Секојдневно се зголемуваат потребите од развој на секторот за управување со човечки ресурси во компаниите. Како што се менуваат начините на кои управуваме со луѓето, така се развива и свесноста на компаниите за оформување на овие сектори и, секако, бенефитот од нивното постоење
Пишува: Марина Михајловска, директор за општи работи и човечки ресурси во „Кола“
Кога сме на почетокот на нашата патека на управувањето со човечките ресурси, без оглед на нашето претходно искуство или, пак, сознанијата што ги имаме од областа, некои работи може да ни изгледаат толку невозможни. Ова особено важи кога сме на почеток со имплементацијата и развојот на секторот во една компанија.
Без оглед дали почетоците на управувањето со човечките ресурси се во веќе изграден систем, важно е да се потенцира дека овој сектор игра клучна улога во управувањето, пред сè, со луѓето и е дел од високиот менаџмент на една компанија.
Во денешно време е изразена потребата од стручни кадри, а голем предизвик претставува нивното задржување на работните места, особено на оние што покажуваат добри резултати.
Управувањето со човечки ресурси да биде дел од високиот менаџмент. Зошто?
Најпрвин, секој вработен што е дел од компанијата сака да знае точно кои се неговите работни задачи, одговорности и овластувања. Да ги знае можностите за развој, дека се следи неговиот перформанс, да добие повратна информација за тоа како ги извршува своите работни задачи и, секако, јасно да му бидат дефинирани условите и бенефициите за работното место.
Одлично е кога вработените ќе ги видат бенефитот и улогата на управувањето со човечките ресурси, како и тоа дека споменатите сегменти погоре се спроведени и функционираат во една компанија. Многу често со воведувањето на овие процеси, на почетокот треба да биде вклучен, најпрвин, менаџментот, а потоа и сте оние што управуваат со луѓе и со процеси, како и сите вработени што се дел од компанијата. Вообичаено, вработените немаат доволно доверба во процесите и во нивното спроведување бидејќи се навикнати да функционираат на еден начин и кога треба работите да се структурираат/унапредуваат, се создава отпор сметајќи дека тоа е дополнителна работа за нив.
Ме радува тоа што секојдневно слушам дека се зголемуваат потребите од развој на секторот за управување со човечки ресурси во компаниите. Како што се појавуваат потребите да ги менуваме начините на кои управуваме со луѓето, така се развива и свесноста на компаниите во насока на оформување сектори за управување со човечките ресурси и бенефитот за нивното постоење. Кога луѓето ќе ги видат првите резултати, го разбираат бенефитот, но за успешност на секторот, потребни се време и поддршка.
Управувањето со човечките ресурси во практика
Потребни се многу труд и истрајност за развој и одржување на секторот. Ова го кажувам бидејќи сум била дел од таков процес каде што не постоел сектор. Поради тоа, потребно беше дефинирање на акти за внатрешна организација и систематизација на работните места, комплетирање на цела персонална администрација за вработените, ревидирање на организациската структура. Дури потоа доаѓа можноста за организациски развој преку структурирање на менаџерските/лидерските улоги, организациската култура, спроведување на системите за перформанс и талент-менаџмент. На крајот, сето тоа треба да има своја одржливост.
Колку е поголема компанијата, толку е поголема и потребата за вработување кадри специјализирани за одредени области. Секторот има клучна улога во обезбедувањето соодветен кадар во компанијата, а тоа, пред сè, значи обезбедување на кандидатите со комплетна информација за работната позиција за да можат да разберат, доколку одлучат да аплицираат, за каква компанија станува збор. Кандидатите треба да бидат запознаени со културата што ја негува компанијата, но и да бидат обезбедени различни алатки за развивање на кадрите.
Треба да се истакне дека кога сите овие системи се добро поставени и дејствуваат во целост, разликата во функционалноста е веднаш видлива. Но, уште еднаш да се потенцира: најголемо влијание за доброто спроведување на системите има менаџментот на компанијата. Оттаму почнува фокусот за одржување на системите за управување кои играат клучна улога во остварувањето на финансиските резултати и профитот на компанијата.
Колку е поголема компанијата, толку е поголема и потребата за вработување кадри специјализирани за одредени области. Секторот за човечки ресурси има клучна улога во обезбедувањето соодветен кадар, но и обезбедување на кандидатите со комплетна информација за работната позицијата, културата што ја негува компанијата и алатките за развивање на кадрите.
Задржување на стручните кадри
Во денешно време е изразена потребата од стручни кадри, а голем предизвик претставува нивното задржување на работните места, особено на оние што покажуваат добри резултати. Секогаш е подобро да се вложува во развојот на вработените отколку да не се вложува и да се соочуваме со други предизвици.
Морам да напоменам дека во делот на задржувањето на вработените колку што е клучна улогата на секторот на управување со човечките ресурси, исто толку значајна улога и голема одговорност имаат менаџерите/лидерите на тимовите. Причината е едноставна - различно е кога се водат тимовите од тоа да се управува со нив.
Секторот за човечки ресурси има обврска постојано да обезбедува едукации, да прави работилници, да отвора можности за развој во компанијата и да ги едуцира менаџерите/лидерите за управување со луѓето. Но, никако нема обврска тоа да го прави наместо менаџерите на тимовите, бидејќи практиката покажува дека кога станува збор за поставување цели и водење на тимот да бараат изговор со реченицата: јас тоа не го знам, тоа во човечки ресурси. Или најчесто бараат од секторот човечки ресурси да бидат сработени задачи кои се однесуваат за луѓе. Овој пристап е апсолутно погрешен бидејќи за една компанија и тоа како е важно да се поставени вистинските луѓе на вистинските места.
Кога вработените знаат дека нивната работа е признаена и препознаена, наградена, кога имаат можности за развој преку развојни програми, тренинзи, обезбедување сигурност/безбедност на работните места, тие стануваат попродуктивни. Потребна е добра координација и соработка меѓу секторот за управување со човечките ресурси во поглед на поставување, спроведување и следење на системите и секој менаџер/лидер кој управува и води тим. А сето ова, кога добро функционира, дава резултати на ниво на целата компанија!
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.