Германскиот малопродажен синџир „Метро" објави дека ќе го продава синџирот хипермаркети „Реал" и ќе се фокусира на големопродажбата.
Извршниот директор на „Метро" Олаф Кох веќе неколку години настојува да го пренасочи некогашниот моќен конгломерат кон големопродажбата, продавајќи ги стоковните куќи „Кауфхоф" и издвојувајќи го синџирот за електроника во самостојна компанија „Секономи".
„Метро" веќе се обиде да го продаде синџирот хипермаркети, но не успеа да најде купувач, поради што тој дел од неговото работење, во претходното тромесечје, забележа загуба и пад на приходите за 7,2 отсто.
Од повлекувањето на „Волмарт" во 2006 година, странските компании се плашат од германскиот пазар каде доминираат „Алди" и „Лидл". Американскиот синџир на маркети, ги продаде објектите на „Метро", кој подоцна ги преименува во „Реал".
Одредени аналитичари сметаат дека „Амазон" би можел да биде заинтересиран за купувањето на овие хипермаркети.
„Реал" опфаќа 282 објекти и вработува 34.000 луѓе, а во изминатите години се обиде да ја развие продажбата и преку интернет. Во финансиската година 2016/2017, приходите на „Реал" се намалени за 3,1 отсто, односно на 7,2 милијарди евра.
Се вчитува следна вест...