Локално

Драган Јовев: Бележиме пораст на домашниот и на регионалниот пазар

07 Nov 2024

Компанијата „Еуроимпекс“ го започнува своето работење во 1990 година сосема скромно, како мала трговска фирма со само тројца вработени. По осамостојувањето на Македонија, „Еуроимпекс“ е првата приватна компанија чие работење е насочено кон трговија со автомобили и моторни возила. А денес зборуваме за регионален застапник за два сериозни автомобилски бренда: Peugeot и Opel, кои „Еуроимпекс“ ги претставува на пет пазари во регионот: Македонија, Србија, Косово, Албанија и Црна Гора, со тим кој брои повеќе од 150 вработени.

Во интервју за Instore, продукт-менаџерот Драган Јовев, кој има дваесетгодишно искуство во продажбата на возилата Opel, ни открива повеќе за предизвиците со кои компанијата се соочува на домашниот и регионалниот пазар.

Разговараше: Петар Чаушевски, petar@instore.mk

Како регионален увозник за Peugeot и Opel, кажете ни нешто повеќе за специфичностите на пазарите во регионот? 

Двата бренда што ги застапуваме, Peugeot и Opel, ги претставуваме во регион кој брои повеќе од 17 милиони жители. Секој пазар носи своја специфика која произлегува од менталитетот, очекувањата и навиките на населението, но и од потребите на компаниите. На пример, во Македонија сѐ уште во поголем број се продаваат возила со мануелен менувач, во споредба со Албанија и Косово, каде што повеќето клиенти се одлучуваат за автомобил со автоматски менувач. Во Албанија, пак, регистрираме раст во побарувачката на електрични автомобили. Начинот на купување нов компаниски автомобил во Србија е во поголем процент на лизинг (финансиски/оперативен) за разлика од Македонија, каде што сѐ уште преовладува навиката да се поседува автомобилот. Сепак, заедничка карактеристика за сите пазари во регионот е исклучителната ценовна сензитивност и слаба отпорност кон националните и регионални случувања (избори, нестабилности, па сѐ до шпекулации) кои значително влијаат врз побарувачката на автомобили.

                              

Заедничка карактеристика за сите пазари во регионот е исклучителната ценовна сензитивност и слаба отпорност кон националните и регионалните случувања.

 Колку сте задоволни од продажбата на возила покрај фактот што во изминатите четири години автомобилската индустрија беше на удар на економската криза?

Во изминатиот период кризите се менуваа редоследно предизвикани од различни причинители: најпрво беше ковид-пандемијата, која остави драматични последици врз пазарите, потоа следуваше недостигот на компоненти и чипови, проследено со логистички предизвици кои предизвикаа одолжување на многу испораки на долг период, воени дејствија и економска криза. Наша водилка во целиот овој период беше во најбрз можен рок да ги прифатиме нештата и да се адаптираме на сите тие случувања врз кои немаме влијание, најдобро што умееме. Нашиот транспарентен и искрен пристап кон нашите клиенти и соработници ни овозможи да ја задржиме нивната доверба и на овој начин да ги надминеме успешно сите овие предизвици.

Зборувајќи од перспектива на брендот Opel, оваа година бележиме пораст на пазарниот удел, како во целиот регион така и во нашата земја. Во Македонија во првите 8 месеци имаме пораст на продажбата за 1,9% пазарен удел споредено со истиот период минатата година. Нашето портфолио на бизнис-клиенти е постојaно во пораст, а исто така расте и бројот на купувачи кои се физички лица. Анализите јасно укажуваат на еден позитивен бран кој владее на нашиот пазар оваа година споредено со минатата година, кој резултира со зголемени набавки и обнова на возните паркови на компаниите и рентакар-компании, но, што особено нѐ радува, и на физичките лица.

Автомобилот Opel Corsa годинава беше избран за најпосакуван градски автомобил. Што го прави посебен овој модел на автомобил?

“Yes of Corsa”, Opel Corsa го доби признанието „Најпосакуван градски автомобил“ во Македонија на истоимениот национален избор организиран од страна на неколку реномирани македонски автомобилски медиуми. Ова ни донесе голема гордост, со оглед на тоа што на овој избор гласаа публиката и јавноста во нашата земја, а не жири-комисија. Corsa е по многу нешта посебна. Новата верзија помина низ целосен надворешен и внатрешен “detox”, при што се отстранети сите непотребни елементи кои го одвлекуваат вниманието на возачот при возењето. Модерен изглед изработен со традиционална германска прецизност. Новата Corsa доби нов 48-волтен хибриден погон, мултимедијален уред со безжично поврзување и многубројни безбедносни системи. Препознатливата предна маска “Opel Vizor” ја интегрира најдобрата Intelli-lux Matrix технологија на предно осветлување во својата класа, прави уште на прв поглед моделот да се издвојува од другите. Opel Corsa навистина е посакуван автомобил во Македонија, a тоа го потврдуваат и продажните бројки. Оваа година во B-сегментот Corsa е на втората позиција со 15,6% удел во сегментот.

