Свет

Велика Британија: Без договор со ЕУ, дали храната ќе поскапи?

14 Dec 2020

Британската малопродажна индустрија неодамна повторно предупреди дека купувачите ќе се соочат со повисоки цени на храната следната година, доколку не се постигне трговски договор со Европската Унија.

Во моментов, четири петтини од увозот на храна во Велика Британија доаѓа од ЕУ, и доколку се внесе со бесцарински договор, супермаркетите и нивните клиенти ќе се соочат со над 3,0 милијарди фунти (4,0 милијарди долари) царински тарифи од 2021 година, вели Ендру Опи, директор за храна и одржливост во британскиот малопродажен конзорциум (БРЦ), а пренесува Ројтерс.

Од БРЦ велат дека царината ќе ги принуди трговците на мало со храна да ги зголемуваат цените за да ги ублажат дополнителните трошоци. Тие исто така додаваат дека многу трговци со непрехранбени производи ќе се соочат со високи сметки за царина за производи увезени од ЕУ, вклучувајќи облека и керамика.

Британскиот преоден рок за Брегзит завршува на 31 декември. Во отсуство на договор, Велика Британија би тргувала со ЕУ според условите на Светската трговска организација, што подразбира нови тарифи.

Според новиот британски тарифен режим, кој ќе се применува од 1 јануари доколку не се постигне договор, 85% од храната увезена од ЕУ би подлежела на тарифи повисоки од 5%.

Просечната тарифа би била повисока од 20%, каде што, на пример, би била 48% за мелено говедско месо, 16% за краставици и 10% за зелена салата.

Најголемиот британски трговски ланец „Теско“ објави дека потрошувачите треба да очекуваат зголемување на цената помеѓу три и пет проценти, доколку нема договор за трговија.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...