Свет

Малопродажбата се придвижува кон гејминг и метаверзум

07 Apr 2022

Сè повеќе луѓе почнаа да ги „населуваат“ виртуелните светови. Особено луѓето на возраст од 18 до 29 години поминуваат многу време во дигиталниот простор. Со цел да ја фатат оваа важна целна група, FMCG-производителите и трговците на мало се вклучуваат во гејмингот и метаверзумот.

„Кауфланд“ создаде свој остров во популарната игра Animal Crossing: New Horizons на „Нинтендо“. Островот има соларни системи, ветерни турбини, штали за животни и други објекти, околу кои се движат аватарите на „Кауфланд“. Трговецот особено ги нагласува прашањата за одржливост. Двете крила – „Алди норд“ и „Алди зид“, заедно го развија Aldi Gaming во Германија. Со свој канал на „Твич“, онлајн-продавници и програми за финансирање на стримери, дисконтерот има цел да се доближи до таргет-групата. По една година, каналот Aldi Gaming на „Твич“ веќе има 25.000 следбеници. „Алди“ е вклучен и во фудбалската симулациска игра ФИФА. „Реве“ и „Лидл“ исто така влегоа во е-спортот.

„Карфур“ минатата година купи простор во играта Fortnite и штотуку се впушти во метаверзумот со стекнување земјиште во Sandbox. Трговецот смета дека е важно да се биде активен во метаверзумот со група корисници што се отворени за иновации.

„Казино“, исто така, купи парцели на метаверзум-платформата Sandbox. Првично, компанијата ќе понуди игра на тема храна. Играчите ќе можат да заработат ваучери или попусти што ќе можат да ги искористат во е-продавницата и на апликацијата Club Leader Price. „Волмарт“ создаде сопствена криптовалута и се очекува да отвори продавница во метаверзумот за продажба на виртуелни и невиртуелни стоки преку отворени продажни места.

Метаверзумот е кратенка за збир на виртуелни искуства, генерирани од технологии за аугментирана и виртуелна реалност, каде што поединецот може да комуницира со други луѓе и предмети и да стекнува добра преку аватар. Целта на метаверзумот, кој сè уште е во зародиш, е да го прошири реалниот свет во виртуелниот, менувајќи го начинот на кој луѓето комуницираат и ги извршуваат секојдневните активности.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...