„Алди“ планира да отвори до 600 нови продавници во Полска во следните пет години, а долгорочно, до 2032 година, трговецот има намера да достигне до илјада локации во земјата.
Во моментов „Алди“ има околу 240 продавници во Полска, со просечна продажна површина од околу 1.000 квадратни метри.
Војчех Лубиенски, извршен директор на „Алди“ – Полска, вели дека експанзијата ќе ѝ донесе дополнителна профитабилност на компанијата. Тој претпоставува органски пораст, но доколку се укаже можност, „Алди“ е подготвен и за преземање. Наесен, трговецот го отвори вториот магацин во земјата, а во блиска иднина планира да изгради уште два.
Од друга страна, „Алди“ се повлекува од данскиот пазар. Трговецот продаде 114 продавници на норвешката „Реитан ритеил“, која управува со синџирот дисконти „Рема 1000“ во Данска. Со договорот, „Рема“ станува најголемиот поединечен синџир во земјата. „Алди“ беше првиот дисконт во Данска кога ја отвори првата продавница таму пред 45 години.
Излегувањето на „Алди“ од Данска е дел од стратешката одлука да се фокусира на осум европски пазари, на кои дисконтерот постигнува подобри резултати и гледа долгорочен потенцијал.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.