Пишува: Горан Теменугов, економски новинар
Пред 40-ина години, што значи веќе многу, многу одамна, на училиште ја добив можеби најважната животна лекција која ја помнам до ден-денес. Во тоа време актуелна беше хуманитарната криза во Етиопија каде што милиони лица гладуваа. Светските поп и рок-ѕвезди, но и од поранешна Југославија испеаја пригодни песни за подигнување на свеста за проблемот, а се организираа и мегаконцерти за собирање средства со кои се купи храна за населението на оваа земја. Во помошта се вклучи и ООН, како и многу држави.
Бевме вознемирени од сликите по весниците на прегладнетите Етиопјани, кои предизвикуваа длабока вознемиреност и револт што на крајот од 20 век има народи кои гладуваат, но од друга страна, со верба дека, ете, светот, но и нашата тогашна татковина се мобилизираа за да им помогнат на оние што страдаат. Оваа верба во човечката и меѓудржавна солидарност се дрзна да ми ја наруши тогашната моја професорка по српско-хрватски јазик. Кога ја виде нашата возбуда од таа глобална свесност за другиот, за оној што во моментот страда и на кого му е потребна помош, таа ја изговори можеби најважната реченица во мојот живот. А таа гласеше: Добро е што помагаат, но подобро ќе беше да ги научат како да ловат риба, а не само да им ја даваат.
Секако, овој нејзин став беше причина за долга дискусија со неа, без да знаеме тогаш, поради нашата младост, дека ова е стара, прастара народна мудрост.
Веќе реков дека ова е нешто што го помнам четири децении. Но, како е ова поврзано со бизнисот денес. Зошто пишувам за ова. Едноставно, бидејќи одамна во Македонија наместо ловење риба, чекаме некој да нè нахрани. Не зборувам за меѓународна помош, туку за нашиот сè поприсутен менталитет да се задоволуваме со инстант заработка и експресно збогатување, без да водиме сметка како ќе живеат нашите наредни генерации.
Се работи за нашиот сè поприсутен менталитет да се задоволуваме со инстант заработка и експресно збогатување, без да водиме сметка за нашите наредни генерации како ќе живеат.
Службено во јуни бев во Атина, Грција, и како многу пати досега, јас и мојот колега и пријател Коки си ја уживавме старата навика пеш да одиме низ градот за подобро да го запознаеме. Секако, ова пешачење секогаш е зачинето со дискусии, често пати и малку „поостри“ за економијата и за политиката. Но, овој пат нешто и на двајцата истовремено ни падна в очи. Забележавме дека на неколку локации во најстрогиот центар на Атина има празен простор. Првата реакција ни беше, лелелеееее, ова да е во Скопје што згради ќе никнеа. Некои ќе се збогатеа. Но, празниот простор не беше напуштен. На него имаше паркинзи. Некои беа уредени, односно беа бетонирани, имаа рампи и куќарки за наплата. Некои, пак, беа со макадам и имаа само рампа, при што забележавме дека во доцните вечерни часови наплатата ја врши постара жена или народски кажано бабичка.
Ваквата слика неминовно нѐ донесе до компарација меѓу Скопје и Атина и си го поставивме прашањето зошто атињаните не градат на такви атрактивни локации во најстрогиот центар на градот. Зарем до толку немаат некој „инвеститор“ кој на таа локација ќе направи некоја габаритна зграда, при што сопствениците на земјиштето ќе грабнат стан-два и ќе имаат стотици илјади вреден имот кој ќе им го остават на своите деца. Секако, и бабичката нема да се мачи и да се расправа со муштерии кои нонстоп паркираа. Во оваа дилема го вметнавме и запазувањето дека многу често во зградите во строгиот центар има подземни гаражи, како и дека многу често приземјата се исто така гаражи во кои секој посетител за одредена сума може да паркира. Тој простор во Скопје би бил продавници или канцеларии.
По чудењето за тоа како атињаните не знаат што да прават со својот простор и зошто не го градат како што ние би го направиле, за да дојдеме до одговорот, ја повикавме математиката. Се распрашавме за цената на квадратот во тој реон и тој се движи од минимум 5.000 евра па нагоре. Ова значи дека стан од 100 м² би чинел од половина милион евра па нагоре. Убава сума и да бевме ние, веднаш ќе си најдевме инвеститор. Но, сопственикот на паркингот решил да го работи. Ако три евра е час, а има 10 места, при што работи со 70% искористеност во 24 часа (имаше возила и во два часот по полноќ), а државата му земе половина како данок и придонеси, а во ова ги ставиме и платите за вработените, годишно чисто би му останале околу 90.000 евра или само за 18 квадрати. Но, за шест години со заработеното, на истата локација ќе може да купи стан, а паркингот ќе му остане. Бидејќи бабичката работеше, се гледа дека тоа е семеен бизнис. Таков бизнис забележавме и во рестораните каде што ручавме и како по правило секаде со сметките (финансиите) раководеше постара жена, а нѐ служеа, меѓу другите, и газдите кои ги препознавме по нивните фотографии на ѕидовите.
Сево ова се случува во Грција. Земја која е позната по голема социјална заштита и по не многу вредна јавна администрација која ужива прилично големи привилегии во споредба со остатокот од Европа. Но, ете, дел од Грците сакаат да работат, и тоа напорно. И тоа цели семејства. Тие пресметале дека ако работат свој бизнис, а не да бидат само рентиери, на долг рок, со генерации, ќе имаат пари. Кај нас, важно е сега и веднаш. Можеби токму тука лежи одговорот зошто сме далеку од некоја нормална економија.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.