Изборот на храна е еден од најголемите ризици за здравјето на потрошувачите. Лошиот избор на храна, во многу случаи придонесува за развој на болести, а честопати и до појава на прекумерно дебелеење.
Автор: Проф. д-р Владимир Какуринов, „Клуч"
Постојат безброј начини за компромитирање на безбедноста на прехранбените производи што потрошувачите ги купуваат од минимаркетите и од супермаркетите. Во претходниот број на InStore беа објаснети четири од најважните категории ризици за безбедност на храната во маркетите: хигиенски дизајн на објектите и на опремата; хигиена на вработените; микроорганизми на количките и на корпите за пазарување и свежи производи. Во продолжение, прочитајте за другите пет.
5. Глодари (глувци)
Глодарите не само што ги грицкаат пакувањата и ја јадат храната, туку зад себе оставаат и траги од урина, измет и влакна по површините по кои се движат. Глувците ги привлекува лесниот пристап до храна и до вода. Тие сакаат да се вгнездат во близина на храната и на водата, за да не патуваат далеку. За нив, маркетите се омилено место за престој.
Деловите на маркетите каде што се врши дотур на прехранбени производи или складиштата, каде што храната може да се истури или да се испрска, претставуваат место за привлекување глодари и тие најчесто оттаму влегуваат во маркетите. Освен тие места, постојат и многу други потенцијални влезни точки за глодарите, особено во супермаркетите. Тие можат да се протнат низ многу тесни отвори и пукнатини, па затоа од големо значење е објектот да биде добро конструиран и изведен, односно да нема пукнатини и празнини кај вратите, прозорците и на ѕидовите, а отворите за вентилација и за електрични кабли мора да бидат добро затворени.
Кога ќе влезат во објектот, глодарите не се ограничуваат само на храната во складиштата, туку навлегуваат и во продажниот дел, каде што храната е изложена на полиците во маркетот. Затоа, од големо значење е да не се оставаат истурени пијалаци или храна на подовите.
Глодарите се носители на многу болести, како што се, на пример, салмонелоза, лептоспироза, токсоплазмоза итн. Исто така, тие може да пренесат и крлежи, болви и вошки, односно паразити што се носители на многу други болести.
Ризикот од измами со прехранбени производи во минимаркетите и во супермаркетите е многу мал, но понекогаш и таа бариера може да биде пробиена.
6. Летечки инсекти
Голем број летечки инсекти, како, на пример, муви, мушички, комарци итн., можат да ги загадат прехранбените производи со различни и, честопати, опасни болести. Летечките инсекти се носители на повеќе од 100 патогени микроорганизми, како, на пример, Salmonella spp., Vibrio cholerae, Shigella spp., Campylobacter spp., E. coli, Cryptosporidium spp., како и на многу паразитски црви и габи.
Летечките инсекти се хранат со фекални материи, ѓубре и со материјал што скапува. Притоа, на нозете и на телата ги прибираат сите можни загадувачи, а потоа ги пренесуваат на чистите зони и на свежата храна во маркетите.
Како мерка за борба против летечките инсекти, најчесто се користат електричните замки, кои го спржуваат инсектот кога ќе слета на отворените жици. Оваа мерка не е најдобра, затоа што при спржувањето различни делови од телото на инсектите се разлетуваат во околината и повторно може да се пренесат на прехранбените производи.
7. Лебарки и бубашваби
Лебарките и бубашвабите се друга група инсекти – ползечки, кои се носители и можат да пренесат различни микроорганизми, како, на пример, Salmonella spp., Staphylococcus spp., Listeria spp., E. coli, но и различни вируси, габи и паразитски црви.
Нив ги привлекуваат и најмалите остатоци од храна, особено местата каде што храната се истура и се фрла, како во одводите. Овие инсекти можат да јадат картон и да навлезат и при дотур на производи, особено ако доставувачите не одржуваат добра хигиена на транспортните средства.
Лебарките и бубашвабите се хранат со храна што скапува, мувла, фекалии во одводите, фекалии од глодари, птици и со трупови на животни, при што сите нечистотии и микроорганизми од нив се пренесуваат на храната, алатот и др. во маркетот. Тие се вгнездуваат на полиците во маркетот, во складиштата, како и на темни места во пукнатините и во празнините на подовите, ѕидовите, одводите, внатрешноста на опремата и во машините.
