Човечки ресурси

ЈАС СУМ ШЕФ! (како не треба)

22 Jun 2023

Сакаш да направиш разлика. Сакаш да успееш. Сакаш да си најдобриот шеф што луѓето некогаш го имале и за кој ќе зборуваат уште долги години откако ќе се пензионираш

Пишува: Јелица Ивановска, консултант за организациски развој

Поминаа времињата кога секој од нас работеше само за да заработи и да може да обезбеди пристоен живот за себе и за своето семејство. Поминаа времињата кога пазарот на труд кај нас беше толку закрепостен, што луѓето испотресени ги читаа огласите и цело семејство помагаше да се поднесе апликација на вистински начин. Поминаа времињата кога нашите критериуми беа толку ниски, што се сведуваа на тоа „да сум пријавен/а и да ми е редовна платата“, а интервјуата беа настан каде што никако „не смееш да го лутиш оној што треба да го молиш“.

Веќе години наназад мотивот за да работиме е многу сменет, критериумите ни се далеку повисоки и веќе одењето на интервју не е траума. Денес работиме за да може да изградиме кариера. Да бидеме успешни. Да растеме професионално. Да сме задоволни и реализирани како професионалци. Да си обезбедиме одреден социјален статус со кој ќе можеме да си докажеме дека сите години учење, искуство, долги часови поминати на работа и сите други фрлени жртви не ни биле залудни.

И во тој наплив на модерни термини поврзани со развојот на знаењето и кариерата, модерни називи на позиции кои уште само што не сме ги нарекле „Дедо Боже“ или нешто еднакво возвишено, веројатно една од омилените реченици на поголемиот дел од нас (секоја чест на исклучоците) е: „Ме промовираа. Станав шеф.“ Се смешкаме. Срцето засилено ни чука. Дланките ни се потат од возбуда. Не трепкаме. Речиси и да не ни дишеме, додека свечено изјавуваме: „Станав шеф.“

Не занесувајте се дека заминале затоа што не знаат да се носат со „малку“ притисок. Не занесувајте се дека „оваа индустрија не е за секого“. Тие заминуваат поради вас. Вие сте криви.

Има, има возбуда во тоа да се биде шеф. Имаш тим. Сонуваш да ги поправиш грешките на сите твои претходни шефови. Сонуваш како ќе работиш со луѓето и како ќе ги развиваш. Сонуваш како заедно ќе правите процена на ризик. Сонуваш за тоа како ќе ги искористиш знаењето и искуството на членовите на тимот. Веќе ги имаш осмислено сите следни состаноци и тим-билдинг настани. Сакаш да направиш разлика. Сакаш да успееш. Сакаш да си најдобриот шеф што луѓето некогаш го имале и за кој ќе зборуваат уште долги години откако ќе се пензионираш. И да, знаеш дека да бидеш шеф е одговорност. Исто како кога стануваш родител.

Ама тоа е нели за оние што се просечни, обични и простете на можеби несоодветниот и по малку дрзок опис, ама нормални луѓе. Луѓе воспитани. Луѓе преполни со основна човечка пристојност.

Има и една друга категорија на шефови. Тие за себе сметаат дека се рамни со боговите. Позицијата шеф (која модерно ја нарекуваат лидер, без да знаат дека лидер е повеќе лична карактеристика отколку назив на позиција) претставува апсолутна моќ. За нив имањето тим е речиси еднакво со имањето свои лични робови. Праќаат строги е-пораки преполни со суптилни закани во четири попладне во сабота, тамам да им го упропастат викендот на луѓето. Ѕвонат на телефон во секое време и невреме и најавуваат дека им требате итно на пет минути, а потоа со саати си прават генерална проба на своите генијални идеи. Туѓото мислење не го земаат како релевантно. Другите се тука да молчат и да слушаат. Секој успех е лично нивен. Секоја грешка или неуспех е затоа што „овие моиве (читајте тимот) се неспособни“. Не поставуваат прашања затоа што тие сѐ знаат. Не дослушуваат. Кога некој се согласува со нив, благо му се смешкаат и го прогласуваат за единствениот во тимот кој навистина ги разбира и автоматски го вбројуваат во рангот на миленици. Кога некој ќе проба да им укаже на грешките или, не дај Боже, нема да се согласи со нив, сериозно се лутат и дрско одвраќаат: „ЈАС СУМ ШЕФ. ИМА ДА СЕ ЗНАЕ“ (ма има и на небото да се напише!). Тоа се луѓе кои се заслепени од славата која мислат дека ја добиле со позицијата што им е дадена. Тоа се оние што сметаат „еве сега дојдоа моите 5 минути и сега јас ќе им покажам на сите“.

