНИЦАТА НА ИДНИНАТА“

  1. Возбудливо и искуствено

Купувачите треба да имаат силна причина за посета на одредена „продавница на иднината“, со која таа ќе се издвои од конкуренцијата. Менаџментот на продавницата ќе трага по возбуда и по искуства кои нема да можат да се реплицираат преку интернет и ќе ја зајакнат лојалноста на купувачите.

  1. Дигитално

„Продавницата на иднината“ ќе има дигитални решенија што се беспрекорно интегрирани. Трговците забрзано ги развиваат иновациите со технолошки решенија, кои купувачкото искуство го прават попријатно, но истовремено им ја олеснуваат работата и на членовите од тимот.

  1. Високо ефикасно

Префинетите оперативни модели, со кои ќе бидат намалени трошоците за работење, ќе бидат алатка за воведување баланс во „продавницата на иднината“. Со оглед на тоа што трговијата сѐ повеќе се пренасочува кон помалку исплатливиот онлајн-канал, одржувањето на профитабилноста во физичките продавници ќе биде клучен фокус за сите трговци на мало.

  1. Омниканално

„Продавницата на иднината“ ќе овозможи беспрекорно омниканално искуство. Работењето на физичките продавници ќе има витална улога за поддршка на порастот на е-трговијата со прехранбени производи. Истовремено, физичките продавници ќе им бидат од огромна помош на трговците при исполнувањето на зголемените очекувања на онлајн-купувачите. Трговците на мало ќе воведат нови решенија во продавницата кои ќе ја подобрат нивната омниканална оперативност, ќе го зголемат капацитетот за е-продажба и ќе го направат онлајн-каналот попрофитабилен.

  1. Природно одржливо

Одржливоста ќе биде основната карактеристика на „продавницата на иднината“. Концептот „целта над профитот“, со акцент на социјалните и влијанијата врз животната средина, станува сѐ пошироко усвоен од бизнисите. Корпоративната и општествената одговорност повеќе не се само опционални добри практики. Купувачите очекуваат трговците и доставувачите да работат одговорно, а продавниците ќе играат клучна улога во прикажувањето на напорите во таа насока.

Ник Мајлс го води тимот за анализа на Азиско-пацифичкиот Регион во ИГД. Тој има повеќе од една деценија искуство во истражување на малопродажбата низ целиот регион и редовно нуди решенија и презентации за трговците на мало и за доставувачите. Пред да му се придружи на тимот на ИГД, седум години работел во „Теско“.

ИГД обезбедува глобален увид, анализа и прогнози за пазарот на прехранбени и производи за широка потрошувачка, со што им помага на клиентите да се движат низ предизвиците на малопродажниот пејзаж што постојано се менува (https://www.igd.com/commercial-insight).



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...