Шпанската стартап-компанија „Глово“ најави преземање на еден од најголемите доставувачи на храна во Словенија – „Ехрана“.
Прогнозите се дека аквизицијата ќе биде формално завршена во следните неколку месеци, а деталите за цената сѐ уште не се објавени.
„Глово“ нуди курирски услуги по барање, а неговата апликација овозможува достава на нарачки, меѓу другото, и од малопродажните објекти. Според Оскар Пјер, извршен директор на шпанската стартап-компанија, „Ехрана“ е силен локален играч. Спојувањето е стратешка можност за „Глово“ да влезе на нов пазар и дополнително да го зајакне влијанието во регионот, во кој популарноста на е-услугите за испорака на производи постојано се зголемува, вели тој.
Двете компании планираат услугата за испорака да ја спроведуваат под брендот „Глово“, а за понатамошното проширување на мрежата од град до град, одлуките ќе ги донесуваат заедно.
„Глово“ е основана во Барселона во 2015 година и работи во Југоисточна и Источна Европа, како и во Супсахарска Африка. Платформата „Ехрана“ е основана во 2010 година и денес има повеќе од 270.000 корисници, 500 партнерски ресторани и работи во 32 словенечки града.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.