Свет

Африканска чума се шири меѓу свињите во Европа

22 Jul 2021

Европската агенција за безбедност на храна (ЕФСА) ги засилува напорите да го запре ширењето на африканската чума кај свињите во Европа со проширување на својата кампања во уште девет земји.

Минатото лето ЕФСА започна голема кампања за подигнување на свеста за болеста во југоисточна Европа. Кампањата беше спроведена во партнерство со локалните власти во земјите што сочинуваат „регион за загриженост“ – Албанија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Грција, Косово, Црна Гора, Северна Македонија, Србија и Словенија – поради нивната близина со земјите каде што е присутна африканската чума кај свињите.

ЕФСА сега ја проширува кампањата – првенствено насочена кон земјоделците – на Бугарија, Република Чешка, Литванија, Летонија, Полска, Словачка, Естонија, Унгарија и Романија.

Николаус Криз, раководител на Единицата за здравје на животни и растенија на ЕФСА, изјави: Како научна организација, работиме неуморно на давањето проценки и препораки што можат да им помогнат на земјите зафатени од африканската чума кај свињите, за да ги заштитат своите животни и економии. Минатата година решивме да се насочиме во таа насока и да прикажеме дека EFSA е посветена кон помагање на земјоделците и другите што живеат во сенка на оваа страшна болест. Кампањата беше добро прифатена во првата фаза на земји и сега одиме понатаму со нашата порака за откривање, спречување и пријавување.

Кампањата ги надополнува тековните напори на Европската комисија и на другите меѓународни организации, насочени кон искоренување на болеста во Европа.

Африканската чума кај свињите (ASF) е вирусно заболување што влијае врз домашните и дивите свињи. Вирусот е безопасен за луѓето, но предизвика значителни економски нарушувања во многу земји. Не постојат вакцини, па епидемијата во зафатените области може да наметне колење на голем број свињи кои што се чуваат на фарми.

Кампањата има за цел да ги подигне свеста и разбирањето за африканската чума кај свињите во сите 18 земји и е насочена кон групи луѓе и поединци, кои стапуваат во контакт со домашни и диви свињи, особено кон одгледувачите на свињи. Истата се спроведува со непроценливата помош од локалните ветеринарни организации, земјоделски здруженија, ловечки здруженија, граничната полиција и други релевантни тела.

 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...