Локално

Драган Јосифовски, Paket.mk: Ја јакнеме лидерската позиција

30 Sep 2020

Од идеја во текот на студиите во Лондон, до развoj на концептот и реализација во земјава проследена со многубројни предизвици. Вака накратко може да се опише почетокот на Paket.mk пред две години. Во време кога е-трговијата станува светски тренд, со Драган Јосифовски, основач на е-супермаркетот, зборувавме за состојбата во Македонија, главните предизвици, но и можности што ги носи онлајн-продажбата

Разговараше: Алма Растодер, alma@instore.mk

Работата на Paket.mk почна пред повеќе од две години. Како се создаде идејата за отворање на е-супермаркет? Како се одвиваше работата на почетокот?

Почнавме со работа во јануари 2018 година, но идејата и подготовките почнаа една година порано. Идејата ја добив во текот на моите студии во Лондон, а следната година целосно се посветив на развивање на концептот и техничката изработка и имплементација на решението. Како и сè друго, на почетокот беше тежок и се соочувавме со многу предизвици. Сепак, можам да кажам дека концептот генерално функционираше и беше добро препознаен од купувачите. Тоа што најмногу нè охрабруваше беа одличните коментари и рецензии од потрошувачите. Во недостиг на позитивни финансиски индикатори, корисничкото задоволство е тоа што ви дава уверување дека се движите во вистинскиот правец. Всушност, сметам дека корисничкото задоволство е предвесник на позитивните или негативните финансиски резултати бидејќи финансиските индикатори се со прилично одложен ефект, додека корисничкото задоволство настапува веднаш.

Како почна соработката со маркетите „Зур“, дали сè уште соработувате?

На почетокот концептот беше замислен да функционира преку соработка со некој од постојните синџири супермаркети. „Зур“ беа првите што го препознаа потенцијалот. Со текот на времето се покажа дека концептот на комплетирање на нарачките преку постојните продавници тешко функционира, особено доколку сакате да постигнете ескалација, па соработката заврши по една година. Во меѓувреме отворивме сопствен магацин и изградивме сопствена залиха. Тоа е концептот по кој работиме и до денес. Создавањето на сопствените капацитети го направи Paket.mk водечки онлајн-супермаркет во Македонија. Сепак, јас сум бескрајно благодарен на шансата што ја добивме од „Зур“ и нивната храброст и визија. Ретко кој веруваше во онлајн-трговијата во тоа време.

Веќе почнавме нов инвестициски циклус и за кратко време се селиме во значително поголем дистрибутивен центар.

Почнавте со онлајн-продажба кога е-трговијата во Македонија беше во зародиш. Направете ни споредба од работењето тогаш и денес, кога имаме повеќе е-продавници?

Искрено, сметам дека ситуацијата не е значително променета. Сè уште најголемиот дел од лидерите на пазарот работат со многу скромни капацитети. Гледам две главни причини за ова. Првата е недостиг на know-how во клучните функции во е-трговијата, како што се технологија, логистика и односот со потрошувачите. Второто ограничување е нелојалната конкуренција која постои во многу категории од е-трговијата – замислете да продавате брендирана облека и секојдневно да ви се јавуваат на „Инстаграм“ реклами од копии кои се презентираат и прифаќаат како нормалност.

Промената што ја предизвика пандемијата е повеќе на страната на потрошувачите. Значително се зголеми бројот на луѓето што се одлучуваат да пазарат онлајн, во вистинска смисла на зборот: од плаќање до достава. Тоа е навистина значаен ефект бидејќи светското искуство покажува дека „качувањето на скалило“ во потрошувачките онлајн-навики е еднонасочно и има тенденција на зголемување на фреквенцијата на купување.

Брзината на доставата е клучна, а секако и свежината на производите. Како ги решавате овие предизвици? Дали имате сопствен возен парк или соработувате со некого?

Брзината, точноста и свежината на производите се навистина важни. Тие се и едни од главните области во кои се разликуваме од конкуренцијата. Paket.mk успеа да изгради систем за достава кој одлично функционира. Имаме сопствена флота за достава која постојано се зголемува. Возилата се опремени со соодветна опрема која овозможува задржување на ладниот синџир од нашиот фрижидер во магацинот до фрижидерот на потрошувачот. Велам од фрижидер до фрижидер, бидејќи создадовме уникатен систем кој е микс од разладна опрема во возилата и специјална амбалажа која овозможува задржување на ладниот синџир сè до распакувањето и складирањето во фрижидерот на купувачот.