Е па не може така, другари. Не се прави така.

Тимот не е ваша лична сопственост. Тие не ви се робови. Тие ви се колеги.

Да бидеш шеф е одговорност. Исто како кога стануваш родител.

Ако го исклучите времето што го трошите на спиење, јадење, физиолоши потреби, куцкање на телефон, лична хигиена и слично, ќе видите дека токму со тимот поминувате најдолго ефективно време во текот на денот. Да, вие всушност живеете со тие луѓе. И да, за жал, вие како шеф го дефинирате квалитетот на нивниот (и својот) живот на работа.

Тие не се ништо помалку од вас. И тие ги имаат истите желби и потреби како вас пред да станете шеф. Имаат проблеми, прават грешки и ним не им е секој ден сончев. Тие не се виновни што вие сте им се погодиле да им бидете шеф. Едноставно сте им биле доделени и сега „со здравје да ве носат“. Тие никому ништо не згрешиле, а сепак се секојдневно казнети со вас.

Запаметете, тие никогаш нема да можат да го надоместат тоа што вашите родители не ве гушкале доволно или не ве научиле што значи основна човечка пристојност. Никој тоа не може да го направи. Веќе е доцна.

А не е дека не пробуваат. Пробуваат да ви покажат дека ве почитуваат. Кога тоа нема да им успее, пробуваат да ви покажат дека се навредени и лути од вашиот однос. Па кога ни тоа нема да успее, пробуваат да ви се доближат и пријателски да поразговараат со вас. Пробуваат да ве начекаат кога сте добро расположени или благо потпијанети на некоја новогодишна забава за да ви кажат што им треба. Пробуваат суптилно да ви предочат како сите заедно можете да бидете професионално посреќни и поуспешни. Ама разбирачка нема.

И еден ден креваат раце. Доста им е од вас. Заминуваат додека да трепнете.

И не, не занесувајте се дека заминале затоа што не знаат да се носат со „малку“ притисок. Не занесувајте се дека „оваа индустрија не е за секого“. Не занесувајте се дека работата им била претешка, часовите предолги, проблематиката премногу комплексна. Не занесувајте се дека застанале во времето и фирмата ги надраснала. Не.

Тие заминуваат поради вас. Вие лично сте одговорни. Да се изразам со речникот кој вам ви е поблизок, вие сте криви.

И џабе плукате по нив. Џабе сите несоодветни коментари и недолични квалификации кои ќе им ги доделите откако ќе заминат. Џабе се лажете и себеси и сите околу вас дека подобро е што заминале, дека сега конечно ќе бидете посреќни и поуспешни.

Тие си заминале. Вие сте криви.

И сега ќе мора да почнете сѐ од почеток, со некој нов, кој сигурна сум ќе биде еднакво „неспособен“ како и оние што заминале. Додека и тој/таа не се откаже од борбата со вас.

Не дека ви е важно. Не дека нешто ќе смените кај себе. Не дека од утре ќе станете подобар човек и подобар шеф.

Ама ете, чисто колку да знаете.

Белешка за авторката

Јелица Ивановска е бизнис-професионалец со 20-годишно искуство во областа на генералниот менаџмент, управувањето со човечки ресурси, организацискиот развој и oперации во големи мултинационални компании за производство и за продажба. По образование е дипломиран економист по менаџмент на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, а посетувала и едукација од областа на гешталт-психотерапија на Институтот „Гешталт“ во Скопје. Исто така, таа е сертифициран NLP practitioner. Кариерата ја градела во големи компании како: Леарница Кранфилд, „Вистеон електроникс“, „Џонсон контролс“, „Сокомак Битола“, „Пивара Скопје“, „Пристоп Мк“ и др. Има поминато повеќе од 5 години работејќи како консултант за организациски развој и оптимизација на процеси во многу компании. Нејзината експертиза се однесува на организациски развој, поставување гринфилд-операции на македонскиот пазар, дефинирање и спроведување деловна стратегија, водење деловни интеграции и аквизиции, водење процеси на реорганизација и оптимизација на процесите во компаниите, обезбедувајќи заштеди во различни области, а поседува и вродени способности за идентификација и имплементација на алатките и методите што го поддржуваат успешниот развој на компаниската култура.

 

 

 

 

 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...