Казна од по 8.000 евра за компанијата и по 2.400 евра за одговорниот во неа изрече Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) за два од вкупно четирите големи увозници на јужно овошје во Македонија. Доколку ја платат во рок од осум дена, сумата се преполовува. Ако не платат, ќе одат на суд. Казните се изречени по контролите што ги направија инспекторите, по алармот за драстично зголемување на цените на јужното овошје, особено на лимонот.
Информацијата за InStore ја потврди Стојко Пауновски, директор на ДПИ.
Казнети се два правни субјекта – увозници на овошје со тарифен број 0805. Издадени се платни налози во висина од 8.000 евра во денарска противвредност за правното лице и 2.400 евра во денарска противвредност за одговорното лице во правното лице и во постапка за порамнување определен е рок од осум дена истите да се платат. Во случај да не се прифати постапката за порамнување, ќе се поведе прекршочна постапка пред надлежен суд. Согласно наведеното и законските одредби, бидејќи постапката е во тек не можеме да дадеме повеќе податоци, вели Пауновски.
Инспекциските надзори на ДПИ сега покажуваат дека цените се намалуваат согласно одлуките на Владата. Залихи на лимон во нашата држава има, но и секојдневно се вршат увози и се дополнуваат залихите потребни за идниот период.
Државните пазарни инспектори во изминатиот период извршија 132 инспекциски надзори во големопродажни објекти, 2.194 надзори во малопродажни објекти, 97 надзори во аптеки како и беа затворени 118 угостителски објекти.
На територијата на Република Северна Македонија направени се надзори кај сите добавувачи/ увозници кои вршат трговија на големо, додека пак во малопродажните објекти секојдневно во континуитет се вршат инспекциски надзори и по нашето укажување се корегираат цените каде што се затекнати промени. Во случај да на постапат по укажувањето и правните субјекти да дадат отпор за намалување на цените, Државниоте пазарен инспекторат ќе превземе мерки согласно законските надлежности со изрекувањње на глоба, појаснува Пауновски.
На бројот 191 граѓаните можат да пријавуваат неправилности во врска со цените на производите како и за работењето на угостителските објекти, со точно наведена локација како би можел да се изврши инспекциски надзор. На истиот број може да се пријави и евентуално неосновано однесување на инспекторите.
Досега постапено е по сите пријави кои се во наша надлежност соласно одлуките на Владата на Република Северна Македонија.
Во дел од пријавите Државниот пазарен инспекторат констатира дека нема прекршување на прописите, односно истите се неосновани. Со цел на детектирање на вистинските неправилности и непречено спроведување на горенаведените одлуки на Владата, ги замолуваме граѓаните да ги пријавуваат оние неправилности за кои имаат докази, велат од ДПИ.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.