Македонија

Платинест медал за „Стоби“ на винскиот натпревар „Декантер“ во Азија

30 Sep 2019

Црвеното вино „Веритас“ од бербата од 2015 година на винарницата „Стоби“ се закити со највисокото признание - платинест медал, на винскиот натпревар „Декантер“ во Азија.

Вината „Веритас“ 2016, „Вердо“ 2015 и „Аминта“ 2015 на овој натпревар освоија сребрени медали. 

Од винарницата „Стоби“ објаснуваат дека според пропозициите на „Декантер“, платинест медал им се доделува само на вина – добитници на златни медали, кои освојуваат повеќе од 95 поени и кои повторно се оценуваат во посебна сесија. 

Освојувањето платинест медал во конкуренција на близу 3.000 вина од 34 земји од целиот свет е огромен успех кој покажува дека се работи за вино со исклучителен квалитет. Многу е мал процентот на вина што добиваат ваква награда, особено поради тоа што очекувањата на членовите на жирито се екстремно високи и многу строги, велат од тимот на „Стоби“. 

Најголем успех на другите вински натпревари постигна виното „Аминта“ од бербата од 2015 година кое беше наградено со престижниот двоен златен медал на најголемиот вински натпревар во Хонг Конг и Кина, CSWA (China Wine and Spirits Awards). На овој натпревар високо признание освои и виното „Веритас“ од бербата од 2015 година кое се закити со злато, а вината „Ркацители“ од 2018 година и „Жилавка“ од 2019 освоија бронза.

CSWA е најголем вински натпревар во Кина, кој меѓу познавачите на вино е највреднуваниот показател за квалитетот на домашните и увозни вина на конкурентниот кинески пазар. Одлуката за доделените признанија ја носат 100 врвни познавачи на винскиот пазар вклучени во увозот, дистрибуцијата и продажбата на вино во Кина.

 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...