Македонија

Инвестиција од 1,2 милиони евра на „Бимилк“ за фармерите

20 Dec 2022

Бројот на молзни крави во земјава во текот на идните месеци ќе се зголеми за нови 500 висококвалитетни јуници, а како резултат на инвестицијата која ја прави „Бимилк“ заедно со своите кооперанти, соопштија од компанијата.

Во рамките на оваа соработка во набавката на новите грла, „Бимилк“ ќе субвенционира најголем дел од набавната вредност на грлата, а за остатокот ќе овозможи бескаматен кредит со рок на отплата од 5 години. Јуници ќе бидат понудени на кооперанти на „Бимилк“ во повеќе региони во земјава, кои имаат потенцијал и услови за развој и зголемување на квантитетот, квалитетот и продуктивноста на производството. 

Грлата ќе бидат од расата Холштајн – Фризијан и Симентал со продуктивност од 6 000 до 8 000  литри млеко годишно, што е на рамниште на европските земји со најголема продуктивност, како што се Шведска со 7 900 литри, Данска со 7 100 литри и Холандија со околу 7 000 литри по крава. 

Вкупна вредност на инвестицијата од страна на „Бимилк“ е 1,2 милиони евра. Со ова компанијата ја продолжува поддршката на млекопроизводителите, што е еден од нејзините стратешки приоритети. 
Со инвестиции во развојот и во одржливоста на млечната индустрија, „Бимилк“ обележува 70 години постоење и работа на македонскиот пазар. Млекарницата има долгогодишна соработка и поддршка на млекопроизводителите, која опфаќа вложувања во современа опрема и технологија за преработка на млеко, едукација, поддршка при набавка на сточна храна, механизација и опрема, вклучително и иницирање стимулативни мерки за развој на сточарството.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...