Човечки ресурси

Зошто луѓето си одат?

21 Sep 2023

Финансиската стабилност е број еден, без разлика кој зборува или тврди поинаку. Не можете на човек кој не живее нормално од својата работа да му кажете дека вие сте најдобра компанија и да отидете на трет тим-билдинг што го договоривте во својата супер „кул“ просторија за размислување

Пишува: Ениса Селмановиќ – Салкиќ, основач и извршна директорка на „Консултор“, www.consultor.ba

Зошто луѓето си заминуваат од компаниите? Особено оние што до вчера изгледаа среќно и задоволно. И наеднаш – бум! Си оди. Изненадувачки, без предупредување. Доцна е тогаш да го задржуваш и да го застанеш.

Одлуката за заминување се донесува на емотивно ниво, особено ако некаде долго се работело. И кога ќе се донесе – донесена е, тоа е тоа. Ако по чиста случајност и успеете да го задржите, не сте направиле ништо – ќе замине наскоро. Само си ја продолжувате агонијата и себеси и нему.

Зошто навистина заминуваат? Поради незадоволство, логично. Но, тоа го знаете и без мене. А, од што се незадоволни?

Ајде јас да ви кажам поради што луѓето се незадоволни, па вие размислете што им недостигаше на вашите, па заминаа.

Прво, пари. Ако има доволно пари да не му ја исклучат струјата, да оди на море без да се задолжи во три банки и кај двајца роднини, да оди во продавница без да помине претходно три продавници за да најде поевтин замрзнат грашок. Да не набројувам уште, треба да биде платен така за да не биде финансиски оптоварен. Да не размислува дали ќе има пари до пред крајот на месецот. 

Финансиската стабилност е број еден, без разлика кој зборува или тврди поинаку. Не можете на човек кој не живее нормално од својата работа да му кажете дека вие сте најдобра компанија и да отидете на трет тим-билдинг што го договоривте во својата супер „кул“ просторија за размислување. Значи – пари.

Второ, почит. Признание. Многу повеќе за мотивацијата ќе направи „Благодарам, ова одлично го направи“ отколку оние фотелји што изгледаат како вреќи. А и поевтино е. И вам ви е драго кога некој ќе ве пофали. И фино разговара со вас, како да сте човечко суштество. Ви придава важност и ве разбира. Што ве спречува и вие исто да се однесувате кон вашите луѓе и колеги? Аха, ништо.

Трето, комуникација – која е двонасочна и транспарентна. Без да му се удира по нос ако ви каже дека нешто сте можеле многу подобро да го направите или дека нешто сте погрешиле, не дај боже. Во атмосфера на страв, нема комуникација. Што повеќе зборувате и комуницирате, поголеми се шансите дека ќе ви биде полесно да ја завршите работата. Дека проблемите ќе ги решавате во „од“. Дека некои проблеми и ќе ги спречите. Дека ќе дојдете до супер идеи, дури и без „просторија за размислување“. Комуникација и точка.

Четврто, развој. И птиците на гранка знаат дека без развој и учење нема напредок. Како за поединецот, така и за фирмата. Делете го своето знаење, делегирајте, учете, развивајте... Напредувајте. Направете план за развој на најдобрите и на оние што го сакаат тоа. Научете ги, нека одат напред и нека придонесуваат со нови знаења. Не чувајте го љубоморно тоа што вие го знаете, не патете од незаменливост. Делете знаење, барајте знаење и растете заедно со вашите луѓе.

Одлуката за заминување се донесува на емотивно ниво, особено ако некаде долго се работело. И кога ќе се донесе – донесена е, тоа е тоа. Ако по чиста случајност и успеете да го задржите, не сте направиле ништо – ќе замине наскоро.

Петто, фидбек. Не така „ма ние постојано ти зборуваме“ – тоа е оперативен говор, почесто еднонасочен и инструктивен. Фидбек е во некој момент да седнете со својот човек еден на еден и да зборувате за цели, развој, мотивација, за тоа што е добро, а што не е, дали сте добар шеф или не сте... и не кажувајте дека немате време, еден саат еднаш во три месеци е сосема доволно. Ако не можете да најдете еден саат во три месеци, тогаш имате други проблеми. Соберете се, не глумете презафатен менаџер.

Зборувајте со своите луѓе, дајте им простор да разговараат со вас. За себе, за вас, за работата, за минатите успеси и неуспеси, за идните планови.

Забележете, реагирајте, охрабрете. Поддржете и помогнете. Бидејќи фидбекот е почеток – треба да се направи нешто и по него.

Шесто – нема шесто. Нема да мудруваме и да ја разводнуваме работата. Ниту да измислуваме топла вода и да комплицираме. Тоа е тоа.

Ова им треба на луѓето. Ова, на крај, ви треба и вам за да бидете мотивирани. Ова го сакате и за себе. Тогаш. Што се чека?

 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...