Актуелно

Мислење и коментари: Еднаков третман на компаниите

14 Mar 2018
Од околу 70.000 активни компании во земјава, само 4.800 се вклучени во бизнисот со јавни набавки, кој годишно вреди околу една милијарда евра. Поради потребата од поголема вклученост на повеќе компании, но и поради пропустите во сегашниот Закон за јавни набавки, се крчка новиот нацрт-закон, во кој се најавени повеќе промени. За таа цел, со нашите соговорници зборувавме за: клучните новости/забелешки во законот, побаравме коментар за новините во јавните набавки со мала вредност, како и за досегашното искуство на компаниите во работењето.
 
Приреди: Алма Растодер, alma@instore.mk
 
Експертски став
 
Вања Михајлова, поранешен антикорупционер
 
Донесувањето нов Закон за јавни набавки се наметна како потреба за усогласување со новите Директиви на ЕУ и отстранување на досегашните проблеми, слабости и ризици од корупција, кои го оневозможуваа функционирањето на принципите на транспарентност, конкуренција, еднаков третман на фирмите-понудувачи и рационално трошење на јавните пари. 
 
Значајна новина е воведувањето на критериумот - економски најповолна понуда, наместо досегашната - најниска цена, која беше критикувана од експертите и од бизнис-заедницата. Економски најповолна понуда содржи повеќе елементи, што ќе овозможи  конкуренција меѓу фирмите и поголема објективност при оцената на понудите. Овој критериум е особено клучен за одредени набавки - прехранбени производи, лекарства и медицинска опрема, градежни материјали и сл. 
 
Со Законот се предлага укинување на задолжителноста на електронската аукција, се воведува задолжително објавување на планот за јавни набавки и склучените договори, а со тоа се зголемува транспарентноста, фирмите ќе можат да ги планираат бизнис-активностите и ќе имаат увид во склучените договори. 
 
Новина е што докажувањето за способноста за учество на тендери може да се врши само со изјава, што ја поедноставува постапката и ги намалува финансиските трошоци на понудувачите; се воведуваат нови техники за е-набавки; понудувачите ќе имаат увид во целокупната документација; директно плаќање на подизведувачите; зголемување на прагот на мали јавни набавки за кои не се води постапка, воведување нови постапки за јавни набавки и сл.
 
Начинот на функционирање на електронскиот начин на набавки од мала вредност не е доволно прецизен, што може да создаде простор за дискриминација на понудувачите. 
Предлогот договорните органи да не објавуваат оглас, туку да избираат најмалку три фирми што имаат понудено свои производи или услуги на електронскиот пазар на набавки од мала вредност, може негативно да влијае врз конкурентноста и транспарентноста. Отсуството на тендерски документации и технички спецификации може да создаде дилеми и нејаснотии во врска со тоа на кој начин ќе се избере најдобрата понуда. Со оглед на тоа дека повеќе од половина од сите ЈН ќе потпаднат под набавки од мала вредност, постои страв дека поголем број од малите и средните фирми нема да можат да учествуваат на тендерите. 
 
Отсуствува контрола врз целиот процес на ЈН, вклучувајќи и реализација на договорите, како една од поголемите слабости и ризици за корупција во досегашната практика. Воведувањето контрола од Бирото за јавни набавки само врз огласите и тендерската документација не гарантира целосен надзор врз процесот, особено за следење на реализацијата на склучените договори. Законот не содржи антикорупциски одредби, согласно Директивите на ЕУ, како гаранција за спречување на случаите на корупција во оваа исклучително ранлива област. 
 
Став од секторот
 
Став на компанијата „Вивакс"
 
Од компанијата имаме неколку коментари за нацрт-законот за јавни набавки.
 
1. Критериуми за избор на најповолна понуда
 

• Квалитетот на производот да биде задолжителен критериум за избор за најповолна
понуда со одредување на бодови во тендерската документација. Вкупниот износ на
бодовите да изнесува 100, од кои 50 да го одредуваат квалитетот, а другите 50 да
бидат збир за преостанатите критериуми за избор (техничка опременост и оспособеност,

ангажиран персонал, референтна листа, цена ...). За јавна набавка на прехранбени производи и пијалаци наменети за деца од претшколска возраст, соодносот да биде 70 со 30 бодови.
 