Македонските потрошувачи се подготвени за посовремени е-продавници, понапредни решенија и поголем избор.

Какво решение користите за синхронизација на залихите? Како е воспоставена соработката со доставувачите (производители и дистрибутери)?

Во поглед на водењето и синхронизацијата на залихите користиме софтвер кој е специјално развиен за онлајн-продавници и го применуваат успешни светски продавници. Домашните решенија имаат свои предности, но и недостатоци. Ние се одлучивме за интернационално решение кое е тешко и скапо за имплементација, но овозможува напредни функционалности.

Во однос на соработката со добавувачите, Paket.mk функционира како класичен малопродавач. Имаме годишни договори за соработка и правиме периодични набавки кои, исто така, се раководени и помогнати од современо софтверско решение.

Корона-кризата направи тектонски нарушувања во поглед на е-продажбата. Како Вие се соочивте со овој период? Сметате ли дека ќе остане навиката да се купува онлајн и во иднина?

Корона-кризата значително ја раздвижи индустријата. За илустрација, реализираната продажба во април 2020, во споредба со април 2019, кај нас беше зголемена за речиси 800 проценти. Paket.mk успешно се справи со комплетирањето на нарачките, точноста и задржувањето на одличното корисничко искуство. Од друга страна, можевме да направиме повеќе во однос на искористување на пазарниот потенцијал, бидејќи побарувачката беше најмалку 2-3 пати повисока од реализацијата. Ова се случи поради ограничениот капацитет на слотови, па во одредени периоди првиот достапен слот (термин за достава) беше и за 7 дена од моментот на правење на нарачката. Во тој краток период не успеавме да ги прошириме просторните капацитети и да отвориме значително повеќе слотови. Единствено што можевме да направиме е да ангажираме повеќе вработени и да работиме со 130% од капацитетот – ситуација во која функциониравме речиси пет месеци.

Сметам дека навиката за купување онлајн во голема мера ќе остане. Онлајн-купувањето има големи предности во однос на физичкото пазарување. Уште повеќе, во ситуацијата на Paket.mk корисничкото задоволство е значително поголемо во споредба со конкуренцијата. Во таква ситуација, клучот за пораст на продажбата лежи во пробувањето.

Сметате ли дека македонските потрошувачи се подготвени за повеќе е-продавници? Според Вашето искуство, како ќе се развива е-трговијата кај нас и што треба да се направи за подобро работење?

Мислам дека македонските потрошувачи се подготвени за посовремени е-продавници, понапредни решенија и поголем избор. Мислам дека тоа ќе се постигне преку поголеми продавници наместо преку повеќе продавници.

Во Македонија, сметам дека во следниот период ќе се случуваат окрупнувања на пазарот и ќе гледаме ситуации каде што дел од компаниите значително ќе пораснат, а дел ќе се здружуваат и ќе бидат преземани. Мораме да имаме предвид дека е-трговијата функционира врз основа на значителна ефикасност која најчесто се постигнува со голем обем.

Дали сè уште сте надворешен консултант во „ИнБев“? Кажете ни нешто повеќе за тоа искуство?

Не, тоа беше консултантски проект кој траеше 4 месеци и се реализира за време на моите постдипломски студии во Лондон. „АБ Инбев“ бараше надворешна експертиза и идеи за подобрување на конкурентската позиција користејќи ги модерните технологии. Мислам дека постигнавме одличен успех и дел од решенијата се применија на национално ниво.

Какви се очекувањата во поглед на финансиското работење на Paket.mk? Дали планирате да вклучите новитети, нови категории на производи и сл.?

Во првата половина од 2020 година Paket.mk првпат забележа профит. Мислам дека тоа е солидна позиција имајќи предвид дека се работи за стартап во индустрија која се покажала како проблематична во минатото. Веќе почнавме нов инвестициски циклус и за кратко време се селиме во значително поголем дистрибутивен центар. Во следните неколку месеци ќе видите уште подобар Paket.mk со многу повеќе категории, производи и функционалности. Paket.mk има намера да ја зајакне лидерската позиција, уште повеќе да ги импресионира и да им го олеснува животот на потрошувачите, но и да стане препознатлив македонски бренд со кој сите ќе се гордееме.

 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...