Маркетинг

Петар Васиќ: Пет совети за користење „Инстаграм“

13 Oct 2015
Следете ги чекорите за создавање и за градење вистински амбасадори на вашиот бренд...
 

Автор: Петар Васиќ, сопственик и директор, „Васиќ медиа"

  • Поставувајте фотографии од производите/услугите!

Се занимавате со малопродажба? Фотографирајте ги новите производи, новите намени на старите производи (на пример, ако продавате пиво – чаша за пиво како вазна за цвеќе). Опциите како вашите производи можат да се користат на најдобар начин се одлична идеја за „Инстаграм". На тој начин создавате „кул" виртуелен излог, за сè што можете да понудите и да уредите како што сакате вие. Луѓето ќе дознаат повеќе за вашите производи, патем и за вашиот бизнис, и со тоа ќе почувствуваат дека веќе го „познаваат" вашиот бренд. Доколку нудите услуги, фотографиите од вашата работа и задоволните купувачи се одлична идеја за „собирање" заедница, која ќе биде заинтересирана за вашата дејност и која, полека, но сигурно, ќе стане заговорник и корисник на брендот.

  • Покажете што се крие зад кулисите!

„Инстаграм" е одлична платформа за споделување видеосодржини. Покажете како изгледа вашиот производствен процес, снимете ги впечатоците на купувачите и нивното време поминато во вашата продавница. На пример, ако имате фризерски салон, може да го прикажете текот на процесот на фризирање, боите за коса што ги имате во понудата, кои се вашите омилени средства за коса или да ги замолите клиентите да кажат нешто за вашиот инстаграм-профил. На тој начин, вашите следбеници ќе имаат можност да ѕирнат во вашиот свет и подобро да разберат како функционира вашиот бизнис.

  • Вработените – задолжително присутни!

На вработените гледајте како на ликови од мини-серија на интернет, во ваша режија. Инстаграм-следбениците ќе имаат можност да ги запознаат ликовите преку објавите и да развијат посебен однос кон нив и со нив. Освен тоа, тие ќе ја запознаат и културата на вашата компанија и ќе увидат дека имате близок и пријателски однос кон вработените. На тој начин, следбениците ќе се поврзат со вашиот бренд и ќе го ценат повеќе.

  • Замолете ги купувачите/корисниците да учествуваат!

Секој бренд треба да се стреми кон развој на офлајн и онлајн-заедницата. Охрабрете ги своите купувачи да се вклучат во заедницата, да објават креативен хаштаг и повикајте ги да постираат слики од вашите производи или услуги. Обезбедете им простор каде што ќе можат да споделуваат содржини, меѓусебно да се запознаваат и да се поврзат. Така ќе создадете амбасадори на вашиот бренд, кои ќе ви бидат најголема промоција и поддршка.

  • Креирајте ексклузивни понуди за вашите следбеници!

Создадете објави што ќе повикуваат на акција. На пример, секој што ќе испие пиво за 15 секунди и ќе го постави видеозаписот на „Инстаграм" со вашиот хаштаг – добива гајба пиво. На тој начин ќе создадете заедница, која се забавува и ужива во комуникацијата со вас. Така се градат вистинските амбасадори на брендот!



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...