Ползечките инсекти можат да ги оштетат прехранбените производи и да рашират болести на следниов начин: оставаат измет по патеката на своето движење, а честопати, оставаат и плунка на површините (со што ја проверуваат површината по која лазат). Нивниот измет и телесни течности оставаат трага и лош мирис на храната, пакувањата и на површините по кои лазеле, а нивната отфрлена обвивка и јајцата, ги загадуваат прехранбените производи и пакувањата. Отфрлената обвивка и изметот содржат алергени, кои може да предизвикаат појава на астма.
Присуството на лебарките и на бубашвабите, може да се спречи само со примена на добри хигиенски практики и со хигиенски дизајн на објектите и на опремата во маркетите.
Во добрите супермаркети, поставени се и табли на кои јасно пишува што значат буквите на декларациите. На пример, од Е-100 до Е-199 се бои; од Е-200 до Е-299 се конзерванси; од Е-300 до Е-399 се антиоксиданти и регулатори на киселини; од Е-400 до Е-499 се згуснувачи, стабилизатори и емулзификатори, итн.
8. Состојки и нивно означување
Изборот на храна е еден од најголемите ризици за здравјето на потрошувачите. Лошиот избор на храна, во многу случаи придонесува за развој на болести како дијабетес и алергии, а честопати доведува и до појава на прекумерно дебелеење. Исто така, лошиот избор на храна може да доведе и до засилување на симптоми на болести, од кои страдаат различни групи потрошувачи. Од тие причини, потрошувачите имаат законско право да знаат кои се состојките во производот што го купуваат.
Тоа на што мора да внимаваат маркетите е правилното означување на прехранбените производи. Декларациите на производите мора да се напишани на мајчиниот јазик во земјата каде што се продаваат, а написите мора да бидат доволно големи за да може лесно да се читаат. Овие ознаки би требало да бидат на пакувањето на производите, но најчесто не е така. Затоа, во добрите супермаркети во светот, на одредени места постојат лупи со кои потрошувачите можат да ги прочитаат и најситните букви на декларациите. Во тие супермаркети, поставени се и табли на кои јасно пишува што значат буквите на декларациите за состојки на производот (дури за секоја поединечно). На пример, од Е-100 до Е-199 се бои; од Е-200 до Е-299 се конзерванси; од Е-300 до Е-399 се антиоксиданти и регулатори на киселини; од Е-400 до Е-499 се згуснувачи, стабилизатори и емулзификатори, итн.
9. Измами со прехранбени производи
Ризикот од измами со прехранбени производи во минимаркетите и во супермаркетите е многу мал, но понекогаш и таа бариера може да биде пробиена. Постојат повеќе типови на измами, од кои најчести се следниве два: измами со видот на употребените состојки и измами со датумот на рокот на употреба.
Пример за класична измама со употребени состојки е таа за скандалот со коњско месо. Неколку снабдувачи и производители на месни производи од Европската Унија, во производите ставале коњско месо и го декларирале како говедско. Од тие, намерно погрешно означени производи, беа најдени во Белгија, Велика Британија, Ирска, Латвија, Литванија, Луксембург, Франција, Холандија и во Шпанија. Во поскоро време, во Велика Британија биле најдени 10.000 литри лажирано и разводнето вино, виски и вотка.
Другиот тип измами се манипулации со рокот на употреба. Постојат производители кои врз постоечкиот датум за рок на употреба ставаат налепници со нов или отпечатуваат нов рок на траење на пакувањето на производите. На пример, во Австралија биле најдени препакувани и лажно датирани стотици илјади пакувања кикирики.
Измамите со прехранбени производи ја чинат Велика Британија 11 милијарда евра годишно, но најголемата штета ја претрпуваат потрошувачите. Од тој аспект, најголемата грешка што ја прават минимаркетите и супермаркетите е што беспоговорно им веруваат на доставувачите, па дури и не пријавуваат кога некој потрошувач ќе им се пожали. Во тие случаи, казните за измама со прехранбени производи ги плаќаат супермаркетите.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.