Кога за некој ќе речете дека е професионалец, веројатно тогаш мислите на човек кој држи до ред и има манири. Не сте згрешиле. Тоа и се професионалци. Луѓе кои ја знаат својата работа, одлични соработници и лидери, а покрај тоа се и приземјени.
Пишува: Ениса Селмановиќ-Салкиќ, основач и извршна директорка на агенцијата „Консултор“ www.consultor.ba, enisa@consultor.ba
Јас сум професионалец! Гордо изговори оној што не ви одговорил на вашата е-порака седум дена. Со нескриена гордост го изговори тоа оној што доцни на секој состанок.
На спротивната страна од вас, тоа го рече и оној што не ве поздравува кога ќе ве сретне. Тоа го вели некој што ве дави на бескрајниот и бесмислен состанок. Сите оние што мислат дека се професионалци, често го користат тоа и како изговор. Задоцнил - професионалец е, му се може. Не ви одговорил на е-пораката – професионалец е, му се може. И да не набројувам понатаму, мислам дека пораката е сосема јасна.
Ретко кој збор станал толку депласиран и сѐ повеќе користен како синоним за нешто лошо. Кога некој сам за себе од почеток ќе рече дека е професионалец, веднаш знаете дека не е. Ниту блиску до тоа.
Од друга страна, кога вие за некого ќе кажете дека е професионалец, тогаш веројатно мислите на човек кој држи до ред и има манири. Тоа и се професионалци. Луѓе кои ја знаат својата работа, одлични соработници и лидери, а покрај тоа се и приземјени.
Кои се навистина професионалци? Не се тие што мислат дека се, туку оние на кои гледаме со восхит и сакаме да бидеме како нив кога ќе пораснеме. Што ги прави да се професионалци?
Став и однесување - на секој чекор, лесно и необременето искажуваат почит. Кон колегите, соработниците, кон клиентите и купувачите. Кон сите. Зборуваат убаво и со почит кон соговорникот, кога ви се обраќаат, се чувствувате убаво поради начинот на кој ви се обратиле. Искажуваат благодарност и секогаш убаво замолуваат. Ве почитуваат како човек, вашето постоење, вашето време, вашата работа. Со нив не управува егото, се прашуваме и дали воопшто имаат его? Во сѐ што прават покажуваат висок степен на интегритет. Не даваат лажни ветувања, се обврзуваат на она што знаат дека можат да го исполнат. Ги разбираат потребите на луѓето околу нив, покажуваат сочувство и се посветени на односите во кои се наоѓаат. Храбри се во преземањето ризик, решителни се и ефикасни во донесувањето одлуки. Се поздравуваат убаво, преку насмевка ве прашуваат како сте и изгледаат како навистина да ги интересира како сте. Дури и кога ќе ве сретнат десет пати во ходник, ви упатуваат насмевка. Не озборуваат и не го дозволуваат тоа во нивното опкружување. Отворени се да разговараат за тоа колку знаат или не знаат, сакаат да научат. Прашуваат, замолуваат за појаснување ако нешто не им е јасно. Кога дебатираат, го прават тоа со аргументи и факти. Ако не се во право, го признаваат тоа.
Комуникација - на е-пораките секогаш одговараат навреме, дури и за да ве известат дека ги примиле и да ви најават кога ќе добиете повратна информација. На повиците се јавуваат и возвраќаат кога имаат можност. Прво се извинуваат што не можеле веднаш да реагираат. А и вам ви е непријатно што ви се извинуваат, па и вие почнувате да се извинувате што сте ги повикале во незгодно време.Работната комуникација не е оптоварена со емоции, не бараат изговори и не ги „лечат своите комплекси“ на тимските состаноци. Кога слушаат, тоа е внимателно и со разбирање. Покажуваат интерес за темата за која зборувате, дури и когане им е интересна. Не викаат и не пцујат. Не ги прекинуваат другите додека зборуваат. Комуницираат конкретно и јасно, па немора да одгатнувате што сакал „писателот“ да каже. Комуницираат тактично и отворено.
Организација - организирани се и ефикасни. Ги планираат времето и активностите. Ги почитуваат вашето време и вашите планови. Работаат системски и комуницираат. Кога доаѓаат на работа, знаат зошто дошле и имаат цел. Кога доаѓаат на состанок, знаат зошто дошле и се држат до тоа. Ги почитуваат роковите. Своите, а и оние што некој друг ги поставил. Доколку видат дека не можат да стигнат од причина која не е во нивна моќ, се јавуваат навреме и замолуваат да се продолжи рокот. Не водат долгометражни и бесцелни состаноци. Состаноците ги организираат кога е неопходно и со однапред испланирана агенда до која се држат. Би можела да набројувам со денови, но јасно е дека веќе сте се сетиле на некој од вашето опкружување што е таков. Можеби и вие сте такви. Ако сте -честитам, продолжете така. Ако не сте - можете да научите.
Не е важно да се нарекувате професионалец, важно е да се однесувате така. Како вистински професионалец.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.