Колку оваа (економска и социјална) политика е остварлива на долг и на краток рок и кои се другите опции за да се реши недостигот на (квалитетна) работна сила во земјава?
Приреди: Данче Драгинова, danche@instore.mk
Во пресрет на отворањето на прашањето за увоз на странска работна сила, кое македонската влада го најави за оваа пролет, со нашите соговорници разговараме за тоа дали во Македонија реално постои потреба од увоз на работна сила и доколку постои, како дојдовме до ситуација од преголема невработеност да се преориентираме кон увезување работници од странство. Ги прашавме и колку оваа (економска и социјална) политика е остварлива на долг и на краток рок и кои се другите опции за да се реши недостигот на (квалитетна) работна сила во земјава?
Експертски став
Д-р Кирил Миноски, меѓународен консултант
Прашањето за работната сила е комплексно социо-економско прашање, затоа е тешко да се одговори со да или не. Едно од клучните прашања на пазарот на трудот е усогласеноста на понудата и побарувачката на работна сила.
На пазарот на трудот државата стратешки влијае на начин што ја проектира и поттикнува побарувачката и ја планира понудата на работна сила преку креирање образовни политики. Затоа најразвиените земји во ЕУ спроведуваат сеопфатни анкети за потребата од работна сила, преку кои се настојува да се квантифицира видот на професии што ќе се бараат на пазарот на труд на среден и долг рок, како и да се направат предвидувања за бројот на потребната работна сила по различни категории. Во процесот на проектирање и планирање активно учествуваат сите социјални партнери (држава, работодавци, синдикати).
Доколку денес ги анализираме бројките на невработени луѓе, гледаме дека во моментов сè уште имаме висока стапка на двоцифрена невработеност од околу 14%. Затоа, пред сè, е неопходно соодветно да се анализира образовната и квалификациската структура на невработеното население и да се види дали е можно преку т.н. активни мерки на пазарот на трудот тоа да се активира. Исто така, потребни ни се попрецизни анкети за потребата од работна сила врз основа на кои ќе се планира понудата.
Не ни се потребни избрзани решенија без соодветни анализи за последиците, кои ќе бидат не само економски, туку и политички, демографски, социјални, културолошки и сл.
Едно од клучните прашања што треба да ги поставиме во контекст на овие дискусии за недостиг на работната сила е прашањето на односот на работодавците и сопственици на капиталот кон вработените. Не треба да заборавиме дека преку процесот на приватизација креиравме инстант невработеност на 400.000 луѓе, без претходни анализи на сите последици од тој процес. Тој процес креира социјални случаи, од една страна буквално оставени на улица, а од друга страна, вработените што останаа во компаниите и имаа привилегија да го остварат правото на работа честопати се соочуваа со проблемот на ниски плати и несоодветен однос од страна на оние што го приграбија капиталот. Наспроти порастот на профитите на компаниите, порастот на платите во целиот изминат период беше многу скромен. Во услови кога пазарите на трудот во ЕУ се отворија, нормално беше голем дел од вработените и невработените луѓе среќата да си ја побараат надвор од државата во економии што се поразвиени. Ова го говорам затоа што не ни се потребни избрзани решенија без соодветни анализи за последиците, кои ќе бидат не само економски, туку и политички, демографски, социјални, културолошки и сл.
Клучот за да се реши недостигот на (квалитетна) работна сила е во привлекување инвестиции и нивно поттикнување, зголемување на продуктивноста во компаниите, зголемување на платите на вработените, намалување на социјалната нееднаквост и креирање подобро работно опкружување за вработените. Човечкиот фактор сè уште е основен двигател на развојот на една компанија и економија. Зошто да не размислуваме на враќање на оние што се иселиле, кои имаат и капитал, и знаење, и искуство од поразвиени економии? Треба да се размислува и за иновации, автоматизација на процесите и дигитализација како фактори што можат да ја зголемат продуктивноста и да влијаат врз пазарот на трудот. Не ни се неопходни избрзани решенија водени од ад хок изјави на поединци, туку стратегија и акциски план со активно учество на сите чинители.
Експертски став
М-р Дарко Петровски, претседател на Македонската асоцијација за човечки ресурси
Со векови наназад Македонија била извозник на работна сила. Тоа покажува дека македонската економија од многу одамна немала капацитет да најде ангажман за достоен живот на своите работници.
Во последните месеци во јавноста се слушаат сè повеќе заложби од многу високи претставници на државниот естаблишмент и на бизнисот дека на пазарот на труд нема доволна понуда на работна сила и дека на македонското стопанство му е потребeн увоз на работници од странство. Сметам дека во моментов сè уште нема добри анализи за реалните потреби, освен тие што произлегуваат од неможноста на работодавците во некои трудоинтензивни гранки, како што се градежништвото, угостителството, текстилната и некои други преработувачки индустрии, да ангажираат вработени преку огласите што ги распишуваат.