                     

Нашето портфолио на бизнис-клиенти е постoјaно во пораст, а исто така расте и бројот на купувачи што се физички лица.

Кои од вашите возила се најпродавани на македонскиот пазар и дали за купувачите е пресудна цената или перформансите на возилото?

Како ценовно сензитивен пазар, кај клиентот секако дека цената игра голема улога. Но, генерално кога се купува возило, клиентот сака да добие најмногу за своите пари. Се придава значење на секој поединечен елемент: дизајнот, бојата, чувството при возење, па сѐ до моќноста на моторот, опременоста, дополнителните опции итн. Доколку се работи за физичко лице, целиот погоре наведен микс на елементи влијае врз позитивна одлука, а доколку станува збор за компаниска набавка, изборот се базира на цената, економичноста и сервисната достапност.

На македонскиот пазар, од опеловата гама, најпродавани патнички модели освен моделот Corsa се Аstra и Crossland, како и патничката верзија на Vivaro Combi за превоз на 8+1 патници. Кај товарните модели се издвојува моделот Opel Combo во ван и комбинирана верзија за поврат на ДДВ.

 На пазарот сѐ повеќе места заземаат електричните возила, каква е вашата понуда на овој тип возила и каков е интересот кај македонските купувачи за нив?

Нема никаква двојба дека иднината ќе биде електрична и македонскиот граѓанин го препознава овој факт. Интересот за електрични возила од година на година е сѐ поизразен. Ограничувачкиот фактор - недоволно развиена инфраструктура на јавни полначи - клиентите го надминуваат со инсталирање сопствени полначи во своите компании или домовите, чија дневна динамика е во градското подрачје, убедени во исплатливоста на инвестицијата. Како дел од заложбата на Opel до 2028 да биде целосно електричен - во овој момент секој модел од патничката и товарна гама има своја електрифицирана верзија. На овој факт сме особено горди, што врз основа на „Stella” платформите нудиме една мултиенергетска понуда почнувајќи од мотори со внатрешно согорување, преку хибридни, plug-in хибридни и 100% електрични верзии, како и погон на хидроген. Дополнително, значајно е да се истакне дека електричните верзии од моделите на Opel изгледаат идентично како и верзиите со мотор на внатрешно согорување, а товарните модели пак имаат идентична носивост и волумен.

 Колку увозот на половни возила во државава влијае врз продажбата на нови возила?

Ова прашање е неисцрпна тема на разговор. Секако дека увозот има сериозно влијание врз продажбата на нови возила. Сето тоа првенствено произлегува од куповната моќ на населението, но и од други фактори... Со колегите од автомобилскиот сектор често се присетуваме на времињата кога македонскиот пазар на нови автомобили беше поголем од 17.000 нови возила годишно... По економската криза што настапи во 2008-2009 година, пазарот на нови возила во нашата земја доживеа тектонски промени и беше драматично намален. Сепак, во изминатите години нашите граѓани наидоа на многу непријатни моменти при користењето половни возила увезени од европските земји. Сега се многу повнимателни, ги согледуваат реалните фактори и се бараат користени возила купени во Македонија и сервисирани во овластен сервис или доколку се во можност, избираат да набават ново возило на одложен начин...

Како ја оценувате состојбата со автомобилската индустрија во земјава и каде го гледате потенцијалот за нејзин развој?

За првите осум месеци од оваа година, автомобилскиот пазар има значителен пораст од +45%. Растот се должи првенствено на потребите за компаниски и флотни набавки, зголемениот обем на набавките од страна на рентакар-компаниите и неколку поголеми тендерски набавки, но исто така се забележува пораст и кај B2C каналот на продажба. Согласно анализите, потенцијалот на нашиот, а и пошироко на пазарот во регионот, се огледа во B2B каналот. Зголемувањето на конкуренцијата во делот на лизинг-компаниите на нашиот пазар ги подобри условите на купување возило на одложен начин и дополнително позитивно влијае врз продажбата. Еколошкиот момент, исто така, е значаен, сѐ повеќе компании бараат електрифицирани модели и најсовремена технологија. Но, за да се поместиме во таа насока, неопходни се поддршка и развој на функционална мрежа на полначи.  

Какви новитети може да очекуваме во следниот период од Opel?

Ни претстои возбудлива 2025 година, која за Opel ќе биде година на сосема нови модели. Активни ќе бидеме со обновената гама на товарните модели, а ќе ги претставиме и новата Opel Frontera базирана на “Smart Car” платформата, која припаѓа во B-SUV сегментот, и втората генерација на новиот Opel Grandland, кој припаѓа во C-SUV сегментот. Двата нови модела содржат паметно конципирана понуда на пакети на опременост, многу повеќе внатрешен простор и хибридна изведба. Тие совршено ќе ја комплетираат нашата понуда во најбрзорастечките SUV сегменти на пазарот.

 

 

 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...