Свет

Британските супермаркети се подготвуваат за Брегзит

22 Feb 2019

Британците би можеле да се соочат со недостиг од свежа храна, пораст на цените и со помала разновидност од производи на полиците во супермаркетите ако Британија следниот месец ја напушти ЕУ без договор, предупредуваат од прехранбената индустрија.

Бидејќи не се наѕира договор за Брегзит, а датумот за излез на Британија од ЕУ (29 март) е сè поблиску, супермаркетите од Островот ги зголемуваат своите резерви и работат на алтернативни решенија, тестирајќи нови рути за увоз за полесно да се справат со очекуваните застои на границите. Сепак, трговците предупредуваат дека се соочуваат со непремостливи пречки.

Предупредувањата, па дури и разговорите за тоа дали ќе биде потребна рационализација на потрошувачката, ја одразуваат загриженоста на големиот број прехранбени компании, чии претставници велат дека ги погодува неизвесноста во Британија, која некогаш се сметаше за упориште на западната стопанска и политичка стабилност.

Џејмс Билби, челник на Федерацијата на големопродажни дистрибутери, вели дека членовите на здружението побарале дополнителни количества резервни стоки за период од една до осум недели. Складирањето во индустријата, која дејствува според принципот „just in time“ е ограничено на максимален рок на траење на храната.

Интензивната конкуренција и ниските маржи во британските супермаркети, дополнително го комплицираат планирањето на непредвидените ситуации. Џејмс Волтон, главен економист во ИГД, истакнува дека складирањето на стоките се намалувало во текот на повеќе децении, за да се ослободи обртниот капитал.

Не може да создавате резерви од свежи производи – немате простор, а и производите не би биле свежи, вели Тим Стејнер, раководител на „Окадо“, еден од првите интернет-супермаркети.

Мајк Куп, челник на вториот најголем британски синџир супермаркети, вели дека резервите нема долго да потрајат: Немаме капацитети, а и државата не може да трупа резерви за повеќе денови.

Половината од потребите за храна Британија ги обезбедува од увоз. Дел од увозот се превезува по воздушен пат, но поголемиот дел доаѓа во камиони преку Довер, главната британска врата кон Европа.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...