Освен тоа, постојат сè повеќе индиции дека т.н. бран на масовни откази (great resignation) што ги зафати развиените економии се појави и кај нас. Ако кон тоа го додадеме и реалниот долгорочен и сезонски одлив на работна сила во странство, како и потенцијалниот одлив до кој би можело да дојде во случај на реализирање на иницијативата „Отворен Балкан“, иницијативите за либерализација на бариерите за работни дозволи за нашите граѓани во некои европски земји, како што се Германија и Австрија, може јасно да се согледа зошто алармот е вклучен. Ковид-кризата делумно временски ги одложи очекуваните предизвици, но затоа сега ги потенцира со многу посилна амплитуда.
Зошто никој не бара увоз на високостручни менаџери или специјалисти што ќе им помогнат на македонските компании да станат поконкурентни?
Тоа што работодавците не успеваат да привлечат вработени од пазарот на трудот лежи во неатрактивноста на условите што ги нудат. Повеќе од пет години предупредувам дека помина времето на преголема понуда на работна сила на пазарот на труд, кога работодавците беа разгалени со можноста да одбираат од огромниот број кандидати. Многу малку фирми од приватниот сектор го сфатија предизвикот и презедоа одредени чекори. Преостанатите сега се изложени на закана да ги затворат капацитетите или, во подобар случај, да ги продадат на странски поконкурентни компании. Мислам дека од тие адреси најмногу доаѓаат барањата да се овозможи увоз на поевтина работна сила.
Ризикот од увоз на поевтина работна сила од странство го гледам и во социјален, културолошки и економски контекст. Сметам дека претходно е задолжително да се исцрпат внатрешните ресурси со:
И за крај едно прашање за размислување: Зошто никој не бара увоз на високостручни менаџери или специјалисти што ќе им помогнат на македонските компании да станат поконкурентни?
Став од секторот
Миле Бошков, извршен претседател на Бизнис-конфедерација на Македонија
Во нашата земја во овој момент работат приближно 5.000 работници од странство, меѓутоа, кога таа квота би се проширила, веднаш би се зголемила бројката реално и легално. Ова е фактичка состојба од „терен“, а приближно опишано, состојбата накратко е следната: градежништвото, туризмот, техничките сектори, информатичките технологии и особено земјоделството, и тоа во примарното производство и во сточарството во одредени сезонски „шпицови“ кога има потреба од работници. Низ градовите каде што инспекциските служби можат да „влезат“, возможно е да се контролира состојбата поврзана со работните односи, но локално, работат работници кои не само што не се регистрирани на работен однос, туку дел од нив воопшто немаат ни идентификација.
Тоа значи дека имаме недостиг на работници што се потребни за економијата во целост, а до оваа состојба се доведовме како небаре сме „доктори“ за лошо управување со општеството и политиките, и тоа со ниската организациска, политичка, национална, локална и услужна одговорност во сите сегменти од општественото живеење.
Да бидам објективен и да дополнам – бизнисите, односно генерално бизнис-концептот сериозно придонесе за оваа состојба. Низ годините наназад бројката на невработеност достигнуваше и до 25-30% од вкупното работоспособно население, што беше негативно искористувано од работодавците, односно секогаш имаше „некој“ друг да работи за помала плата. Поради тоа, сега сите тие работници работат на достоинствени и подобро платени работни места некаде, но не во нашата земја.
Имаме недостиг на работници што се потребни за економијата во целост, а до оваа состојба се доведовме како небаре сме „доктори“ за лошо управување со општеството и политиките.
Политиките генерално се во насока на задржување на работниците и за создавање нови работни места, но навистина треба да се анализира дали тие се одржливи и дали носат реална корист. Во моментов се подготвува Закон за работни односи, процес што стана здодевен, бавен и несуштински транспарентен, наместо да овозможи форми и техники за лесно и брзо работно ангажирање и следење. Сè уште се „врти“ во „духот“ на „пуштање корења“ на работните места до пензија.
Една од опциите за надминување на недостигот на работна сила е „Отворен Балкан“ и се надеваме дека ќе успее, сè друго се сведува на сет мерки и стратегија. Зголемени парични средства за практикантите во фирмите, дуално образование со одреден надомест за учениците/студентите, олеснувања и субвенции за фирмите што ќе образуваат и задржат кадар од нашите образовни институции и програми, олеснети обврски за персонален данок, укинување на задолжителното средно образование и јасно дефинирање на други форми на работен ангажман (младинско вработување, калфа, чирак, практикант, приправник итн.). Секако, постои и опцијата на увоз на работници од странство, од земји со многу понизок стандард од нашата, но за тој чекор не сум сигурен колку е отворено нашето општество.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.