Свет

ФАО: Пад на светското производство, залихи и трговија со житарки

18 Jul 2022

За глобалното производство на житарки во 2022 година, прогнозата на ФАО (Организација за храна и земјоделство на ОН)  во јули е зголемена за 7 милиони тони во однос на претходниот месец и е утврдена на 2.792 милиони тони, што е за 0,6 отсто помалку во однос на минатата година.

Порастот се заснова на ревизија на производството на крупнозрнести житарки, што е за 6,4 милиони тони повеќе. Се очекува светското производство да достигне 1,5 милиони тони во 2022 година, што е за 0,5 отсто помалку од производството во 2021 година. Повеќе пченка е посеана во Кина и Индија, а според сегашните податоци, прогнозата за производство во Украина е подобрена.

Кај пченицата, во јули прогнозата за глобално производство е делумно намалена на 770,3 милиони тони, што е за 1 отсто пониско од претходната година. Сушата ги намалила приносите во Европа, Аргентина и Ирак. Добра жетва се очекува во Канада и Австралија, додека Русија очекува рекордни приноси. Зголемена е прогнозата за производството на ориз во Индија, а на глобално ниво се очекува да се произведат 520,5 милиони тони ориз, што е пад од само 0,4 отсто во споредба со рекордната жетва од 2021 година. Кога станува збор за прогнозата за светската потрошувачка на жито, таа беше зголемена на 2.797 милиони тони (+ 9,2 милиони тони). Споредено со лани, ова е намалување за 0,1 отсто, главно поради помалата употреба на добиточна храна. Искористеноста на крупнозрнестите житарки се очекува да остане блиску до нивото 2021/22 и да изнесува 1.504 милиони тони во сезоната 2022/23. Прогнозата за глобалната употреба на пченицата укажува на благ пад од 0,3 отсто. Најмногу поради помалата употреба во сточарството, особено во Кина и ЕУ, како и индустриската употреба во Индија. Прогнозите за глобалната употреба на ориз се на рекордно високо ниво од 523,1 милиони тони.

На крајот на сезоната 2023, ФАО предвидува дека залихите на пченица во светот ќе бидат 854 милиони тони, што е за 7,6 милиони тони повеќе од претходниот месец. Меѓутоа, тоа е сепак за 5 милиони тони помалку на годишно ниво. Глобалниот сооднос на залихи на житни култури ќе падне од 30,7 проценти во 2021/22 година на 29,8 отсто во 2022/23 година. Залихите на пченка ќе останат блиску до нивните првични нивоа со падови кои се очекуваат во Кина и САД, додека во Бразил се очекува да се зголеми поради рекордните приноси. Во Украина тие ќе бидат зголемени за шест пати.

Прогнозата за светската трговија со житарки е 468 милиони тони, што е зголемување за 4,8 милиони тони во однос на минатиот месец. Ова е најниско ниво во последните три сезони и пад од 11,4 милиони тони или 2,4 отсто во споредба со 2021/22 година. Трговијата со крупнозрнести житарки ќе се намали за 9,5 милиони тони или 4,1 отсто во однос на минатата сезона. Зголемениот извоз од Бразил нема да може да ги надомести помалите количини од другите големи извозници. Извозот од Украина е особено под знак прашалник поради блокадата на пристаништата на Црното Море.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...