Македонија

Македонија ќе биде домаќин на 10. издание на BIWC

28 May 2021

Десеттото јубилејно издание на Балканскиот интернационален вински натпревар (BIWC) ќе се одржи од 2 до 4 јуни во хотелот „Холидеј ин“ во Скопје, во ко-организација на здружението „Вина од Македонија“.

На натпреварот ќе биде избрано најдоброто вино на Балканот од престижно жири, составено од 18 вински судии од 10 земји, од кои најмалку тројца се носители на титулата Master of Wine.

Големо задоволство е што 10-годишнината на овој светски познат натпревар се организира токму во нашата земја. Покрај улогата што ја имаат на натпреварот, членовите на жирито ќе посетат и неколку домашни винарници, со што дополнително ќе го промовираме македонското вино пред оваа значајна експертска јавност, изјави Елена Младеновска-Јеленковиќ, извршен директор на здружението „Вина од Македонија“.

Таа додава дека на 4 јуни 2021 ќе се одржат и два мастеркласа и изложба на вина за дегустација, на која посетителите ќе имаат можност да ги пробаат вината од регионот што учествувале на натпреварот. Годинава има рекорден број пријавени вина од сите балкански земји. Резултатите од натпреварот ќе бидат објавени на посебна гала-вечера што ќе се одржи истиот ден, кога ќе бидат доделени наградите и специјалните признанија за најдобра винарница на Балканот. Оваа година првпат ќе биде доделена и наградата „Винска личност на Балканот“ за заслуги во промоцијата на балканските вина“, вели Младеновска-Јеленковиќ.

Организаторите на Балканскиот меѓународен вински натпревар и фестивал (BIWCF) веќе 10 години го промовираат виното од балканските земји.  Јубилејот годинава се одржува во две земји – од 2 до 4 јуни во Скопје и од 17 до 19 јуни во Софија, под отворено небо, под наслов „Вински град“.

Од почетокот во 2011 година, BIWC е еден од малкуте во Европа, кои го следат австралискиот модел на организација на вински натпревари, овозможувајќи подобра проценка на вината што се натпреваруваат.

Здружението „Вина од Македонија“, кое постои веќе 11 години, континуирано вложува напори за промоција на македонското вино во светот, преку присуство на различни манифестации, саеми и создавање партнерства со вински организации. Организацијата на овој настан е поддржана од Програмата за рурален развој на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, со цел да се постигне соодветно позиционирање на македонското вино во светот.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...