Задолжителени критериуми за избор за најповолна понуда треба да бидат: квалитетот на производот, задолжително доставување мостри од производите и следење и контрола на договорите за јавна набавка.
2. Докажување способност
 

• Економскиот оператор, за да докаже дека може да учествува на оглас за јавна набавка,
задолжително да достави мостри од производите (за постапки за прехранбени производи) кои ќе бидат декларирани согласно Правилникот за означување на храна, а
декларацијата на производот целосно да одговара на барањата пропишани во техничката

спецификација;
 

• Економскиот оператор што сака да учествува на оглас за јавна набавка, а притоа не е производител на производите предмет на огласот/барањето за јавна набавка,

задолжително да приложи согласност од производителот дека му ги става на располагање производите, односно своите ресурси и дека не станува збор за здружување со конкретниот економски оператор;
 

• За јавна набавка на прехранбени производи и пијалаци, квалитетот и составот на производот напишани на декларацијата задолжително да одговараат на содржината на производот. Незадоволните ЕО да можат да побараат стручен наод од соодветна установа.

• Економскиот оператор што сака да учествува на оглас за јавна набавка, а не е производител на производите предмет на огласот/барањето за јавна набавка,
задолжително да приложи анализни сертификати за производите на меморандум од производителот, како и изјава дека производителот се обврзува да ги испорача

производите и да го реализира договорот во целост;
 
• Задолжително да се приложат уверенија издадени од надлежни органи за контрола за квалитет со признаена компетентност, кои ја тестираат соодветноста на производите што јасно била утврдена со упатувањата кон спецификациите и стандардите.
 
3. Целосна реализација на Договорот за јавна набавка:
 

• Следење и контрола на договорите за јавна набавка со посебен осврт на роковите за
плаќање пропишани со договорот, како и целосна реализација на договорот со посебна

контрола, дали се испорачуваат производи што се соодветни на понудата и договорот.
 

Став од секторот

Марија Мушкиња, менаџер во секторот за јавни набавки во „Даути комерц" 

 

 

 
Од досегашното работење можам да ги издвојам следните проблеми со кои се соочувавме: поднесување нереално ниски цени и склучување договор каде што се појавува сомнеж при реализацијата на договорот дека нема да се испорачува тоа што е барано; неприфаќање нивелација на цени за берзански производи, неприфаќање забелешки во нацрт-договор за јавни набавки, на пр., 24 часа рок на испорака; барање да се има објект 30 метри до договорениот орган (ДО) и сл. Ова се само неколку несоодветни спецификации дадени од дел од стручните лица од тогашниот Совет за јавни набавки. Проблем беа и немањето инструмент за наплата кај дел од ДО, кои се блокирани, отфрлањето понуди поради погрешно толкување на согласностите од Советот за јавни набавки и погрешно проценетите вредности на постапките и нивно нецелосно  исцрпување нa договорите за повеќе од 30%. При јавно отворање во некои постапки не беше дозволено читање на поединечни понудени цени, со што би се открила нерегуларноста во постапката, а во некои постоеја недостатоци кај рамковните спогодби во однос на количините.
 
Потребно е формирање на независно тело за контрола на јавните набавки и воведување пенали за задоцнето плаќање или фаворизирање на компании.
Во нацрт-законот за јавни набавки би можела да ги истакнам следните позитивни предлози:
 
Согласно Член 68 став 2, ДО задолжително објавува поедноставено известување за склучен договор кај набавка со мала вредност и кај набавка со поедноставена отворена постапка;
 
Согласно Член 93, повторно се враќа критериумот на најповолна понуда, но сè уште треба да се доуреди, досега во ЗЈН како критериум за избор беше најниската цена;
 
Согласно Член 97, алинеја 1, Јавно отворање на понуди кај набавка од мала вредност, во ЗЈН не беше предвидено отворање во вакви постапки.
 
Во следните членови би дала предлог за нивно дополнување: ДО да се обрати до производителот за информации понудената цена да не биде 10 или 20 пати пониска од реалната, туку да има некој распон од 10, 20, 30 отсто, доколку не е така, да се отфрли; При најповолна понуда да биде објавен извештај на ЕСЈН (за да се види начинот како е одбрана најповолната понуда); Да се дополни дека се потребни од 70% до 80% за да се реализира договорот и обесштетување за банкарската гаранција за нереализираниот дел, како и други инструменти за казна доколку биде поголем процентот на нереализација на договор; во Член 108 да се дополни дека е потребна корекција на цените за берзански производи;
 
Потребно е во некои од членовите да се додадат пенали за задоцнето плаќање или за фаворизирање одредени економски оператори. Потребно е и формирање на независно тело кое би вршело ненајавена контрола, при испораката.

 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...