Виното „Артизан Кратошија“ на винаријата „Брзанов“ се закити со златна плакета на меѓународниот натпревар на вина и алкохолни пијалаци „Women`s Wine & spirit Awards“ во Лондон.
„Кратошијата“ на „Брзанов“ се најде на манифестацијата на покана од организаторите и беше во конкуренција на над 1.000 вина ширум светот.
Манифестацијата за избор на најдобри вина и алкохолни пијалаци што секоја година се одржува во организација на лондонскиот „Rоyal Thames Yacht Club“ се издвојува по тоа што оценката при изборот на најдобрите вина ја даваат 100 највлијателни жени во светот на винската индустрија. Тие се дегустатори и судии, но истовремено и набавувачи и дистрибутери на вина и алкохолни пијалаци во Англија.
Сортата грозје од кое е направена „Артизан Кратошија“ е автохтона за регионот. Производителот и сопственикот на винаријата Антонио Брзанов, вели дека е таа е „татко“ на сортата вранец.
Винаријата „Брзанов“ постои од 2012 година и досега има добиено повеќе домашни и меѓународни признанија. Во моментов „Брзанов“ изработува 17 етикети вина, црвени и бели, од петнасеттина сорти грозје.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.